„Танц фест“ – со јубилејно 15-то издание

690

На 4-ти април со почеток во 20 часот во МНТ започнува јубилејното издание на фестивалот „Танц фест“ со најновата премиера на „Скопје танцовиот театар“ насловена „Идентитети“. Фестивалот свеченото ќе биде затворен на 23-ти април, со претставата „Секвенци-минато, сегашност, иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.

Годинешната програма е посветена на младите, современите танчери и нови кореографски имиња од нашава земја, со цел „општеството да го препознае идентитетот кој го создадовме, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас“-вели во најавата директорката Рисима Рисимкин.

На 5-ти и 6-ти април е предвиден меѓународен натпревар за млади кореографи „Танцлаб“, каде што покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска.

На 9-ти април следи гостувањето на „Кодартс“, од Ротердам, Холандија со претставата под наслов „Таленти во движење“, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија. На 10-ти април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот“ со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор млади уметници и гости танчери од Швајцарија и Италија.

На 16-ти април на сцената на МНТ во 20часот, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со програмата: „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска.  За прв пат годинава Танц Фест ќе има програма во ноќниот клуб Сектор, со цел да се приближи кон урбаното живеење во градов. Ќе бидат изведени две претстави, на 18 април, 21часот, „Фенси сме“ со млади уметници, и на 20-ти април, 21часот, „Адријана Данчевска и Скопје танцов театар“, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.

Од 18-ти до 21-ви април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија“ во која ќе учествуваат деца од Македонија и од Холандија.

Во рамките на фестивалот за прв пат ќе биде доделена и наградата МЕНАДА за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.