„Маџун“ од Влада Урошевиќ е избран за годинешен национален претставник за меѓународната книжевна награда Балканика

1086

Жири комисијата за избор на национален претставник на „Балканика 2019“, во состав проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Ермис Лафазановски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, член, nа својата последна седница, одржана во септември 2019 г, за национален претставник едногласно ја избра книгата „Маџун“ од реномираниот македонски писател Влада Урошевиќ.

Стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2019“  во својата одлука вели дека на распишаниот конкурс за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2019“, до националниот организатор и претставник на фондацијата Балканика,  „Магор“ оваа година пристигнаа вкупно 12 дела (меѓу кои и арт сликовница). Изборот го поткрепува со објаснувањето дека:

Станува збор за кохерентно остварување, кое се издвојува по мајсторството на приказната и раскажувањето, своевидна автофикција, чиј фокус е сосредоточен врз наративот на одраснувањето, во пресрет на драматичните настани на војната.

Романот Маџун од Влада Урошевиќ е структуриран во три дела: „Рајот на детството“, „Сјајот на детството“ и „Крајот на детството“. Самата тријадна градба на делото, во насловите на одделните поглавја го открива како доминантен хронотопот на детството, што, небаре Аријаднина нишка, се провлекува низ лавиринтот на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Романот Маџун не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера и роман со исклучително урбан сензибилитет и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма.

Иако, лоциран во препознатливото урбано миље и секојдневие на Скопје, приказната, во своето обликување и благодарение на самата реторика на обраќањето, отскокнува како универзален наратив за возбудливото откривање на светот, но и фасцинираност од неговата скриена (втора, подземна, хтонска, или, просто, чудесна) димензија. Зачудното кодно име Абраксас се провејува низ целиот роман, како симбол или метафора токму на таа двојност и загадочност, од која истовремено се плашиме и по која воедно копнееме, заедно со нараторот.

Напуштањето на семејната куќа, под притисок на воена закана, од своја страна, е прикажано не толку анегдотално, колку ритуално – како вид (и онака неминовна) иницијација, вовед во процесот на одраснувањето, кое, меѓутоа, никако не може да се замисли, ниту оствари без драгоцената поддршка и „асистенција“, токму од притаените, забранетите, невидливите сили и суштества, кои ја населуваат куќата, а особено дворот, како микрокосмос на детето – истражувач. Навидум, борхесовски вдахновена, споредбата на градината со книга, всушност, произлегува и се темели на неговата лична страст по природословието, атласите на дедото библиофил, нескротливото љубопитството и прашалност.

Суптилните примеси на хумор и духовитост, проткаеноста на четивото со дузина автентични гастрономски рецепти – ја дополнуваат не само приемчивоста на ова дело, туку и самата магија на читањето, кое, денес, е исправено пред толку многу сопернички и љубоморни закани (во напливот и доминацијата на сликата).


Конечно, неколку од карактеристиките на оваа проза, како што се мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија, несомнено го збогатуваат препознатливиот и софистициран раскажувачки стил на овој автор, односно, високиот степен на култура на јазикот и изразот, како белег на севкупната писателска дарба на Урошевиќ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.