Поетесата Силвана Димитриевска наградена во Косово

45

На 15. Декември во Малешевски, Косово се одржа поетската манифестација на беа доделени наградите од меѓународниот поетски конкурс на Асоцијацијата за култура и литература “Тафил Келменди”. На конкурсот учествуваа 74 поети од 21 земја, а за наградите одлучуваше меѓународното жири составено од: Хана Битичи, Фадил Јавори, Изет Шала, Алесандро Вила и Ирма Курти.
Третата награда ја освои познатата македонска поетеса Силвана Димитриевска.
– Искрено ме израдува веста од Косово дека сум добитник на трета награда на првиот меѓународен конкурс организиран од Асоцијацијата за култура и литература “Тафил Келменди”. Од една страна наградите ни покажуваат, на нас поетите, колку допира до луѓето, до читателите, колку се вреднува она што го пишуваме, оти сепак она што е напишано е напишано за да биде читано и да живее. Од друга страна, ги сакам поетските манифестации затоа што основната идеја која ја носат во себе е да градат културни нишки помеѓу авторите од различни земји, да придонесуваат во размената на мислата, зборот, творечката енергија и на тој начин ја исполнуваат целта на културата да гради и да обединува, ни изјави поетесата.
Таа, наградата ја добил за песната “Приказна пред спиење”.

***

“Приказна пред спиење”

Ноќта се спушти за да го покрие
барутот од улиците.
Син ми ги подзатвора очите,
тие врати што водат
кон моето последно засолниште.
Кога војната дојде подмолно се скри
меѓу гранките на црешата и цветовите.
Раскажувам приказна пред спиење.
Во некоја куќа во градот
е принцезата што го чека своето спасување.
Некаде, по градските улици
јава принцот кој брза да ја спаси.
Тапиот звук од бомбите
е чекорот на џинот.
Кога тој чекори силно се затресува
земјата на самовилите.
Нивниот свет се свртува наопаку
и тие избезумено и збунето
висат со главите надоле.
Кикотот на син ми го придушува
звукот на гранатите.
Му ги бакнувам очите и му ги затворам
да не го види крвавиот отпечаток
од дланка на прозорецот.
Излегувам од собата.
На излегување го слушам како вели:
Чудовиштата што се кријат под креветот
всушност бегаат и се плашат од нас.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.