Интервју со Татјана Гогоска – Причини многу, повод еден “Додека има селективна правда, праведните ќе треба да бидат упорни, трпеливи и да веруваат“

78
Причини за интервју со М-р Татјана Гогоска, новинар, автор и комуниколог има секогаш многу. Од она време пред повеќе од 20-тина години кога прв пат ја сретнав и и правев интервју како  сценарист на серијата „Дајте музика“, која достигна голема популарност па и од она време кога беше Шеф на делегацијата во 2007  во Хелсинки и во неколку наврати и на Детската Евровизија, потоа како автор на издадени книги па и од времето кога го водеше Детскиот креативен центар “Ѕвезда“.Овој пат пак причина е нејзината одлука да покрај за успешноста на нејзината професионална патека прозборува за еден тежок момент на оспорување на нејзиното авторско право како сценарист на култната детска серија “Дајте музика“, која со децении секогаш јавноста ја врзува за нејзиното име.
-Тања, овој пат интервјуто би го започнеме со Вашата моментна преокупација – комуникациски службеник на проектот Национална платформа за женско претприемништво, организација која се уште е актуелна по последниот настан, големиот Самит пред истекот на минатата година во Александар палас. За какво ново искуство, станува збор овој пат?
Да, така е од пред неколку месеци влегов во еден нов професионален предизвик, не во однос на работата туку во однос на областа. Од сите нешта кои сум ги работела да не набројувам што се, досега немав можност да работам со жени претприемачки, храбри и јаки жени кои се успешни во бизнис светот. Јас од мај 2020 година бев без работа и барав работа. Се јавив на Конкурсот за комуникацикси службеник. Тоа беше втора апликација што ја пратив и не веднаш, после три месеци ми се јавија и така почнав. Работата не ми беше проблем но правилата во светот на жените а и самиот Проект ми беа предизвик кој требаше да го совладам. Работата е супер а она покрај некои технички работи што ги совладав во врска со Порталот, Радиото а сега и Мобилната апликација на проектот, највредното нешто што ќе го понесам од овој проект се прекрасните жени што ги запознавам секојдневно и кои ми отвараат нови видици во животот. После секое снимање, секоја комуникација, велам “Е навистина има топ жени“ а најмногу сум одушевена од бизнис жените во руралните средини. Прекрасни со еден збор. Првиот Самит за женско претприемништво во ноември, покрај големо искуство за мене лично, општо претставува голем позитивен инпут за развој на жените претприемачки и зајакнување на нивната економска положба.
-Од пред некое време отпочнавте и соработка со Википедија, дел сте од обуките во училиштата. Што подразбира овој ангажман?
Википедија одамна користам. Деновиве наполни 21 година на постоење а јас сигурно некои 15-тина години ја користам. Вниманието ми го сврте од 2015 година кога се објави моја статија во македонската и српската Википедија и оттогаш редовно следам и ја пребарувам. Од скоро научив и да внесувам статии и тоа ми е предизвик, штета што во моментов немам време, ама секогаш има простор за таква работа. Инаку со задоволство ја прифатив понудата за обуките по училишта каде покај делот за тоа што претставува Википедија, отварање на Вики клубови по образовните инситутции, јас во мојот дел зборувам за Медиумска писменост и медиумска култура. Тоа е нешто навистина што ме исполнува. А посакувам односот кон Википедија да се развие до ниво како во другите земји, па масовно луѓето од образованието, медиумите и институциите да се вклучат во пишувањето статии, затоа што создавањето на побројна и побогата Википедија на македонски јазик е во интерес на сите.
-Последниве години, иако не сте дел од новата продукција на серијалот “Дајте музика“, самиот наслов не асоцира на Вас како автор и уредник, кој долги години го работеше во Македонска телевизија. Но, работите меѓу Вас и новата екипа тргнаа во неочекуван правец…
Уф, тоа ми е најболното прашање изминативе две и пол години а беше најголема радост и успех, но веќе не давам да ми се менуваат чувствата, заради сегашната непрофесионална состојба на тимот која направи “возобновување на култната серија за деца “ ама без главниот идеен творец и автор сценарист, ЈАС. „ Дајте музика“ е серија која почна од моја идеја “Ајде да направиме модерна музичко-играна серија за деца “ до првиот предлог Синопсис, до првите две пилот сценарија, до двата серијала на оригиналната серија “Дајте музика“. И со години ја претставуав и надвор од Македонија и со децении го одржував култат за неа. Во 2018 година направив средба со пораснатите деца од Дајте музика и објавив дека сакам да снимам нова веризја на песната и спот со нив и други деца. И тука почна најверојатно она што доведе до оваа состојба. Во август 2019 сосема случајно на улица еден автор за деца (Перо Миленковски) ми честиташе за новото продолжение на “Дајте музика“ а јас затечена не знаев ништо. Бев шокирана, повредена, лута. Веќе почна снимањето овој пат копродукција на МРТ (патем куќата каде работев 27 години и направив илјадници минути програма, донесов многу домашни и Меѓународни признанија, ги правев првите пробиви после оделувањето од ЈРТ на меѓународната телевизиска сцена и тоа многу успешно). Никој не најде како професионален и човечки чин да ми се јави, да ми каже да ме праша.  Зад продолжението стои МРТ во копродукција на Рифенштал, зад која стои Цаци Паковска, која се појавува како сценарист на новите продолженија и нејзиниот татко Лазар Паковски, режисерот кој јас го одбрав да ја режира првата сезона од „Дајте музика“ (втората ја режираше Миле Грозданоски).
-Ако се чувствувате оштетена како автор, чие авторство се оспорува, зошто не се огласивте во јавност, не баравте гласно правда? Впрочем, објавени беа и доста текстови во дневните весници тогаш за таа серија, Вашето име се уште стои на телопот и шпиците на поранешните емисии…
Јас не се огласив во јавноста, не сакав од две причини, од злобата кај луѓето и не сакав да испадне да оставам простор за јавно обезвреднување на целиот труд. Ги искористев правните можности и тужев и бев убедена со толку компетентни сведоци и толку матерјални докази, дека нема шанси да изгубам. Но, правдата е тешко достапна во нашето судство, се докажа и овој пат. Не знам заради што судијата  донесе Пресуда со тоа што се одбива мојата Тужба и смета дека јас немам право на авторство и ниеден исказ на моите сведоци (Велко Неделковски, (драматург на серијата),Томе Кирков (продуцент на серијата), Миле Грозданоски (режисер), Снежана Конеска-Руси (главен актер во серијата)  и Томче Стојков (режисер), па ни мојот без образложение не се земени во предвид т.е. образложението беше дека сведоците не се компетентни а јас сум се бранела. Не ги зема предвид Судот ни матерјалните докази кои се бројни и оди по патот на селективна правда. Доказ кој е круцијален и го има МРТ, три пати го баравме а Судот му дозволи на МРТ да не го доставува, истиот го баравме и преку Народен правобранител и чудно отпочеток се одеше комуникацијата во ред и наеднаш од кај НП никој не  се јавува на моите барања. Инаку тоа е Договор меѓу МРТ и мене како автор на сценариото на “Дајте музика “, токму веќе покојниот тогашен одговорен уредник Петар Костовски рече да го потпишеме за да ме заштити МТВ од понатамошни злоупотреби. Јас го немам а МРТ не сака да го даде  и Судот му дозволува.
Голготата продолжува.
Апелациониот суд, може било кој сака да види, бидејќи Пресудите се во групата на документи во Слободен пристап на информации, истите зборови, цели пасуси, истите нелогичности од Основниот буквално со copy paste се пренесене во нивната Пресуда. И не само што не ми го признаваат евидентното авторско право со сите докази туку ме задолжија со трошоци од 15.000 евра. Немам зборови, но сеуште верувам дека правдата е  слепа и глува и постои некој, кој сепак води сметка да исплива на површина. Ќе ги користам сите правни можности и во земјава и во странство да докажам дека сум оштетена и дека кон мене има неправично судење и однос.
Што вели законот, што се смета за авторско дело како истото се верифицира по законски основ дека некому припаѓа?

Авторот при користењето на авторското дело, или неговите примероци ги има следниве исклучиви материјални права: Законот е одличен и јасен по сите ставки. Така што авторското право е неприкосновено и на него има право само авторот. По однос на Право на преработување на делото,стои: Преработување, во смисла на овој закон, е превод, приспособување, вклучувајќи и аудиовизуелно приспособување, музички аранжман и друго менување на авторско дело и на дело од народното творештво, како и на други пишани материјали, како што се преводи на службени текстови кои не се направени за службено користење е право на авторот. Во Законот стои дека: Материјалните права траат за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт, доколку со овој закон поинаку не е определено. Моралните права траат во различни рокови определени со овој закон. Во делот на Авторско дело од работен однос, стои: Во случај кога авторското дело е создадено од работник при исполнување на неговите работни обврски или по упатство на работодавачот (во натамошниот текст: авторско дело од работен однос), се смета дека материјалните права на авторот на тоа дело, исклучиво му се пренесени на работодавачот за време од пет години по завршувањето на делото, доколку со колективен договор, односно со договор за работа поинаку не е определено. (2) По истекот на рокот од ставот (1) на овој член, материјалните права му припаѓаат на работникот, со тоа што работодавачот може да побара нивно повторно исклучиво пренесување, доколку му плати на работникот надоместок за секој одделен вид материјално право. (3) Независно од ставовите (1) и (2) на овој член авторот има право на надоместок за секое изнајмување. (4) Авторот не може да се откаже од правото од ставот (3) на овој член.

-Телевизијата ја оставивте во еден се уште продуктивен период за вас како автор, кога можевте уште да дадете. Од оваа временска дистанца, тоа беше добра или не толку добра  одлука?

 

Имав две опции да останам во МТВ да не работам ништо, да чмаам и земам редовна плата или да заминам и да се втурнам во стотици предизвици без сигурни матерјални средства ама да создавам. Го избрав второто. Тоа сум ЈАС и повторно би го направила истото. Само моја грешка беше што не се споив со одлуката веднаш, сепак подолг период МТВ и она што го работев таму многу ми фалеше. Откако ја раскинав таа врска се тргна поинаку. Инаку да, имав уште многу да направам и понудам во МТВ.
-Но, освен споменатата серија она штом многумина ги потсетува Вашето име е Детската Евровизија и нејзините почетоци. Би направиле ли паралела меѓу Детската Евровизија тогаш и сега барем во последниве години? 
На Детската Еврвизија ја пријавив МРТ како уредник на Програмата за деца и млади во 2002 година, во период кога немавме раководство (политичка промена). Не примија на едно јавно ждребање, од 22 пријавени држави т.е. Јавни дифузери членки на ЕБУ  требаше да учествуваат 15 и влеговме. Бев    многу среќна, сметав дека децата од Македонија заслужуваат да пеат во Европа т.е. како што велев “Европа треба да ги чуе децата од Македонија“. Јас сум потписник на Актот во ЕБУ – Женева, каде бев на првиот состанок за Детска Евровизија и тоа и таму го кажав на претставниците кога требаше да дадеме кратко резиме за нашиот интерес да учествуваме во ова најголемо музичко шоу за деца во Европа. Три пати бев на Детска Евровизија и тоа два пати како Шефица на Делегација, првиот пат во Копенхаген 2003 и втриот пат 2007 во Ротердам каде постигнавме најголем успех а во Букурешт бев како дел од Тимот, затоа што веќе бев и назначена за Шефица на Големата Евровизија 2007 па состанокот ЕБУ го направи за време на Детската во Букурешт. Голем професионален предизвик и убаво чувство ми беше,  затоа што јас секогаш сакав да работам големи проекти. Во Ротердам беше совршено, со песната “Динг, динг, донг“ Росица и Димитар, плус четирите деца беше совршен проект и за малку (5 гласа не делеа од победникот ) и бевме 5-ти делевме 4-то место заради помал број на 12-ки. Целата екипа беше  пресреќна. За мене тоа беше голем успех, но за жал не можеа да ми го простат многумина во МТВ и  по враќањето во Ротердам почна крајот на мојата работа во мојата сакана матична куќа. Ја гледам Детската Евровизија и секогаш имам нови идеи како би направила јас (нормално со добар тим), едно е јасно, работат ТВ куќите, многу работат на овој проект. Можеме и ние и можеме и да победиме, само да се знае како да се организира сето тоа.
-На Големата Евровизија бевте Шефица на делегација во 2007 година. Возбудливо ли е како што многумина мислат, или напорно да се биде Шеф на делегација, да се понесе целиот товар, целата одговорност, организација на екипата и на крај и одговорност за евентуално слабиот пласман?
Ми беше предизвик Големата Евровизија. Среќна сум дека ја имав можноста 2007-ма година  да бидам Шефица на делагацијата во Хелсинки со Каролина. Сета таа многу работа, тим, координација, усогласување, подготовки, за мене беше голем и убав професионален предизвик и  УСПЕАВ. Влеговме во финале, бевме на 14-то место од 54 земји таа година, иако мене ми беше цел 10-то место, ете за малку. Сигурна бев дека ќе влеземе во финале, затоа што знаев што треба да правам и тука бев сигурна, инаку имаше многу сопки, проблеми, љубомора, ама сето тоа некако го заборавив.
Од тие денови помнам два моменти, првиот беше оној момент кога влеговме во Финале и излегов со Каролина на сцена а после низ тунелот посипан со цвеќе отидовме во Прес центарот, многу што би рекле КУЛ чувство. И вториот сите Шефови на делегации имаат свој возач и кога мојот возач, патем прекрасен човек ме носеше на  проба за финале се паркираше и ми отвара врата и јас не знам како дојде тоа се судрив со фронтменот на Лорди, некако огромен, маскиран и  влеговме заедно во Арената. Се создаде еден убав волшебен момент вреден за паметење. И само убавите ги помнам, се друго некаде низ годините исчезна.
-Авторството како детска писателка не ве одминува цело време. Имате напишано доста сценарија и книги за деца, најновата иако и наградена се уште нема доживеано промоција. 
Во писателскиот опус имам издадено седум книги и две кои чекаат печатење веќе подолго време. Можеби тоа ми е некоја кочница, па не сум авторски активна. Едната е стручна книга за комуникација на млади со наслов “Кажи ми да ти кажам “ а другата е илустрирана книга за деца „Најденко во магичниот круг“, која е направена по истоимената моја драма, која на анонимен конкурс беше наградена од Министерството за култура 2016-тата година. Драмата не ја постави ниту една театарска инситтуција. А зошто? Ми велат дека треба да се поврзам со кругот кој е присутен на театарските сцени, ама јас некако сметам дека мое беше да ја напишам и не само што беше наградена, туку многу театарски работници ја пофалија како исклучително драмско дело за деца. Но, велам јас: “Еден ден Најденко ќе го најде патот до детската публика а дотогаш да создаваме други нешта“. И книгите не се издадени од проста причнина, не сум добила подршка ни од Градот ни од државата во областа на финансирање на дејности од културата, со година безмалку седум.
-Заминавте од Телевизија, сакавте да се посветите на вашата најголема професионална љубов после телевизиското авторство а тоа е едукацијата. Требаше да сте дел од професоркиот тим на Штипскиот факултет и тоа беше она што ве натера да направите таков чекор. Што се случи во меѓувреме на тоа поле?
Заминав од МТВ после 27 години непрекината успешна работа, кога почуствував дека веќе не  чуствувам  дека припаѓам таму. Немаше можност да се работи професионално, да се работат големи проекти, да се создава авторство и се се сведе а откако заминав уште повеќе на дневно-формално полење на програмата. Инаку од МТВ заминав како Заменик директор за продукција и копродукција а последен конкретен проект ми беше уредник на “Пирамида“. И толку беше. Имав после три години една понуда да се вратам што заврши неславно. Да, бев веќе во преговори со Штипскиот Универзитет, Факултетот за новинарство, веќе магистрирав и почнав докторската да ја подготвувам на Комуникации во ИСППИ, ама  нештата не се одвиваа како што планирав и некако мојата професионална патека ја промени насоката. Отворив Детски креативен центар “Ѕвезда“, работев претстави, фестивали со децата, организирав настани, промоции, патував на Фестивали по Балканскиве земји, членував во многу жирија повеќе надвор од границите, издадов три книги и напишав плус две. Работев не знам ни сама колку работилници, држев предавања за Креативно пишување и Комуникациски вештини. Работев многу и секогаш со љубов. И еве ме сега и тука, во сосема некоја друга страна на професионалната патека.
-Дали работите во моментов нешто, веќе подолго време скоро шест години ништо на јавноста не и понудивте? 
Па изминатиов период некако “не ми одеше“ или созреваше во мене, не знам. Последниве четири години, спонтано се навратив на мојата основна професија, новинарството. Почнав со Портали а потоа малку бев Потпарол на “Меѓаши“, па некое време работев во ТВ Алфа и сето тоа ме одведе до примарните професионални води. Овој минат и сеуште присутен Корона период пишувам колумни кога и да добијам некој внатрешен порив и патем собирам емоции, мисли, спомени кои очекувам да избликнат во некој авторски ракопис.
-Велите дека никогаш не ви престанува инспирација ни за животот ни за професијата, како се објаснувате себе си во тој поглед?
Секогаш ми работеше фантазијата, која се подигна на ниво на кретаивност па авторство. Идеи имам многу, сепак не сум Никола Тесла и криво ми е што ми ги земаат, профитираат од нив. Има многу, но  да споменам нешто за што решив да не реагирам ама не ми е сеедно а тоа проектот Детски градски хор “Децата на Скопје“, кој го формирав 2013 година и постоеше до 2015, а од пред некое време постои во истата институција ДКЦ Карпош хор “Гласот на децата на Скопје“. Не отишле далеку во кретаивноста, има тука и некои манифестации, фестивали за кои не би да зборувам. Еден мој колега и пријател продуцент од Белград вели “Ги имаш (идеите) па може да ги земат, ако немаше што ќе ти земеа?
-И секако имате ли некоја добитна авторска карта која чека погоден момент?
Да, имам и би сакала токму оваа 2022 година да биде годината кога ќе се појави!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.