Интервју со Коле Ангеловски-Животот во Драмски беше огромна љубов кон театарот и луѓето во него

1764

Деновиве медиумите ја споделија информацијата, дека Коле Ангеловски, режисер и актер издал книга со наслов: „ 50 години во Драмски… и клоцата во …“, која побуди интерес кај сите оние што го познаваат, го знаат, слушнале за Коле, обичните луѓе, луѓето од  тетарската, глумачката и режисерската фела.

Тоа беше повод да се сретнеме во  „сенката“ на некогаш култното бифе на Драмски театар, едно студено претпладне деновиве минати.

Разговорот го водеше Татјана Гогоска

Јас за мене велам: Да го прочитав насловот, а да не знаев кој е авторот, веднаш ќе погодев дека зад овој наслов стоиш токму ТИ, Коле Ангеловски!

Која беше инспирацијата, повод или пак иницијална каписла, што те натера да ја напишеш оваа автобиографска книга?

Јас од самиот почеток на мојата кариера имав обичај да забележувам скоро се од проби, случки, текстови, кога се играле, кој играл ако имало некое случување..премиери, патувања и така си бележев. Во Драмски се вработив на 1 септември 1967 година во тогашниот Детско-младински драмски театар и  целиот професионален половина век го поминав таму, цели 50 години кои беа огромна љубов кон Театарот и луѓето во него. Меѓутоа, иницијалната каписла се случи пред две години кога Јана Стојановска, млада глумица ми се јави и ми кажа: “Чичко Коле имам другар, игра тука за МЗТ а е од Србија, па сака да те запознае“. Јас бев во Маврово и утредента децата дојдоа таму. Се запознавме, лав муабет, тој Андреја Бојиќ, млад кошаркар навистина ги знае сите мои југословенси филмови, кариерата пред се како актер и некако дојде идејата на маса: „Па што не објавиш книга, еве во пензија си, 50 години поминати, остави нешто напишано.. и така почна“. Морам да кажам дека да не беше огромната помош и подршка на Свето Стаменов кој е и уредник на изданието книгата намаше да излезе. И така бидна да имаме сега книга пред нас. А на почетокот можете да прочитате дека стои: „Јас си направив комеморација за мене, и така овие новиве ме избркаа од Драмски и не верувам дека ќе направат нешто а и не сакам ..еве ова нека биде мој запис…мое сведоштво..кое е воедно и една своевидна историја на Драмски театар“.

Во ова време – невреме кога се изместија сите вредности, кога политиката ја урна и урива културата, со тоа што се меша во се, сметам дека не вреди да се троши време за нив, велам јас. Затоа да се свртиме кон креативноста. Колку време ти требаше, какви емоции ти поминуваа, дали сето го запишуваше со тек на годините или го паметеше?

Јас, како што реков се си забележував, и во книгата не за џабе почнувам со Бифето..ова бифе , ама не баш ова. Зошто култното бифе на Драмски беше полно со глумци, режисери, новинари, во него бевме пред и по секоја проба, пред премиера и пред реприза, но и после нив. Сега во бифето се има само актери нема, нема режисери….нема театар. Инаку како и секој театар и Драмски не може без бифе. Култни скопски имиња се врзуваа за бифето на Драмски, дедо Илија, а потоа Саво човекот кој го измисли поимот Театарско бифе, и на крај Миќо-Егеецот..и после замре вистинското театарско Бифе ..сега е само коректна сенка од него. А доаѓам секој ден ова време..пијам еспресо без вода, помуабетувам со некого ако нема никој сам си седам и си заминувам. Тука  е сеуште мојата душа. А белешките ги правев низ годините и за патувањата кои Драмски ги имаше премногу, и за премиерите (имаше периоди секој месец премиера), за она што се случуваше позади сцената за животот во Театар наречен Драмски…

Те фати ли носталгија, во некој момент ,за некој миг, за некое чувство?

Па, како што беше се некако забележано, сепак во дополнувањата препрочитувањата секако. Да, носталгија за едно време кога се создаваше,твореше….не дека немаше сопки ама се беше поинаку. Јас лично не би сакал да сум млад режисер или актер во ова време…се е некако лошо изместено и не е убаво , едноставно не чини. Јас имав талент, образование, многу работев но имав и среќа во стартот на мојата кариера како актер во филмовите „Саша“ , , “Проколнати сме Ирина“, Татко,…..а по доаѓањето во Драмски во 1967 години, Драмски стана мојот дом, мојот живот.

 

50 години во Драмски, исто толку на тв , филм како актер но режисер на многу драмски, телевизиски, филмски..Би издвоил ли нешто? Еве најомилен театарски проект на пример !

Не знам што би издвоил,.. вака. Јас откако го напуштив филмот се посветив само на Театарот и  режијата пред се театарска иако режирав и за Телевизија. Режирав многу претстави пред се и најмногу  во Драмски, но и во други театри . Меѓутоа “Солунски патрдии“  е претстава, која својата премиера ја имаше на 21 јуни 1979 година во Куршумли Ан на првото Скопско културно лето. Потоа се играше многу и на многу фестивали Шибеник, Војдан Чернодрински-Прилеп, Светозарево..и доживеавме на 300-тата изведба да се игра пак во Куршумли Ан и да има 1700 во публика.

„Солунски патрдии “ се играше 29 години непрекинато и дојде ден тогашните “нови директори“ на преполни продадени сали да ја симнат од Репертоар. Ете, тоа не чини. Инаку Солунски патрдии ја направив после претставата за деца „Шекспир во приказни“ со која бевме во Шибеник , и големиот југословенски режисер Мирослав Беловиќ ми предложи да направам нешто за возрасни. И така почна. После дојдоа Солунски патрдии 2 -женска постава, ама тоа е друга приказна.

По тоа колку е играна „Солунски патрдии можам да кажам дека најмногу ме означи … Но има и други драги претстави, секоја носи дел од мене. „Сомнително лице“, „Не сега драга“, „ Маратонцит го трчаат последниот кру“ ,„Бура“ ,„Калигула“,„ Викенд на мртовци“, „ Ало будење“ „Сон на летната ноќ“ и така ред претстави во овие 50 години само во Драмски . А сум режирал и во сите Театри низ Македонија.

 

Театарот на прво место, после тв или филмот?

Театарот е сепак мојата љубов. Откако влегов во Драмски се посветив на театарот и  да режирав и телевизиски драми и серии. Но, се посветив на режијата. Кога почнав да режирам ја заборавив или како да кажам ја ставив во некој фолдер глумата. Пред се почнав со претстави за деца. Незаборавни години, години за паметење на Фестивалот на детето во Шибеник, каде некој период бев и селектор па пропатував малку повеќе низ светот, сретнував многу мои колеги, гледав како работат другите, учев, се забавував и создавав. Потоа почнав со режија за возрасни, но треба да нагласам дека комедијата отсекогаш, дали за деца и возрасни ми била предизвик и затоа кога се отвараше Театар Комедија си реков, мора да е со моја претстава, нема кој друг, јас сум тој што заслужува и така бидна, со претставата „Ах ,љубов моја „ на 27 март 2012 година почна да работи Театарот Комедија.

Нашата прва професионална средба беше на снимањето на серијата „Чудовишта во нашиот град“-волшебна серија..Познатата реплика на Човечињата „Јас не сум тука“ (скриени во плакарот ) ..ни беше слоган долго време во тогашната Редакција за деца и млади. Нешто да споделиме од тој проект и тоа време .

„Чудовиштата од нашиот град“, најнапред беше театарска претстава со која официјално почна работата на Театарот за деца и младинци пред 20-тина години и првпат се играше во Универзална сала пред преполна публика од 1600 деца и возрасни.(На прославата на 20 години од овој Театар не ме поканија, не знам зошто, ни како, нити имам намера да ги прашам. Скоро сите почна со мене  и збаоравија). Потоа решивме да направиме серија од шест епизоди. Како што и сама знаеш тогаш во Македонската Телевизија се работеше сериозно, со подготовки, со костими, сцени, како што треба за една сериозна продукција. Ние имавме направено брод во студио и кога требаше да снимиме сцена на Бура ,одоздола имаше еден базен ,па со посебни техники правевме бранови и се придвижуваше бродот… Се работеше серозно, светски и после сето тоа заврши, за жал и на гледачите но, и на младите автори и актери.

За приватниот живот си зборувал, семејството, децата, сопругата, твоите студентски денови..има ли нешто што не си кажал а еве сега би го кажал?

Да сум зборувал за семејството. Имам сопруга и три ќерки. Од средната Елена имам 10-годишен внук и тие живеат во Франција. Со нетрпение чекам да дојдат деновиве. Најстарата ќерка Деспина работи на ФДУ, драматург е и преведувач, едно време работеше во Драмски ама си замина а најмалата Ана работи она што најмногу го сака во  Националнен Демократски Институт и навистина е среќна во работата  … Секогаш дома имаме и куче и некое маче..сакам животни, сакам природа. Батериите ги полнам во викендичката во Леуново со жена ми каде уживаме. Планинариме, дишеме чист воздух, кратко кажано, едноставен живот.

Ќе продолжиш ли со работа или ќе собираш плодови на успехот?

Јас со моите 76 години и се што си носам со себе, сеуште имам желба, имам мотив, имам креативност, идеи и можам и сакам да работам. За оваа година веќе ми е договорено режирање на 70 години од постоење на Театарот “Војдан Чернодрински“ во Прилеп, па и за следната година имам некои планови…… едноставно времето ќе покаже.

Следи промоција на книгата. Да откриеме кога и каде?

Промоцијата на книгата „50 години во Драмски и клоцата во … “ ќе се случи на 3.мај од 19 часот, каде ако не во Бифето на Драмски театар.

И вака Коле ми ја објасни корицата “Лево сум јас кога дојдов во драмски, десно сум јас сега, после 50 години..ова измеѓу се 50-те години “.

 

Моја желба е да режираш моја драма…која е готова веќе три години…

Не знаев дека имаш драмски текст….искрено.. но тоа не значи дека нема да го прочитам, па ако ми легне, како што викаме ние режисерите, зошто да не -ми одговори Коле, откако јас му објаснив дека пред три години на анонимен Конкурс мојот драмски текст за деца “Најденко во магичниот круг“ беше избран и награден во трите текста со државна награда. За жал велам, иако Фестивалот Војдан Чернодрински издаде публикација „Нова македонска драма“ каде е сместена и оваа, скоро никој не ни знае. И дополнив, дека мојот животен и професионален не магичен -некако маѓепсан круг верувам дека  ќе се разбие ако еве текстот за „Најденко во магичниот круг“ се најде на сцена.

После разговорот, пред да го напишам интервјуто, можеби направив една грешка, решив да ја прочитам книгата. Во неа не море, океан на податоци, информации, сцени, случки: радосни и тажни, насмевки и разочарувања, кои очигледно и едните и другите во изобилство ги имал Коле, и како актер и како режисер и како човек. Се трудев да извлечам нешто што би го напишала за крај. И се врзав за бројот, 50 години и пресметував, секоја година по 365 денови вкупно 18.250 и ако сите целосно се посветени на Драмски театар, на актерството, глумата, режијата и создавањето на  вредни дела, за кои треба целосно да си предаден, се собираат 438.000 часови креативна работа. И што после сето ова -Едноставно, РЕСПЕКТ !

 

Фотографиите се делумно од архивата на www.kulart.mk, а делумно од приватната архива на Коле Ангеловски 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.