Концертот на џезерите и Апелгрен, како “засебен свет обвиткан со целофан!”

45

Скопје, 15.02.2024

За среќник/ среќница може да се смета секој оној кој синоќа беше присутен на концертот во НОБ, поради тоа што имаше можност да ја впие неповторливата романтична и софистицирана вибрација, создадена од Националниот џез оркестар и интерпретатор Џон Илија Апелгрен, со хитовите на Френк Синатра, а по повод Денот на Љубовта и виното.
На нецел месец од самото формирање на Џезерите како институција и првиот концерт “Џез нова” (со нивна авторска музика, на 23 јануари), се случи и вториот, сега веќе по инспирација од американскиот пејач кој во текот на својот живот продаде 150 милиони албуми, и сними 1300 песни, сметан за најголемата музичка ѕвезда на сите времиња, и, од пејачот кој кај нас е препознатлив токму по тие изведби и нивна репродукција, Џон Илија Апелгрен.
Романтиката нѐ однесе на далечно патување со чувствата и илузиите, а самиот Апелгрин пред да ги испее славните теми ги најавуваше со кусо набројување на историски факти, кога се тие снимани и што е најкарактеристично за нив.
Уживање до максимални граници со: Basie- Straight ahead, For once in my life, Cheek to cheek, That’s life, Come fly with me, Day in- day out, I’ve got You under my skin, I get a kick out of You, Summer wind, Rompin’ at the Reno, Tangerine, They can’t take that away, The best is yet to come (последен пат од Френк испеана пред публика на 25 февруари 1995), Bad, bad Leroy Brown, Fly me to the moon (која се смета за најубавата, премиерно изведена на 21 јули 1969, емитувана во моментите при слетувањето на “Аполо 11” на Месечината), Something stupid испеана во дует на Џон со специјалната гостинка Јасна Трпкова (како пандан на дуетот Френк и неговата ќерка Ненси Синатра, инаку најславната мелодија, снимена во 1967 година, и која високо се вивнала на светските топ листи) и сосема за крај, очекувано, New York, New York, во оригинал испеана од Синатра во шоу во октомври 1978, а снимена во 1979 година, со која пак нашиот џезер Апелгрен за прв пат настапил со Оркестарот на МРТВ во 1990 година, а во музички аранжман на Илија Пејовски, од каде што тргнала неговата кариера.
Оркестарот во состав Кирил Кузманов, Борислав Веселинов, Славко Ѓоргиев, Валентин Видовиќ, Иван Трајановски, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски, Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски, Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски, Зоран Костадиновски, Виктор Филиповски, свиреше под диригентство на маестро Џијан Емин.
Во програмата учествуваа и истакнати балетски уметници на НОБ.
Како што кажа и тој самиот, Апелгрен верува дека со Националниот џез оркестар допрва ќе се гордееме. Тоа е сосем точно, затоа што иако не го измисливме овде џезот, тоа е одамна измислено, но дефинитивно со него тие направија еден културен пресврт откако културата кај нас низ годиниве достигна до некои ниски скалила, а сега даваат голем зрак надеж, со тоа што светот го носат тука, а нас нѐ носат во светот, преку магичните ноти на најпопуларната и најуниверзална музика.
Во таков манир беше и самиот концерт, како да беше толку засебен свет обвиткан од целофан, од каде и реалноста изгледа сомотно мека, нестварно нежна и недопирлива.
А публиката?
Беше во различен генерациски состав, според дијалектите мешана од цела земја, но навистина селектирана и исцедена преку некои (невидливи) инки на добриот вкус. Одбран круг, за кој многу е важна способноста што ја покажува- да се почувствува и доживее ваквата музика, поточно оваа музичка култура, и круг кој допрва ќе треба уште да се проширува со секој еден кој обожава сосема фини нешта…


Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.