Совет на министри на Енергетска заедница: До 2030 година да се намалат емисиите на јаглерод диоксид за 60 проценти!

50

Од Виена, Валентина Ѓоргиевска Парго

Оваа недела во Виена (14.12.2022) под претседателство на Украина, заседаваше советот на министри на Енергетската заедница, кој објави амбициозни цели и ги усвои целите на ЕУ од 2030 година за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и гасови за 60 (поточно 60.9) проценти, за намалување на потрошувачката енергија, за обновливи извори на енергија, заедно со пакетот за пазарот на електрична енергија.
Министрите за енергетика на земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија одржаа годишен состанок во Виена како највисоко тело за одлучување во Енергетската заедница и ги усвоија целите: забрзување на прифаќањето на обновливите извори на енергија и намалување на емисиите на гасови за да се постигне климатска неутралност до 2050 година.
Целите за поединечните договорни страни ќе бидат објавени наскоро.
Во Виена министрите ја усвоија целта до 2030 година сите земји да имаат 30 отсто од енергијата произведена од обновливи извори во вкупниот енергетски микс. Како овие мерки ќе се спроведат во пракса, останува да се види, имајќи предвид дека земјите кои се членки на Енергетската заедница од Западен Балкан, иако постигнаа напредок, сепак заостануваат во спроведувањето на правото на ЕУ во областа на енергија, особено кога станува збор за Третиот енергетски пакет.

Кадри Симсон, комесарка за енергија на Европската комисија, ја поздрави одлуката на министрите да ги усвојат целите на ЕУ за 2030 година.
-Ние од Европската комисија најавивме значително финансирање оваа година бидејќи високите цени на струјата го погодуваат целиот регион на ЕУ. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен најави дека 500 милиони евра од најавената помош ќе бидат наменети за директна помош, а останатите 500 милиони за проекти, рече таа.
Белинда Балуку, министерка за енергетика на Албанија, која од Украина веќе следната година го презема претседавањето со Енергетската заедница на една година, рече дека нејзината земја ги исполнила сите цели кои ЕК ги постави пред земјите- членки и дека Албанија (која следната година го презема водството) може да биде пример за другите.
Министрите на средбата дадоа поддршка и за Украина и посочија дека Енергетската заедница е подготвена да даде помош кога станува збор за обновување на енергетската инфраструктура.
Еден од заклучоците на министерскиот состанок беше поврзан со усвојувањето на регулативата на ЕУ за трговијата со електрична енергија,а директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лорковски рече дека ова е важен чекор кон интеграција на пазарот на електрична енергија не само во земјите од ЕК, туку и тие земји, со комплетен пазар на електрична енергија, во рамките на ЕУ и дека договорните страни постигнуваат напредок, вклучително и во интеграцијата со ЕУ.
– Ќе биде потребна декарбонизација за да има пазар целосно интегриран со ЕУ, посочи тој.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.