Томислав Османли со Беседа за делото на безвременскиот Коста Солев -Рацин, при добивањето на Рационовото признание 2020

680
Место: Велес, Врачување на наградата Рациново признание 2020 на авторот Томислав Османли за неговото дело “Парадоксикон“.
ЗА РАЦИНОВСКАТА ЛИТЕРАТУРА
Томислав Османли

Се чувствувам почестен од доделувањето на угледната награда, особено што мојата книга ја привилегира жири на истакнати уметници и културни дејци. Почестен сум што станав носител на нашeтврвно литературно признание кое се доделува, еве безмалку шест децении, а го носи светлото име на Коста Солев – Рацин, еден од мугрените предвесници на современата македонска литература и, безостатно и несомнено, на идејата на современата македонска демократска државност уште од времињата кога таа се војувала саможртвено, со највисоки идеали, со борба, со крв, со мечта и со песна. На Рацин со кој се гордее и кого не прекинува високо да го чествува овој достоинствен град и неговата доблесна Управа, која привилегира литературата и – во овие ненаклонети времиња – високо ја претпочита културата.   

Делото и личноста на Рацин се утока од најмалку три суштествени, бистри водотеци: неговото врвно поетско и, воопшто, единственото книжевно дело; неговиот хуманистички и социјален ангажман, неговиот слободољубив алтруизам којшто го исполнувал и го поттикнувал на културна и на хуманистичка политичка дејствителност; и неговиот разгргорен, богат македонски јазик, високолитерарен уште пред дефинитивното устројување на нашите стандардни лингвистички канони – и во тој идентитетски делокруг – Рациновата јасна и ангажирана македонска национална припадност и, воедно, неговата најширока космополитска културна определеност. И сето тоа, во времиња кога тие легитимации биле прогонувани, забранувани и жестоко санкционирани. Затоа литературата на Коста Солев – Рацин е творештво на еден чувствен и сочувствен, на еден човекољубив, лиричен, а едновремено и развиорен, модернистички темпераментен, револуционерен и слободољубив, едновремено, и длабоко национален ангажман. Рацин е универзален и национален културен паметник и знак, споменик на отпорот кон негациите и кон релативизациите на сите тие вредности, особено на македонскиот јазик и национален идентитет. Неговиот македонски книжевен јазик е народниот јазик од нашите најстари хоризонти во кои и Рацин бил топло загледан, и од кои впрочем осамнаа и неговите Бели мугри, но и силно светнатиот ден на една бујна книжевност која – тревожно го преопева Тешкото, нежно го открива Раѓањето на зборот во Тишината, која, потем, лирично понесена ги воскликнуваа Румените небесни акварели (како кај Рацина  маритимно инспирираниот восклик: „Сино, Сино, Сино…!” во истоимената песна); а други пати иронично ја разголува и ја руга нашата и светската Каинавелија, или пак го слуша топлиот македонски шепот среде големото растреперено словенско книжевно соѕвездие – дел од сводот на кој блескаат сите ѕвезди на овој единствен свет – и соседски (ние рациновски сакаме да речеме: добрососедски!), и пошироко  европски и најшироко универзален. Тој современ свет на убавата литература денес закрева колосални тревоги, шиба по отуѓувањето на општеството обезличено од меркантилност, од социјален еготизам, од обестите на безграничната моќ на капиталот ставен над човекот, над правдата и над етиката; книжевноста ја жигосува, во сите свои жанрови, видови и наративи, оваа реалност со изгубен човечки лик и мерки, светот огледан во апсурдното орвелијанско огледало, светот на една безгранична хипокризија и новата реалност презаситена од  мултимедиски симулакруми и фатаморгани; на светот на моќта и на  политиката кој се однесува спротивно од сопствените декларации и прокламирани принципи; но воедно новата литература умее и да блика од величествени восхити, во роеви впечатливи творби, отворајќи простори за една понадежна стварност во подобриот дел од 21-ов век. Така и нашите творби и поетики не престануваат и денес, уште поживо, и понепосредно да  комуницираат со светот и да се пресметуваат со неговите и наши хипокризии и парадокси.

Нивниот најбуен извор е токму литературата на Рацин. Таа литература и самата напојувана од страстни естетски и етички ангажмани, носи живи  одгласи на европската модерна: на германскиот експресионизам, на рускиот револуционерен футуризам, на различни школи од социјално ангажираната поезија на европската и на оновремената југословенска модерна; ехото на парискиот и на белградскиот надреализам, но и одгласите на Крлежиниот „Дијалектички антибарбарус” кого што, за разлика од спомнатиот белградски авангарден круг, Рацин – уште поавангардно! – „по срце и по совест” одбива да го критикува според директива „одозгора”…

Тие безостатни левичарски и слободољубиви естетски припадности кои Коста Солев непрекинато ги изразува во своите поетски и прозни творби, во естетските огледи, во книжевно-критичките статии и во филозофски есеи, Рацина го легитимираат како наш витален учесник во уметничката плима на европската модерна мисла и го сместуваат при врвот од универзалните книжевни и филантропски  вертикали. Неговата поетичка модерна е преттекст, како на реалистичките и на т.н. модернистички определби и постапки во претходните книжевни  генерации, така и предуслов за нашава жива книжевна постмодерна. Така и мојата книга („Парадоксикон”), удостоена со оваа угледна Награда е, верувам,  една од пројавите на тие ново-ангажирани, а пост-рациновски тенденции.

Рациновата книжевност се претставува како национална, регионална и интернационална, но – најмногу – таа е своја и наша. Таа е наша и космополитска, зашто и Рациновата песна и дело – го носат  македонскиот јазик, неговиот автентичен звук и неговата светла созвучнист – во светот; како што со своите вредности таа го содржи слободољубивиот, еманципаторски, човечки достоен свет – во македонскиот јазик.

Творештвото на Рацин е Куќа на Мугрите, Дом на големото Срце на овој народ, нашето бело напнато едро на надежните стремежи и нови очекувања, што силовито нѐ носи, бездруго, и во нови домицилни и универзални предизвици, но, верувам, пред сѐ во завладеаниот свет на општествени и човечки вредности; во нашите претстојни и конечно  подобри времиња – „У новиот нѝ век”!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.