Licentia poetica со Александар Димкоски-….Замислени глави потпрени на лакти, заблудани мисли по небитни факти…

1198

 Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Д-р Александар Димкоски е мислител и поет. Роден е во Прилеп во 1965 година. Специјалист е по ортопедија и трауматологија. Вработен е во ЈЗУ „Борка Талески“ –Прилеп. Бил претседател на комисијата на Примарната здравствена заштита при Лекарската комора на Македонија од 1996 до 2000 година.  Автор е на стихозбирката „Грст светлина“ објавена во 1996 година и на уште две книги кои не се објавени заради лошата здравствена состојба во која се наоѓа.  Во сферата на неговото интересирање е постоењето и протокот на филозофската  и религиозната мисла низ вековите. Свири виолина, уредник бил на радио-емисија од областа на филмската уметност, иницијатор и сценарист на манифестацијата „Здравиот човек е најбогат“ која подоцна прераснува во манифестација „Докторите пеат“, автор е на повеќе сценарија за различни културни манифестации и промоции на книги. Настапувал ширум Македонија и како поет и како виолинист.

Проф. д-р Ферид Мухиќ, рецензент на книгата „Грст светлина“, истата ја карактеризра како:

„Дело какви што има сосема малку во македонското книжевно творештво. Како радикална и формално и јазички високо дестилирана поетска целина,таа е повеќе од социјална критика и политички ангажиран текст. Во неа е присутна автентична животна филозофија и еманципирана самосвесна проценка на мислител и поет кој не прифаќа никакви идилични и пасторални самоизмами  и кој во ниту еден став не престанува да се бори против сите видови демагогија и  за интегритетот и достоинството на човекот воопшто, како и на оној кој е жител на современа Македонија. Исклучтелно, ретка и остра доза лек од лакарот кој знае дека нашиот современ пациент ќе мора да го испие барем за да ја согледа својата коматозна етичка омаеност и социјална отапеност“ -пишува во рецензијата проф.- д-р Ферид Мухиќ.

Ви преставуваме три песни од д-р Александар Димкоски, објавени во книгата „Грст светлина“(1996).

 

АРЛЕКИНСКА

Под силен наплив на помодарство,

се создаде ново арелкинско царство.

 

Во тоа царство се е можно,

плитари од измет прават сложно.

 

Палата се гради особено цврста,

кој ли ќе владее со оваа врста?

 

Во изборотвлегуваат многу кандидати,

веројатно ќе има за сите мандати.

 

Декор на палатата се шарени памфлети,

неколку се нови, повеќето ветви.

 

Наполно се исти цареви и слуги

Бегајте од тронот, тронот е за други.

 

СТЕРИЛНА

Замислени глави потпрени на лакти

заблудани мисли по небитни факти.

 

Ни црно, ни бело се тука е сиво

и вечно закопаното овдека е живо.

 

Стерилни идеи за суштински преврат

патеки се нови што водат во неврат.

 

Нашминкани лаги и лудости многу

прегрнати братски ѓаволи и богој

исчепкани тајни од исток и запад,

еви ви Македонци оружје за напад.

 

Скокоткајте упорно, ќе умрат од смеење,

спијте си долго, без творечко бдеење.

 

Еј ветрови јаки, овдека се гушам

растерајте магли и несносна реа

донесете порој да престане суша

заглушете лелек и вратете смеа.

 

Ко некогаш дувајте, јас понизно молам,

слечете ја науката, да остане гола.

 

ГУРМАНСКА

Светските кулинари и овде се одомија

отворија ресторан „Совршена помија“.

 

Храна нудат секаква, најубави моменти

изборот е пребогат за сите консументи.

 

Бабините рецепти замреа со ветерот

еве ја понудата што го плени етерот:

  • Македонска пајка на кинески начин,

во унгарски сос, со индиски зачин;

 

  • Амерички копан со афрички гарнир

послужено естетски со француски манир;

 

  • Италијански макарони и сирење данско

со словенечки Фруктал или вино шпанско;

 

  • Бугарски компир и романско свинско

сето тоа долго динстано на „плинско“.

По обилен ручек, нудиме и десерт:

  • Пресни грчки слатки од пред некој месец.

 

Јадете Македонсци, не штедете на храна

  • Од овошје нудиме пананска банана.

Ајде овде Најгладни на шведската маса

грабајте и лапајте кој колку ќе стаса.

 

Готвачите врвни од „Пустинска луња“

од денес ќе готват во вашата кујна.

 

Јадете и молчете, не барајте маани,

вие сте сештојадци, не сте стари гурмани.

 

Баравте Македонци во храната мир,

добивте киселини, а и злочест чир.

 

Избор: Филип Димкоски

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.