Недела на италијанскиот јазик со проекции на филмови, музика театарски претстави и литература

865

Вечерва во 19:30 часот во  Кинотеката на Македонија , ќе се одржи официјалната свечено отварање на XIX издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот. Манифестацијата е  поддржана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и промовирана од италијанските Амбасади низ светот.

Темата на овогодинешното издание е „Италијанскиот јазик на сцената“ и предвидува проекции на филмови, театарски претстави, музика и поетски читања, во кои италијанскиот јазик не е само комуникациско средство, туку и средство на пренос на културата. Првиот настан, вечерва, ќе биде проекцијата на ремек-делото на италијанскиот нем филм Кабирија, колосалниот проект во бои, чие сценарио го напиша познатиот италијански писател Габриеле Д’Анунцио . Проекцијата ќе биде придружена на пијано од Маестро Марио Мариани.

На 17 и 18 октомври, Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираше две конференции на професорот по италијанска лингвистика на Универзитетот во Џенова, Лоренцо Ковери, на тема „Патување низ италијанскиот јазик на музиката од Неапол до Санремо, од сцената до светот“, едно долго и интересно патување низ употребата на италијанскиот јазик во песните на првите години на 20 век па сè до денес.

Денес, во 12 часот, во Националната Универзитетска Библиотека „Св Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи презентацијата на проектот „Дигитална италијанска библиотека во Македонија“, плод на синергијата меѓу Библиотеката во Скопје и Централната Национална Библиотека во Рим (ќе биде присутен и Директорот на Библиотеката, Андреа Де Пасквале) во соработка со Институтот Данте Алигери во Скопје. Вечерта на 22 октомври ќе биде посветена на театарот, со посебен омаж кон македонскиот драматург Горан Стефановски.  Неговите текстови, за прв пат преведени на италијански јазик од ќерката на авторот, Ана Стефановска и од режисерот Лука Кортина, ќе ги рецитира актерката Христина Цветаноска во галеријата „Даут пашин амам“.

Што се однесува на италијанската музика, во четврток на 24 октомври, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ќе се одржи вечерта посветена на познатиот италијански кантавтор Фабрицио Де Андре, одбележувајќи 20 години од неговата смрт. Професорката Љиљана Узуновиќ од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ ќе се осврне на ликот и делото на музичарот, а во продолжение музичката група Бона Деа ќе изведе неколку негови познати песни . На 25 октомври ќе се одржи концертот “Да пееме на италијански“ приреден од студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа, додека пак вечерта, во просториите на МКЦ, ќе се одржи поетско читање – во присуство на авторот – на стихови од збирката „Зборот на непријателот“ на Лука Бенаси.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.