LICENTIA POETICA СО КИРО ГЕРАСИМОВ-…„Паднаа листовите, не роди ни полето, изгоре тревата под врелиот жртвеник на опустениот ден“

986

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Киро Герасимов е новинар, поет, публицист и преведувач, роден е 1951 година во Кочани, Р. Македонија. Заврашил Филолошки факултет во Скопје, книжевност со македонски и словенечки јазик. Работел како професор по македонски јазик, бил директор на Домот на културата „Бели мугри“ во Кочани. Се до пензионирањето професионално се занимавал со новинарство и работел како новинар – уредник во Македонската радио телевизија.

Автор е на педесет и шест кнниги поезија, проза, како и книги од областа на историографијата, археологијата, театарот, музика, спортот. Собирач е на народни умотворби од Источна Македонија кои се објавени во четири книги поезија, проза, народни верувања и обичаи. Автор е на десетина сценарија за телевизиски и радио емисиии  за потребите на МРТ. Преведува од словенечки и српски јазик.

Неговата поезија е преведена на полски, словенечки, црногорски, српски и турски.

Застапен е во зборници и антологии на поезија на македонски, српски, црногорски и словенечки јазик. Учесник на неколку научни симпозиуми од областа на историјата. Дел од богатиот новинарски материјал кој го сочинуваат 120 книги, се наоѓаат во Роднокрајното одделение на кочанската библиотека „Искра“.

Добитник е на годишната награда за новираство на МРТВ, на Седмо  септемевриската награда на град Кочани, како и на меѓународната награда за поезија од фестивалот „Машта и снови“ во Сремска Митровица, Р. Србија.

Живее и твори во Кочани, Република Македонија.

 

ИГРА НА ВРЕМЕТО

Глуви патеки од солзи

празни раце и тежок ден.

Ни лист на дрвјата

ни трева по ливадите,

ни клас по полето.

Времето разлутено

го камшикува денот

и неговите аргати.

Паднаа листовите,

не роди ни полето,

изгоре тревата

под врелиот жртвеник

на опустениот ден.

 

ЖЕТВАРКА

 Ги ладеше на изворот

безбројните мои самнувања

понесени во очите.

Го миеше трендафилот

подарен од мајка и.

Со врелите мечти

го усвитила железото

и српот го исковала.

А навечер уморена

се враќаше од полето.

оставајќи ја умората

на полињата

од млади жита.

 

СПОКОЈСТВО

 Постојам во нечии мисли

сега сум спокоен.

Можам да отпатувам далеку.

Денот повторно се раѓа

во магливото утро.

Се будам чекор да фатам

со времето кое разлутено лета.

Со песните во животот

постојам.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.