ФИЛИП ГРУЈИЌ, ПИСАТЕЛ: Пишувам кога ќе сфатам што сакам да кажам!

218

Петти октомври 2021 во календарот на младиот писател Филип Грујиќ ќе стои како датум кога во МКЦ ја одржа промоција на „Потстанар“. Промотор Сашо Огненовски, модератор Јулијана Величковска.
„Потстанар“ е, опишан како лирска, минималистичка приказна за израснувањето и созревањето во светот што ти нуди безброј опции, само што сите тие се сведуваат некако на исто, а тоа исто– како на „пораснат субјект“– баш и не ти изгледа премногу привлечно. Во својата изместеност и благата ониричност, овој роман има дури и по малку муракамиевски трик во себе…
Овој роман го надополнува неговото портфолио, во кое стои дека негов прв роман е „Блудните денови на курестиот Џони“, па потоа Филип станал и прозаист. Една година потоа ја добил Стериината награда а неговиот прв драмски текст „Не пред 4.30 ниту по 5.00 часот“ што сѐ уште се игра во „Ателје 212“ во Белград под наслов „Пред зазорување“. За истата драма ја добил и наградата „Слободан Селениќ“.
Неговата втора драма „Вилицата на Ибан Баерс“ е поставена во Српскиот народен театар под наслов „Големата депресија“. За овие две драми и за драмата „Таму каде што пеат“, што ја изведуваа студентите од ФДУ- Скопје, ја доби и наградата „Борислав Мијаловиќ Михиз“. Неговиот втор роман „Потстанар“ што излезе во издание на ЛОМ од Белград беше во потесен круг за НИН-овата награда и во потесен круг за наградата на Европската Унија.
Синоќа помина промоцијата, дали тоа беше она што вие го очекувавте?
-Па искрено не знаев ни што да очекувам, затоа што просто доаѓав на место каде немав претходна книжевна промоција, освен на мој драмски текст, и не знаев како ќе биде. Па некако сум пријатно изненаден, всушност од количината на луѓето кои беа, дојдоа, следеа, слушаа никој не замина на половина.
Ова ви е прв пат да дојдете во Македонија?
-Не е. Ова е четврти, претходно промовирав драмски текст кој овде се играше, “Таму где певају”(„Таму каде што пеат“) се вика, тоа го правевме со студентите по глума како дипломски испит пред две години, а бев и во 2016 кога свирев со еден рок инди алтернативен бенд, на повик на пријатели од Македонија со кои свиревме во Германија. Не поканија да имаме заеднички концерт, со “Мистрес галери”, и Виктор и неговите екипа ја организираа таа свирка во “Маракана”. Така што секогаш убави работи ми се случувале, кога ќе дојдев во Скопје.
Како решивте токму оваа книга да ја промовирате овде. Беше тоа Ваша одлука?
-Не, ме повикаа дека сакаат да ја преведат на македонски и се договоривме кога ја преведоа и кога излезе да организираме промоција. Ме повика пред три недели и тогаш се договоривме.

Толку млад а веќе тргнуваве од ѕвезените писателски патеки. Какво ви е чувството?
-Па пријатно, не велам дека се некои богзнае какви ѕвездени патеки нити дека нешто се менува во животот, но убаво е да имаш можност да одиш некаде и таму некаде каде ќе одиш да имаш некој да те дочека. Мислам дека тоа е целата поента.
Па не е баш мал комплимент еден Теофил Панчиќ да каже така убави работи за вас, а исто и Милена Марковиќ. Го цитирам Теофил– “Ѕвонлив глас, циничен и сентиментален, нежен и отуѓен, што со шепот вика за новите луѓе без имиња и без презимиња, без работа и, божем, без големи мисли и соништа. Многу моќен глас. Многу потресна приказна. И смешна”.
-Драго ми е што го напиша тоа, таа критика, и се е некако возбудливо. А како на млад секоја критика, особено од некои значајни луѓе, значи, поради тоа што треба да продолжам со некој своја работа а тоа е секогаш некој ветер во грб, што некој ти го дава.
Колку книжевни дела имате досега?
-Два романи и три драми.
Што сте по професија?
-Јас завршив драматургија на факултетот за драмски уметности,таму и основни и магистерски студии сега ќе ги подготвувам докторските така што, мислам ние драматурзите немаме точна одредница.

Филип, вие сте роден во Нови САД, сега живеете и работите во Белград. Како е животот во Белград?
-Возбудливо.
Дали може да се живее од ова што вие го работите?
-Па, само од пишување на романи и драми, исклучиво од тоа не, но од разни видови на пишување може, ако пишувате серии или пишувате реклами. Кај нас многу серии се снимат и многу се заработува од тоа.
Сакате да работите на серии, некои ги сакаат некои не.
-Јас не работев многу на серии, некако гледав да живеам од друг вид на пишување. Некогаш успевам, некогаш не. Работам и во Радио Београд 2 како водител на емисии и така, од разни страни се собираат пари. Скап е Белград. Скап е и динамичен и тоа ми е убаво. Но се заработуваат некои пари.
Сметате ли дека Белград е сепак центарот на културата на Балканот?
-Па сега, не знам дали навистина на Балканот, не верувам дека е на Балканот центар на култура, но Белград е голем град и тоа не можеме да му го оспориме и секогаш луѓето доаѓаат во Белград, доаѓаат во Загреб, доаѓаат во Скопје, доаѓаат во Сараево, во Љубљана. Постојат повеќе центри. Но Белград е голем и тоа што е негова величина, мислам дека е најголем град на овие простори, по големина, така што на некој начин претставува еден од центрите.
Што е за вас како млад писател е најголема провокација, да седнете на стол и да напишете нешто, некој роман, некоја приказна, некоја драмска пиеса.
-Пишувам кога ќе сфатам што сакам да кажам и кога ќе помине некој период од нешто. Не можам да кажам “период”, имам 26 години, не поминало многу време од работите, но некои работи просто дали ме заинтересирале или ме повредиле или ме возбудат и потоа за нив размислувам и колку долго за нив размислувам, тогаш почнувам да пишувам. И тоа е некако моментот кога почнуваш со некоја возбуда па потоа средината на романот е всушност најтешка да се напише и да се истурка, и тој е тој предизвик да се напише средината, и тогаш кога се ближи кон крајот некако за мене е некако полесно, значи тука си, и секој збор е поблиску до некој крај, а таа средина е всушност е она што е најтешка работа.
Кој е ваш идол се ова што го правите? Мора да имате некој концепт, некој лик од историјата или од сегашноста кој (потсвесно) ве насочува.
-Не можам да речам дека ме насочува, но постојат писатели чија работа исклучително ја почитувам, тука секако спаѓа Карл Ове Кнаусгард, норвежанецот кој ја напиша “Мојата борба”. Тука спаѓа, писателот од 20 век Фанте, исто и русинот Довлатов, така што има разни и од сите страни на светот. Кога почнував романтичарите ми значеа многу за да почнам да пишувам, од Гете и Флобер се почнува да се гради некој свет. Да за мене Флобер беше значаен, “Сентиментално воспитание” ми беше еден од позначајните романи на студии, кога почнував, за да сфатам како се пишува за млад човек кој е центар на приказната.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.