Licentia poetica со Михајло Свидерски – На Божидар…..Едно езеро се полни на ќошот до ѕидот и прелева во твојот сон..

537

Михајло Свидерски е автор е на три збирки поезија. Учествувал на повеќе поетски фестивали и читања, застапен е во домашни и странски книжевни списанија, антологии и зборници.

За романот Бело и Црвено  во 2014 година ја добива  наградата „Новите“ што се доделува за најдобар прозен дебитантски ракопис.

Во 2016 година, романот Бело и Црвено е објавен на бугарски јазик.

Неговата поезија е преведена на англиски, руски, грчки, српски, бугарски , албански и унгарски јазик. Основач е на издавачката куќа Восток. Преведува поезија и проза од англиски, бугарски и српски.

 

 НОМАД 

На изгрејсонце

тргнувам кон Исток

бегајќи од европскиот студ

станувам

номад што талка низ степите,

никаде не можам да запрам

а каде и да запрам,

таму е мојот дом,

во себе

подигам шатори јурти

и со малку тишина

можам да ги поразам ветриштата.

Астана 22 мај 2018

 

СЕДМИЦА

Понеделник

Јин и Јанг, создадени со исто движење

постојано невидливо го држат

балансот на светот

 

Вторник

Племенските богови помагаат

гладните во Африка

секој ден ја одлагаат смртта за утре

со голема медиумска покриеност

 

Среда

Буда разбуден спие и размислува како да

избегаме од кругот на страдањата

а ние страдаме секој ден, без престан

и никако да му побегнеме на стравот.

 

Четврток

Вишну го одржува светот

Шива го разурнува играјќи

ние умираме радувајќи се.

 

Петок

Села Алаху алејхи ве селам

од Алжир до Иран

заради нафтата изгоре светот

 

Сабота

Адонај, Елохину, Сабат е.

Каин секој ден го убива брата си

Авела, од Витлеем до Ерусалим.

 

Недела

Истриј го од нас жигот

на Антихристот

Христе!

 

 

 

ПРОЛЕТ

 На Божидар

Штотуку почнува да дише

дрвото во дворот

од гранките секоја пупка

набрекната

во разни бои се отвора

се испупчува како нов живот кога се раѓа

како надојдени поројни дождови

како ненадејна поплава од бои и мириси.

Усвитени жарчиња паѓаат како метеори

 

Едно езеро се полни на ќошот до ѕидот

и прелева во твојот сон,

ти се растегнуваш, ние стоиме како стража

над твоето пролетно спиење и

рацете наши се твојата татковина.

Можеби се запали и сонот

да ти навести да не стоиш на раскрсница

да иташ,  и секогаш да се погледнуваш наназад

да не заборавиш од кај тргна

и дека има  лошо време и време мирно

и матно време да не заборавиш дека има

да не заборавиш да љубиш,

да не го заборавиш Писмото.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.