Licentia poetica со Афродита Тоцили – Станав сојузник на ветерот за да можам да слушам како го изговараш моето име

1150

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Афродита Тоцили е родена во Крушево каде го завршила основното образование, средното во Битола, а Економски факултет во Белград,англиски јазик на Кембриџ, италијански – на универзитетот во Парма – Италија, есперанто – во Писаница – Интернационален центар во Бугарија и со дополнителни испити се стекнала со диплома професор по Влашки јазик на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Иако скоро целиот работен стаж го поминала работејки во економската струка, таа вонредно ги студирала и странските јазици.

Со пишување се занимава уште од основното чилиште.Учествувала на многу поетски средби во поранешна Југославија ( Белград Сараево, Нови Сад) и надвор( Медитерански средби во Палермо, Парма, Будимпешта, Солун). Пишува на неколку јазици македонски, влашки, српски, англиски, италијански и есперанто.

Првата збирка песни „Лутања“ е издадена на српски јазик, втората „ Искинати соништа“- на 5 јазици, третата – „ Капки од животот“ и „Латици од роза“  на македонски. Во печат се уште две збирки „Несонет сон“ ( на влашки) и “ Талканја низ животот“(на македонски).

Покрај поезијата, има издадено и два учебници за изучување на влашкиот јазик со работна тетратка и Разговорник Влашко македонски и англиско-влашко-македонски,

Во интернационална антологија за лирска поезија во Илиноис,САД, пред две години е објавена нејзина песнам а во јули месец 2019 во интернационалната група „Најдобар светски поет и поетеса„ доби златна плакета, Исто така, во поетската интернационална група во Индија, една нејзина песна е прогласена за песна на месецот, како и објавена песна во антологијата Гоџиоши.

Нејзини песни се пореведени на шпански во Куба, на јазиците хинду и бенгали.

 

* * *
ТИ –
опоен мирис
на една расцветана
ливада,
светлина на денот,
убавина на едно
зајдисонце,
љубов на еден живот!
ТИ –
го претвори мојот живот
во песна,
светот –
по поднослив,
а времето-
помалку горчливо!
Каде и да одам,
не гледам друг лик
освен твојот,
не познавам
други раце
освен твоите!
Знам само
дека љубовта
го има твојот лик,
и денот ми е покриен
со твојата насмевка
во која
ЈАС ЖИВЕАМ!

 

***

Беше септември
кога зачекори
во мојот живот
и внесе ураган од сонце од сите,
изминати лета,
внесе вкус на жетва,
и зрело овошје.
Ноќите станаа наши,
лудоста
наречена љубов
проструи низ нашите жили,
а есента посла
килим од злато
по кој зачекоривме
и почнав,е да сонуваме !

 

* * *
Станав сојузник
на ветерот
за да можам
да слушам
како го изговараш
моето име,
што звучи
како синфонија на среќа
која ја растерува
меланхонијата,
ја топи ледената прегратка
обвиткана
околу моето срце
и –
наговестува нов
СОНЧЕВ ДЕН!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.