Хуманитарен концерт со евергрини “Јанко во срце те носиме”

63

Десет години без маестро Јанко Узунов, отсуство кое се пополнува со неговите безвременски песни.
Во негов спомен а со пораката “Јанко во срца те носиме” ќе се одржи концерт на 11-ти Февруари во салата на “Даре Џамбаз” во Скопје со почеток во 16 часот, во организација на Музичкото училиште “Узун” а во соработка со Црвен крст на град Скопје.
Концертот е од хуман карактер и средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за домот за деца без родителска грижа во Берово.
На концертот неговите ученици на гитара ќе изведат негови композиции, а негови песни ќе изведат познати пејачи како и неговата сопруга Жаклина Узунова.
Меѓу поканетите гости се инструменталистот Бранко Коловски, Ванчо Тарабунов, “Уни бенд” од Валандово и “Вардарски петли” група најпозната по хитот “Чаки Панкерот” во авторство на Узунов.
Јанко Узунов- Узун (15 февруари 1951- 24 август 2014) е легендарен и ненадминлив сестран македонски естраден уметник, автор, исполнител, музички педагог, гитарист и пејач на народни, поп и забавни мелодии.
Роден на 15 февруари 1951 година во Валандово.
Како осмоодделенец се пројавува и освојува прва награда на манифестацијата “Вие пред микрофонот”.
Неколку години подоцна, сестра му од Скопје му донела ученичка гитара, по што ќе почне да свири и да се насочува кон тој инструмент.
На своја 15 годишна возраст (во 1966 година), ја оформува рок групата „Златни стени“, која молскавично брзо стекнала популарност, и тоа низ цела Македонија. Воедно, во своето Валандово пред тоа ја оформува групата “Илијаго”, а со другата група “Воденички камења” биле мошне популарни и прифатени меѓу своите сограѓани.
Со “Златни стени” настапувала и на тогашните актуелни гитаријади- во 1966 освојуваат прва награда на Гитаријада во Охрид, а во 1969 година на прочуената гитаријада во Гевгелија, Узунов бил прогласен за најдобар гитарист, а списането „Млад борец“ му доделило електрична гитара.
Во 1969 година пристигнал на студии во Скопје, на Земјоделско- шумарски факултет и по завршувањето на факултетот се запишал и на Музичката академија, наставно- теоретски одел. Како агроном, работел само пет- шест години, по што целосно ѝ се посветува на својата естрадна и педагошка дејност.
Се пријавува на аудицијата на Радио Скопје во 1971 година, каде на својата гитара ја изведува “Чија си” од Славе Димитров.
Првата песна што ја снима е “Магдалена” од композиторот Димитар Масевски.
На Скопскиот фестивал во 1972 година настапува со песна “Те гледам и знам” од авторот Димитар Чемков, а потоа, истата година, како претставник на Радио и телевизија Скопје учествува и освојува прва награда на фестивалот “Нови гласови” во Врњачка бања, со песната “Народен Делчев војвода” што сам ја напишал.
На Скопскиот фестивал во 1974 година му примаат две песни “Со цвеќе да ме пречекаш” и “Ти проштевам сѐ”, и на тоа фестивалско издание како кантавтор освојува втора награда.
Узунов во текот на сета своја богата музичка кариера кај македонската јавност бил доживуван како „момчето со мандолина“, според истоимениот хит што во 1976 година го испеал со Цветанка Ласкова, на тогаш најпрестижниот југословенски забавно- музички фестивал во Опатија.
Започнал да се занимава и со новокомпонирана фолк музика, останувајќи запаметен како автор на многу големи хитови- “Очите ни плачат за сакање” (1986) изведена во дует со Смиља Андонова со која победуваат, “Јас те љубам довека” (1988) изведена од Гордана Адамов, “Заплачи моја Македонијо” (1990) изведена со Жаклина Коловска Узунова…
Три пати едно по друго победува на првите изданија на “Гоце фест”, а награди има и на “Филиграни”.
Во последните години од животот, Узунов беше целосно насочен на работата на своето приватно музичко училиште „Узун“, од каде излегоа бројни млади гитаристи.
Пишуваше и детски песни. Неговата авторска детска мелодија „Наставничке пријателке“ е првата песна со која нашата ѕвезда и легенда Тоше Проески настапил пред публика како дете, на приредба во своето училиште во Крушево.
Богатството на овој македонски создавач е огромно. Над стотина фестивалски песни и уште неколку стотици други снимени за продукцијата на МРТВ и во своја продукција.
Издаде 15 музички компилации- со забавни хитови, со народни, етно поп, стари патриотски песни, дуети, музика за гитара, амбиентална музика, композиции за самостојна гитара, македонски поп евергрини…
Неговото име денес го носи големата сала во Домот на културата „25 мај“, во Валандово.
Узунов почина ненадејно од срцев удар во Берово, на 24 август 2014 година, каде бил со својата сопруга Жаклина на одмор.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.