Изложба “Патешествие“ на концертни и промотивни плакати од Влатко Стефановски

1039

Долгата и успешна меѓународна , музичка кариера на култниот македонски гитарист Влатко Стефановски,  од завчеравечер е претставена преку изложба на концертни и промотивни плакати. Изложбата насловена како “Патешествие“ е поставена во Музејот на град Скопје.

Присутните фанови на Стефановски, но и самиот тој, имаа можност на отворањето уште еднаш да се потсетат на бројните концерти низ годините што изминаа, токму преку оваа лична колекција и архива на нашиот светски познат музичар.

„Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што е изложено и покажано,  – изјави Стефановски најавувајќи ја својата изложба која ексклузивно ќе биде прикажана само во Скопје.

Тој додаде дека се претставени плакати од 70-тите, 80-тите и 2000-тата година, па до денес.

“Што да ви кажам, благодарен сум на севишниот што сè уште функционирам“, изјави Стефановски пред присутните, додавајќи дека се работи за сведоштво за некои други времиња.

Присутните имаа можност да ги видат плакатите на кои се најавени концерти од времето кога членувал во култниот состав „Леб и сол“, од концерти со Мирослав Тадиќ и други музичари, како и солистички настапи.

 

Организаторот наведува дека со оваа изложба се прикажува друг аспект од кариерата на Влатко, односно неговиот богат концертен опус со годините.

На Влатко Стефановски од Скопје Синема Сити му беше врачена и наградата за животно достигнување во музиката и филмот.

Изложбата е во рамките на фестивалот на музички филмови Скопје Синема Сити кој од 3 до 7 септември ќе прикаже документарци каде што вниманието е свртено кон гитарата и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент. Фестивалот годинава ги опфаќа филмовите „Кит Ричардс: Под влијание“ кој дава портрет на музичарот кој е срцето и душата на бендот Ролинг Стоунси, блуз вечер посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон, потоа вечер во која ќе бидат прикажани филмовите „Романтични војници: Краутрок прв дел“. Краутрок е називот за една група култни бендови од Германија која била популарна во текот на 70-тите години на минатиот век, и „Изгубената жица“, портрет на авангардниот џез-гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од даунтаун сцената во Њујорк.

 

Една од вечерите е посветена на фолк музиката, овој пат од Португалија со Мадредеуш и трагичната фигура Ник Дрејк. За самиот крај, програмата е посветена на класичните рок бендови У2 и Квин односно на некои од нивните најголеми достигнувања: албумот „Џошуа дрво” на У2 и „Приказната за Боемската Рапсодија“.

Свој настап, освен Влатко Стефановски, ќе има и блуз дуото „In the mood”.

 

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.