„Медена земја„-Атиџе, лик од преданијата, приказните и бајките каде доброто секогаш го победува злото

1454
2020 Gordana Vincic

За маестралноста и тагата во земјата која мириса на љубов, за филмот „Медена земја“ напишав во септември, кога ја гледав оваа приказна преточена во безвременски филм. Деновиве многумина напишаа, па си мислев зошто и јас но, има нешто што ме мотивира сепак да напишам уште нешто. Средбата очи в очи  и погледот на една жена која толку многу личеше на Атиџе и со детенце во рака ме праша каде е Букурешт амбулантата а втората е цртежот на сликарката  Гордана Винчиќ направен во јаглен, која ми дозволи да го ставам на насловот на оваа сторија.

 

За маестралноста и тагата во земјата која мириса на љубов, за филмот „Медена земја“

Тука е и  напливот на емоции, радост, благодарност….. се што може да предизвика успехот на оваа  филмска приказна. Овој пат, ликот на Атиџе од една друга димензија, која ја насловив како „Атиџе-лик од преданијата, приказните и бајките во кои секогаш доброто го победува злото“.

А злото се насели насекаде околу нас и за жал во многумина од нас, па безмилосно урива и руши се што е човекова вредност. Можеби затоа дојдовме до состојба во која за зрак свеж воздух се бориме, за гола живеачка молиме, или пак за тронка почит страдни сме.

Атиџе  , ликот кој ќе повторам во себе ја има највредната животна карактеристика на една личност, која можете да ја препознаете во нејзината реченица кога се обраќа до пчелите: „Ви благодарам многу, машала многу сте ми дале, затоа пола ќе земам, пола ќе Ви оставам“. Кога сите би живееле така, светот дефинитивно би бил поубаво место за сите.

Ама за жал и после објавените номинации за Оскар, овој пат во две категории: во категорија на документарен филм и во категорија на странски филм, јавноста се бранува со најразлични коментари, од најпозитивни до оние маргиналните и најболните, кои доаѓаат од поединци или општествени групи, чии вредности се далеку со светлосни години од духот и човечноста на главниот лик Атиџе.

И нели велиме нив ги имало, ги има и ќе ги има. Да така е. Ама жалосно е што стануваат побројни и поалчни, па нивните лични интереси и безмилосност не можат ни да ги допрат духот и добрината на главниот лик, но и на нејзината мајка, која како и секоја мајка, потисната од тажната судбина на своето чедо дури и „пролетта ја идентификува со зима, па на веста од ќерка и дека доаѓа пролетта одговара „Има пролет?„…„Има ,нормално„…а мајката „Толку зими поминаа..“

А зимата, да таа е ладна, ветровита, мрачна но знае да биде и снежна, па снегот да го забелее сечиј живот донесен до еден праг на самоопстојување и нескротена потреба за живот, каков таков „оној што Бог ни го дарил“.

Совршени слики во овој документарен филм „Медена земја” се беспрекорно споени во кои алчноста, ненаситноста, злобата се испреплетуваат со љубовта, чесноста, истрајноста, семејството и природата. И колку на моменти да е мачно кога го гледате филмот и се прашувате „како ќе се спаси Атиџе себеси но, пред се пчелите“ сепак морате да верувате дека она што е вредно и силно сепак победува.

Атиџе ги победи сите , и оние што и крадеа од медот и оние кои и наштетуваа, ја победи и смртта на единственото битие, кое безрезервно ја сакаше а тоа е мајка и, ги победи невољите, а најголемата цел и беше да ги заштити НИВ ПЧЕЛИТЕ, а со тоа и себе си. Затоа што, како што вели самата „тие се нејзиниот живот“.

Сега Атиџе покрај што го пропатува светот со должната почит од вредната креативна екипа: Љубомир Стефанов, Тамара Котевска, Фејми Даут , Самир Љума, Атанас Георгиев…, стигна до центарот на светот- Њујорк а оттаму до врвот на филмската уметност до „Ноќта на Оскарите“, каде верувам дека заслужено Оскарот за најдобар документарен филм ќе го понесе токму таа Атиџе, херојот од бајката „Медена земја“, во која доброто го победи злото, заедно со вредната за почит екипа.

М-р Татјана Гогоска

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.