И во пандемија Македонската Филхармонија ја заокружи предвидената концертна програма- Кога се сака и умее се е можно

72

Македонската филхармонија е можеби една од ретките културни институции во земјава, но и пошироко, која што, со оглед на светската пандемија, ја реализираше концертната програма во целост. Од почетокот на новата концертна сезона 2019/2020 година, Филхармонија реализираше уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции. Сите настани се одржаа под строги мерки за заштита, со сите протоколи донесени од страна на Владата на РСМ за одржување на настани во културни објекти.

„Поради ситуацијата со Корона вирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со ‘непријателот’ и да го сочуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн, така што, ниту оние кои одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив не обои во тмурни бои”, вели в.д. директорката на Филхармонија, Тина Иванова.

-Она на што сме особено горди  е назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф-диригент на оркестарот, со тригодишен договор за работа, што е од огромно значење за квалитативниот развој на нашата институција. Наедно, почитуваниот маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана наш почесен гостин диригент. И двајцата, дадоа голем придонес во тоа сите концерти да се одржат со програма адаптирана за ваква ситуација – вели таа.

Концертната сезона свечено почна со концертот симболично насловен „Звук на два метри” (така е насловена целата програма за оваа година), на кој како диригент настапи новиот шеф-диригент на Филхармонија, маестро Габриел Бебешелеа од Романија. Солисти беа извонредните вокали од Германија, Корби Велч (тенор) и Хајке Веселс (сопран), а на програмата беше изведено маестралното дело „Песни за земјата” од Густав Малер. На 17.09. се реализираше концеретот „Младост, среќа, иднина” со маестро Јерухам Шаровски од Израел и врвната виолончелистка Даниеле Акта, една од новите светски музички ѕвезди, додека една недела потоа, на 24.09. се одржа традиционалниот концерт на фестивалот „Денови на македонска музика” во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, а на кој беа изведени и нови дела на македонски автори. Веќе на 1.10. се одржа фантастичниот концерт „Шпански танц” со маестро Емил Табаков од Бугарија, редовен диригент во Филхармонија, на кој беше изведена „Кармен свитата” од Ж. Бизе, како и „Барокни варијации” во чест на македонскиот влијателен композитор Благој Цанев кој почина минатата година. На 8.10. се одржа концертот „Поле за игра” со врвната виолинистка од Казахстан, Ајман Мусахоџаева и м0аестро Сашо Татарчевски како диригент, додека на 21.10 во Камерната сала настапи атрактивниот квартет „Куарем” од Франција/Шпанија, концерт за кој се бараше билет повеќе. Ден потоа, на 22.10 се одржа концертот „Пер Аспера ад Астра” со фантастичниот млад пијанист Дмитри Маслеев од Русија и шеф-диригентот Габриел Бебешелеа. Оваа вечер беше изведена и Камерната симфонија од Д. Шостакович, каде како солист настапи трубачот Драганчо Младеновски, прв трубач во оркестарот на Филхармонија.

На 29.10 се одржа концертот „Метроном” со извонредната Алина Баева на виолина и маестро Конрад ван Алфен од Холандија зад диригентскиот пулт, почесен гостин диригент на Филхармонија.  На 5.11. се реализираше концертот „Кругови”, со атрактивниот солист на пијано Франческо Тристано од Луксембург и маестро Џијан Емин како диригент, концерт кој донесе современ, модерен звук во спој со традицијата, концерт кој донесе поинаква енергија. На 12.11. на концертот „И тело и душа” настапи македонскиот врвен пијанист Дино Имери, заедно со маестро Јерухам Шаровски како диригент, концерт кој беше посветен на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен, со кој повторно беше одбележана годината на неговото раѓање – јубилеј кој годинава светот го слави. На 18.11. во Камерната сала, се одржа уште еден инетерсен концерт на квартет саксофони од Македонија, насловен „Фузија”. На 26.11. концертот „Колаж” ги претстави повторно шеф-диригент Габриел Бебешелеа и врвната виолончелистка Анастасија Кобекина од Русија, концерт со кој се прослави роденденот на институцијата, а наедно свечено беа затворени и „Есенските музички свечености”. Повторно во чест на Бетовен, на 3.12. се одржа концертот „Бетовен 3″ на кој настапи триото Александар Кагановски на виолончело од Швајцарија, Ваг Папијан на пијано од Израел и Емир Имеров на виолина од Германија, под диригентство на маестро Конрад ван Алфен, а солистите, ден потоа, на 4.12. одржаа и камерен концерт во Камерната сала под името „Бенџамин пијано трио“. Уште еден мошне интересен настан се одржа на 10.12. под името „Филхармонија за Филхармонија”, на кој настапија ансамбли чии членови се уметници од редовите на институцијата, настан кој донесе мошне позитивна атмосфера. Годината  се заокружи на 24.12. со традиционалниот Новогодишен концерт овој пат под наслов „Нова година-Нов почеток” со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари на Македонија. Концерт кој претстави композиции во духот на празниците, со извонредни вокални солисти.

Некои од концертите имаа и директен пренос на Националниот канал Македонска радио-телевизија, со што се врати заборавената пракса да биде достапна музичката култура на јавноста и преку медеиумите.

Филхармонија продолжува да ја негува квалитетната музика и ветува уште многу впечатливи настани и во новата концертна сезона. Следен концерт е на 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и Ања Коловска на хармоника. На програмата се Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва” од Астор Пјацола, „Песна и танец” од Томе Манчев и „Орава” за гудачки оркестар од Војцек Килар.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.