Издавачите повторно револтирани- Министерството за култура доцни со објавување на резултатите од Конкурсот

385

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) реагира на повторното доцнење на објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура и ја изразува загриженоста на издавачите за последните случувања поврзани со проектите од 2020 година.

Со оглед на тоа што буџетот за 2021 година беше донесен на 20 декември 2020 година, а законскиот рок на Министерството за култура за избор на проекти од национален интерес е 45 дена од денот на донесување на буџетот, односно до почетокот на февруари (Законот за култура, Член 65, став 1), сметаме дека ваквото повторно доцнење на Министерството оди на штета на издавачите и на реализацијата на проектите, а загрижува и фактот што ниту тие, ниту јавноста не се известени за причините за пролонгирањето и за евентуалниот датум кога можат да ги очекуваат резултатите. Дополнително, се наметнува прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите од Годишната програма за 2021 година, велат од МАИ.

Од Асоцијацијата нагласуваат дека настанатото необразложено доцнење предизвикува нарушување на организацијата и планирањето на работата од страна на издавачите, како и голема неизвесност за издавачите, а особено за нивните надворешни соработници. И покрај тоа што, Министерството за култура беше ригорозно во поглед на продолжувањето на роковите за проектите од Годишниот конкурс за 2020-та година и не им ја овозможи на издавачите законски пропишаната можност за продолжување на роковите „до крајот на тековната година” (Законот за култура, Член 66, став 1) и покрај реакцијата на здружението за минатогодишното доцнење на потпишувањето на договорите со издавачите и вонредните услови во кои западна целата економија со коивд-кризата. Во тој поглед, сегашното доцнење на резултатите е контрадикторно и говори за некоректен однос кон македонските издавачи”, стои во нивното соопштение.

Од МАИ велат дека се дополнително изненадени и од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември.

„Издавачите, ниту консултирани и информирани, со оваа одлука се принудени самите да ги подмируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба. Поради тоа, бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основ и да биде реализирана во најбрз можен рок. МАИ се надева дека Министерството за култура ќе ја сфати загриженоста и барањето на издавачите и дека во најскоро време ќе ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност”, дополнуваат од МАИ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.