Почетна ИНТЕРВЈУ ГОРДАНА АДАМОВ, АЛИЈАС ЛЕПА ЛАНА: Ме нарекуваа Македонка, поради Коста Рацин!

ГОРДАНА АДАМОВ, АЛИЈАС ЛЕПА ЛАНА: Ме нарекуваа Македонка, поради Коста Рацин!

533

Гордана Адамов. Една од најпопуларните пејачки во поранешна Југославија со бројни хитови и албуми, издадени за ПГП РТБ и Југотон.  Хит- песни, кои ја обележаа нејзината кариера се- “Не дај срцу да одлута” (1983), “Позови ме”, “Причао си да ме волиш” (1985), и “Хочу – нечу” (1990).

Гордана Адамов, алијас Лепа Лана како што ја нарече Милован Илиќ Минимакс, се појавила на сцена по замисла на нејзиниот сопруг, композиторот Милутин Поповиќ Захар, откако тој ја прекина соработката со Лепа Брена. Првиот албум “Ја сам Лана” е продаден во над 700.000 примероци. Последниот албум го издава во 1995 година и со сопругот се сели во Америка. Денес живее среќен живот, на релација Кикинда – САД. Во 2019 година, со наградата за животно дело на “Филиграни” во Скопје, се покажува дека сепак не е заборавена на просторите на поранешна Југославија. Најважно за македонската публика, на “Фолк фест Валандово” испеа голем хит “Јас те љубам довека”. 

Ако Ве претставам како Гордана Захар Адамов, многумина ќе се сетат а помладите генерации можеби и нема, но ако кажам дека сега имам задоволство да разговарам со Лепа Лана, тоа веднаш станува јасно и пријатно чувство се буди во повозрасните генерации, и чувство дека тоа име сепак е познато во младите генерации. Како сте, на почеток? Како се носите со оваа комплицирана ситуација за време на овие две пандемски години?
-Ме прашувате како сум? Многу добро, со оглед на тоа дека оваа ужас од корона многу луѓе ги воведе во депресија, анксиозност и загриженост што ќе биде со иднината? За оваа ситуација зборувам како за нешто што го читав пред осум години. Така што го знам целото сценарио и што ќе биде во иднина. Книгата ми остана во Чикаго, жал ми е што не можам да дојдам до неа, зошто и кај мене во меѓувреме се случуваа многу грди случувања. Во една година ми ја ограбија куќата, ми почина мајка, свекрва и вујко, едвај преживеав.
Баш ми е жал. Животот оди понатаму. И покрај се, насмевката не треба да се трга од лице, Вас токму и по тоа Ве познаваме. Убава и ведра Лепа Лана. Лепа Лана, како се создаде тој естраден феномен? Луѓето често велат, да, еве ја ривалката на Лепа Брена.
-Ништо не е е случајно, судбински е се. Не прифаќам да сум ривалка на било кој, затоа што тоа беше идеја на други луѓе. Со тоа ја навредуваат мојата интелигенција, личнос­т и мојата работа. Јас сум уникат, бев и останав, а на некои им требаше таа споредба. Јас бев и останав Гордана Адамов Лепа Лана. Заедничко со Брена единствено ни е Захар, кој и двете не прослави, и Минимакс што ни даде епитет Лепа (убава н.з.), и мене и на Брена.


Вие се појавивте во осумдесетите, бевте активна на сцена до 1995 година, а потоа отидовте во Америка. Потсетите не на своите најголеми хитови во поранешна Југославија.
-Се појави­в од “Захарев” инает. Тие го повредија и јас бев како некоја која ќе и ги замрси конците. Иако го молев Захар да не ме споредуваат со неа, тој тоа го направи настрана од мојата волја. Јасно е веднаш, работата им беше да се создаде омраза кон мене. Јас сум активна и ден денес, но ме тргнаа некои од медиумите за да докажат дека не сум вредна за тоа. Кога видов дека ме минираат на сите начини, јас се свртев кон работа, пеев и уживав во патувањата и во семејството. Значи пеев и натаму, но од слава и кариера не се живее. Имав хитови …”Позови ме”, “Причао си да ме волиш” , “Ванземаљац”, пеев и на фестивалите во Македонија…”Јас те љубам довека” од Јанко Узунов, потоа од Костадин Костадиновски, Мијалче Докузов песната, “Еј љубов моја”, од Драги Митев “Свадбарска песна”. Снимив десет албуми, пеев на сите фестивали во поранешна Југославија, снимив и филм со Јосипа Лисац кој се викаше “Next door”.


Кои беа вашите најголеми соработници и пријатели во славниот период?
-Снимав со Мишо Марковичеќ, Бранимир Ѓоќиќ, Марина Туцаковиќ, Сања Илиќ, Рале и Маца Чајиќ..
Бевте толку популарна што се сеќавам на Вашите интервјуа и насловната страница на најчитаното македонско поп списание “Екран”, кое деновиве означи 51 година од првиот свој број. Но, насловниците не беа случајни, Вие тогаш веќе настапувавте во Македонија, на фестивалите. А неколку месеци пред затворањето на светот, во 2019 година, по долга пауза настапивте на фестивалот “Филиграни”, освојувајќи го Гран прито со прекрасна песна и добивте и награда за животно дело. Ви честитав тогаш лично, еве повторно Ви честитам и во оваа прилика, навистина ја воодушевивте публиката во салата.
-Ви благодарам. Среќна сум што директорот Костадин Костадиновски ми даде две нови песни, ги отпеав во студио кај Дејан. Горда сум што токму во Македонија добив признание, зошто една изрека вели “во Македонија не пеј, не свири, не играј” затоа што вие тоа го правите најдобро. За мене е признание, доказ дека ги поминав вашите високи критериуми.


Можете ли да ни кажете, што е тоа што ве прави посебна, па дури и 30 години по Вашиот активен музички живот, се уште да бидете наградена и запаметена?
Мислам дека тоа е харизмата што ја поседувам и љубовта која обострано ја чувствуваме. Мислам, на публиката и мене. Тоа се огромни вибрации. Публиката тоа го чувствува.

Забележливо беше колку бевте активна некогаш, но брзо се повлековте. Од оваа временска дистанца имате ли неостварени желби на сцената?
-Имам уште многу, многу желби и неисполнети сништа, затоа што некои луѓе од сенка ме држеа заточена од јавност и не можев да се експонирам во медиумите. Сепак, од друга страна ја сум задоволна со животот, зошто го свртев во своја корист. Го пропатував цел свет, со песна и игри и се посветив на семејството. Мојот сопруг и син во се ме поддржуваа. Желба ми е со Ревискиот оркестар да снимам евергрин мелодии, затоа што зборувам англиски, германски и италијански. Додека има во човек желба, додека е жив, додека и дише, се надева. Пеам и грчки песни. Би сакала да пеам на некој јазик кај Вас на фестивал во Охрид, како што ми вети Костадин.
Дали правите сега, нешто снимате? Дали следите што се случува на сцената, во музичките реалити?
-Ме прашувате дали се дружам со некои на естрадното небо? Не, не е тоа веќе она време. Не следам ништо, затоа што сум преокупирана со други работи. Ова време донесе многу пресврти. Секој се повлече во себе и своите проблеми, за жал и оваа короната доведе до тоа, а да не зборувам за мобилните телефони. Младата генерација нека си го оформува патот онака како може и умее.
Како Ви поминуваат деновите, со што најмногу го исполнувате денот сега?
-Моите денови главно се исполнети бидјејќи јас и сопругот сами, секој ден одиме на прекрасни места, на салаши, на бањи, ќе тркнеме и до Романија, Унгарија, и се пронаоѓам себе во сликање, односно цртање.­ Уживам. Човек треба да ја најде среќата во себе, зашто секој од нас поинаку ја замислува среќата.

(Со Александар Сариевски) 

Кога ќе помине сето ова, да Ве очекуваме во Македонија? Имате овде многу драги луѓе, Ваши музички соработници, пријатели. Знам дека имате…
-Голема ми е желбата повторно да дојдам во Македонија и да настапам пред вашиот аудиториум. Само преубави спомени ме врзуваат за Македонија. Соработници ми биле и луѓе кои денес ги нема меѓу нас, како што се Јанко Узунов, Драги Митев, Драган Вучиќ и Пепи Бафтировски. Смилја Митревска, Блага Петреска и Мијалче Докузов, Благица Павловска, Костадин Костадиновски, Жаклина Узунова, Горан Симевски, Катерина Стојановска-Десковска и уште многу многу луѓе. Со оркестарот “Тавче гравче” бев во Австралија на концерти, како и со хумористот Ранко Рангелов. Луѓето кои имаат карактер секогаш ќе се сеќаваат на вистинските луѓе, било и во каква ситуација и да бидат, а јас доживеав голема чест на фестивалот “Филиграни” . Доказ беше и тоа што не бев во Македонија 25 години,а народот ме препозна. Дури и младата генерација. На Бит пазар ме нудеа со кафе, колачи­ и сок од калинки. Добив подароци, филигрански накит, чанта “Версаче”. Ме прашувате дали ќе дојдам во Македонија? Даааа, поканете ме и ќе долетам како птица. Ви благодарам што не ме заборавате. Ве сака вашата Лепа Лана. Ех, уште еднаш да кажам- ништо не е случајно, зошто мене во основно училиште ме нарекуваа на прекар Македонка. Рецитирав песна од Коста Рацин и добив пофалби од цело училиште и од цело одделението.

Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big