„Напрај се Василичар „ и дојди во Вевчани-над 2000 годишната традиција продолжува

170

Под слоганот „Напрај се Василичар“ утре почнува Вевчанскиот карневал, на кој се најавуваат над 1.000 маски и богата програма со културно – забавни содржини.

Иако e само  еден ден до официјалното отворање на овој историски карневал, Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро.

Најголем број на посетители, домаќините очекуваат на 13 јануари – во понеделник, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.

Забавната програма на 12 јануари ќе започне од 19:00 часот, а на 13 јануари музичката програма започнува во 21:00 часот. Вторник, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.

Програмата за Вевчански карневал за 2020 наиде на многу позитивни критики на социјалните медиуми, бидејќи покрај традиционалните обреди, таа вклучува и неколку новитети. Преку кулинарското шоу, Бранко Попоски, food blogger кој стои зад проектот Cooking with Branko, ќе ги запознае гостите со кујната карактеристична за овој крај.

За музичкиот дел ќе се погрижат македонски изведувачи од различни жанрови како македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers, DJ Todoroff, македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска како и Влатко Лозаноски.

Организаторите и годинава најавуваат многу смеа, игра, театар и маски, кои ќе го привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.