Mакедонската група „Визија“ на „Europe Convergence“ во Грција- „Време е секој секого да прифати“

1422
Photo by: Stefan Rajhl

Интервјуто со групата Визија за  www.kulart.mk го реализираше Валентина Ѓоргиевска-Парго

„Време е секој секого да прифати“, со ваква силна порака младиот и препознатлив рок пејач Марко Гапо го заокружи својот прв настап со бендот „Визија“ на Пелопонез, во Грција. Деновиве е во тек нивната три-концертна турнеја кај нашиот јужен сосед, во рамките на еден меѓународен проект, за кој по нивниот прв настап опуштено и незадолжително поразговаравме во крајморскиот бар „Анонимус“ во Селианитика, до Патрас.

Марко Гапо пејач и ритам гитара, Марко Џамбазоски гитара и придуржен вокал, Лилјана Јанкова бас гитара и придружен вокал, и Синиша Ѓорѓевиќ на тапани,  дочекани и испратени со овации, ја претставуваат современата македонска музика, на начин кој доликува на млади, перпективни и културни музички творци.

Здраво момци. Одлични бевте. Бендот „Визија“ имаат чест овие денови да музицира  во Грција во рамките на интернационален проект и конференција „ Europe Convergence “, кој што се одвива меѓу три држави Франција, Грција, Македонија, а  новинарската екипа од Македонија има можност сето тоа да го регистрира на самото место. Имавте концерт во вторникот вечерта, во еден од нивните елитни летни клубови „Курсарос“, каде, патем и ја отворивте целовечерната музичка програма, со други музичари. Се разбира,  голема е одговорноста да ја претставиш својата државата пред интернационална публика. Какви се импресиите?

Марко Гапо: Како и секогаш кога свириме некаде во странство, односно надвор од Македонија, нас ни е посебно искуство, затоа што свириме на места каде што никој не не знае, и нашата музика им е потполно нова на нив. Па од тука  и реакциите што ги добиваме се искрени реакции, затоа што во публиката немало наши лични пријатели, не оценувала потполно нова публика. И  секогаш тоа нам ни е  така, така ни беше и за време на нашиот настап, сепак и тоа е посебно искуство и доживување затоа што прв пат сме во Грција. Уште поинтерено што сето тоа се случуваше покрај море.

Исто, интересно беше што свиревте покрај море. Имаше ли трема пред да почне да пееш?

Марко Гапо: Секогаш имам трема пред настап. Позитивна трема.

Што репертоар отсвиревте?

Марко Џамбазоски: Отвиревме дел од материјалот кој што го создававме од нашето постоење до денес. Интересно беше да се претстави, ете, наша музика на македонски јазик, воедно, голема е одговорнсоста да ја пренесеш пораката што сакаш да ја пренесеш, на луѓе кои што не го говорат твојот јазик, а сепак да ја разберат и музиката и пораката. Така што едно убаво искуство, прв прв настапуваме во Грција, сега не очекуваат уште два настапи, овие наредни два дена

Каде треба да свирите? Репертоарот ќе биде истиот?

Лилјана Јанкоска: Утревечер настапуваме во „Аколи бич Мати“. Ќе биде исто на плажа, би требало да биде малку поразлична атмосфера од тоа што беше завчеравечер, но не се сомневам дека пак ќе биде супер. Ќе го оствириме отприлика истиот материјал, но подготвуваме и едно изенадување и е надевам ќе биде се како што треба.

Ти си единствена музичарка, во претставничките состави на трите земји, имаш малку попривилегиран третман од колегите?

Лилјана Јанкова: Пробувам да се чувстувам еднакво, зошто сите сме еднакви, особено во бендот. Јас мислам дека со текот на времето сите станавме еднакви, иако на почеток не беше така (се смее).

Марко Џамбазоски: На почетокот во бендот внимаваме што зборуваме пред неа, сега се живо  и диво зборуваме (се смее).

Во рамките на овој проект ова ви е трета држава во која настапувате. Ова фактички е завршница, како се вклучивте во оваа програма и каде се свиревте досега?

Синиша Ѓорѓевиќ:  Добивме покана на маил за сите млади луѓе кои се занимаваат со музика,  со готвење, или со новинарство да се пријават и да учествуваат  во проектот што ете ќе ги зближи народите на три различни земји, Македонија, Франција и Грција. Се пријавивме и ја имавме таа чест да бидеме одбрани. Првиот дел од проектот се случуваше во Македонија од 8. до 14. мај, тогаш  дојдоа Грците од „Но рецепшн“ и Французите од „ФалКор“ настапуваме во Аколи! “кај нас и поминавме супер. Потоа на 14. мај тргнавме за Дижон и таму останавме до 20. мај , каде имавме  разни активности, и проби со искусни професионалци. Не водеа, ни даваа волја, на даваа совети.

Со  истиот репертоар се претставувате во сите три земји?

Синиша Ѓорѓевиќ:  Плус минус да, со тоа што сепак со мали измени гледавме да не бидеме монотони, малку правиме измени  во редоследот, отфрламе или додаваме делчиња за да не биде баш сосема истото.

Марко, ти си професионален дипломиран и прилично харизматичен пејач, меѓутоа тука има една убава можност и шанса да работиш со едукатор од врвен калибар, обучуваш по музика од Америка. Колку е предност да се едуцираш за пеење кај професионалец, за начинот на интерпретација, сценско претставување, од какво значење се лекциите што ти ги дава Клаудија Филипс?

Марко Гапо: Клаудија потекнува од Калифорнија, но живее во Франција. Лекциите што ми ги дава се скапоцени, не само за мене туку и за целиот бенд, Клаудија е многу добар професор, знае како да постапува во секакви ситуации, што да каже, како да помогне, кој совет да го даде и мислам дека има искуство со преку 500 бендови што ги има тренирано и баш ми е мило што имавме можност да работиме со неа. Работите што ни ги покажа таа но и нашите колеги, кои што се нејзини студенти исто така ни помогна да размислуваме за некои работи и на друг начин, да ги погледнеме работит, од друга перспектива, и мислам дека тоа многу ќе ни помогне за понатаму.

Зошто не пеете на англиски јазик, прашање кое доаѓа само по себе кај интернационалните бендови, каков што е вашиот, кои обично својот репертоар го составуваат на јазик разбирлив за поголема маса на луѓе? Грците се претставија со песни на англиски јазик.

Марко Гапо: Ние пееме на македонски, затоа што првично започнавме како македонски алтернативен бенд и нашата првична публика е македонска публика и логично беше да настапиме на македонската сцена со наш јазик за полесно да допреме до нашата публика на јазик кој што на сите им е близок и би можеле подобро да разберат и да ја дожиеат нашата музика.

Марко Џамбазоски: Од друга , и многу подобро можеме да се изразиме на свој мајчин јазик затоа што тоа е јазикот на кој што говориме во секојдневниот живот и најдобро го владееме. И секоја емоција можеме најдобро да ја пренесеме преку овие зборови.

Колку се пронајдовте во еден ваков тип на турнеја, нетипичен, каде што не е само ваша турнеја, не е само заедничка музичка турнеја со ваши колеги, туку имате и други професии- готвачи и новинари. Колку тоа дава една поинаква димензија и поинаква динамика на сето ова дружење?

Марко Џамбазоски: Па тоа е одлично сите се надополнуваме. Баш ми е драго што имаме и новинари, што сте вие две присутни (потписникот на интервјуто и уредничката  Татјана Гогоска н.з),, да може да се пренесе тоа и на оние кои немаа можност да бидат тука. Бидејќи, ете, кај нај конкретно во Македонија фалат новинари кои што пренесуваат вести и информации  од музиката. А тука се надополнуваме, имаме новинари, готвачи кои што не хранат, ни помагаат да бидеме полни со енергија за нашите настапи, така што е едно убаво искуство. А со музичарите од другите земји се дружиме и се надополнуваме и со нив гледаме учиме за различен пристап кон музиката, различен перформанс, сите се надополнуваме некако, учиме меѓусебе така што нас ни одговара ваквиот начин на работа.

Кога спомнуваме специјалитети, ќе те прашам кое јадење ти беше најубаво досега, овие денови вкусивме многу специјалитети?

Марко Џамбазоски: (Се смее)  Најубаво ми беше она што ни го сервираа пред нашиот концерт. Бидејќи беше месо, месо, месо, различно месо подготвено на скара. Бидејќи јас не јадам тиквички, а тука многу често готват тиквички.

Лилјана, кој ти беше најубав дел од сето ова патување, музицирање и дружење, како ти гледша. Што ти причинува посебно задоволство?

Лилјана Јанкова: Па мислам дека општо дружбата со сите, тоа што ги запознавме малку подобро луѓето од Франција и Грција, не само како  Французи или Грци, туку како обични луѓе, „луѓе од соседтсвото“, размената на некои нивни искуства. А најубав дел беше тоа  што имавме  соработка со професорите од кои  што слушнавме многу работи кои воопшто не ги имавме ни помислено, додека сме свиреле во Македонија.

Колку  професори имавте?

Лилјана Јанкова: Имавме повеќе професори. Во Франција дури на секоја проба имавме различен професор и трене, секоја проба беше различна и секој  имаше нешто ново да ни каже. Ако едниот ни кажуваше за вокалите, како да ги тренираме, другиот кажуваше за настапот на  сцената, третиот зборуваше за аранжирање и за креирање на песни и едноставно собравме доволно совети, досега што не ни биле познати.

Освен добрите впечатоци што ќе останат засекогаш, дали веќе има во план некаква соработка со дел од другиве колеги, дали веќе размислувате за нешто повеќе по заврувањето на проектот. Да очекуваме сето ова да биде преточена во една заедничка музика?

Синиша Ѓорѓевиќ: Можно е, затоа што Клаудија како главен тренер на музичарите спомна дека сака да пробаме да креираме да се измешаме, така што може да излезе нешто интересно. А за соработка во иднина можеби ако да напраи некоја поголема европска или балканска турнеја верувам дека ќе бидат отворени за соработка. На пример, ако  ние сакаме да свириме некаде во Грција или да прошетаме нагоре кон Европа, верувам дека Французите би ни помогнале, би не сместиле, би не  прифатиле, би ни се нашле. Како и ние за нив, ако повторно решат да дојдат да свират кај нас.

Во секој случај интересно е што сепак иако ова е размена или спојување на млади бендови сепак мора  да кажам дека е една убава и пријатна обврска да ја претставувате својата земја. Ввас не ви е прв пат. Фактички имавте среќа ете уште од самиот почеток да се прославите низ Балканот, особено на сцени за млади таленти. Настапивте во Бања  Лука на познатиот „Демофест“, потоа во Зајечар на славната Зајечарска гитаријада…

Марко Џамбазоски: „Егзит“ НовиСад, на „Лејк фест“ во Црна Гора, во „Рок енд поп бордерс“ во Благоевград, Бугарија, „Складиште Фест“, Крушчиќ, Србија, „Миксер фестивал 2014“ – Белград низ Македонија на „Таксират“ на „Пиволенд“, на „Тат так“ фест, но настапивме и една мини турнеја низ Србија неколку градови поминавме, така што имаме прилично настапи надвор од Македонија. Еве ова е седма или осма држава во која свириме, и убаво искуство е бидејќи сегде гледаш каква е разликата колку се тие понапред или поназад од нашата сцена, колку фестивалите им се понапредни, и музичко  новинарство, критиката. Така што се почесто добиваме покани да настапиме надвор , но се надеваме дека и кај нас конечно ќе профукционира таа музика сцена и ќе има уште повеќе фестивали, каде што бендовите ќе може да се претстават.

Сакав да се надоврзам со моето следно прашање, барем засега ги знаеме попустите кои  се и во медиумската сфеrа и на сцената и нема некако доволно простор  за експонирање на  музички бендови колку што е потребно. Еве вие сте пример дека и покрај сите тие гостувања некако во Македонија се уште не го  имаме местото кое го заслужувате.

Марко Џамбазоски: Медиумите бараат некаков комерцијален прозвод кој што ќе  им донесе реклами, кој што ќе им донесе пари, а пред се таа бизнис елита ги диктира оние производи кои што постојано ги гледаме на телевизија. Се некои реални шоуа, се некои кич производи , секојдневно  гледаме едно исто кое што им е испорачано и го тераат, од една страна ги разбирам затоа што ете веројатно сакаат да заработаат некој денар од друга страна пак од етички аспект кој го имаат да го едуцираат народот тие не го исполнуваат и едноставно квалитетот на програмата на нашите телевизии на медиумите воопшто е на многу ниско ниво.

Се чувствувате малку тажни  запоставени поради сето тоа. Ве има „по странство“, ве нема на радија, односно ве има но ограничено, во неоволни дози?

Марко Џамбазоски: Најголем проблем е тоа што нема музичката индустрија која што ќе се грижи за музичарите, кои што ќе го води нивниот пат. Музичарите ќе го прават тоа што треба да го прават да свират да творат, да настапуваат да снимаат албуми, сите други кои ќе работаат за нив да им го помааат нивниот пат, да им огранизираат настапи да им организираат студија за снимање комуникација со медиумите. Затоа што не секој да прави се сам, мора да се фокурисаме на нешто.

Постоите осум години и имате еден албум насловен „Гласно!“. Кога да очекуваме еден голем концерт со кој на домашен терен би се заокружила досегашното ваше мошне успешно претставување низ регионот, и пошироко?

Марко Гапо: Сега засега немаме некаков план за концерт, веројатно во моментов приоритет ни е да се фокусираме на некој нов материјал со кој би се освежил нашиот репертоар, да пробаме нешто ново да експериментираме да видиме каде може да стигнеме и со такво нешто, да се претставиме на нов начин во Македонија.

Вашите „експеримети“ одлично поминуваат. „Визија“ има добиено одлични критики од американската радио станица „WMBR” и британскиот музички веб сајт „Emerging Indie Bands” кој на нивната листа на најдобри 90 нови бендови од светот за 2014 година, ве поставува на високото седмо место. Имате деби албум „Гласно!“ со девет песни, 40 минутен материјал. Што имате ново оттогаш наваму?

Марко Гапо: Се што имаме од тогаш направено е засега во просторијата каде вежбаме. Ништо не е објавено јавно .

Ви годеше ли одморот во Грција, покрај море. Пред да дојдеме тука Марко си направи  авантуристичка соло туристичка турнеја низ Европа. Поточно, ја повтори од пред две години,кога со ранецот и полн љубопитство во себе кружеше наоколу.

Марко Гапо: Да зошто да не, супер работа е свирење и одмарање покрај плажа. Со воз патував низ Европа. Секогаш патувања низ Европа во денешно време е прилично лесно изведливо и мислам дека повеќе луѓе би требало да го истражат тој дел од животот, откривање на нови култури, нови земји, бидејќи секогаш се  јас лично сум наидувал на  неочекувани случки, изненадувања, сум откривал нови работи, сум добивал нова перпектива за нештата сум запознавал многу интересни луѓе. Еве на некој начин интересна авантура е патувањето само по себе.

Бидејќи си професионален музичар дали работиш нешто настрана од бендот?

Марко Гапо: Па најчесто се вклучувам во разни  музички проекти, дали е со снимање подготвување, на некоја претстава, некогаш и со глума, снимање  актерски видеа или театарски претстави, гледам секогаш да сум активен  и нешто да работам во областа на уметноста.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.