Почетна ИНТЕРВЈУ ВИОЛЕТА НАУМОВСКА: Љубовта во делата на Петре М. Андреевски е нитка која...

ВИОЛЕТА НАУМОВСКА: Љубовта во делата на Петре М. Андреевски е нитка која постојано се провлекува…

27
Скопјани наскоро ќе уживаат во една уникатна поетска манифестација што ја организира  Здружението на просветни работници на Град Скопје и Здружението на пензионери од Центар, и која во самата најава побуди голем интерес.
Тоа беше еден од повеќето поводи да се сретнеме со познатата детска писателка и поетеса, Виолета Наумовска, која е претседателка на Комисијата што прави избор на песни пријавени по повик за учество во манифестацијата, а воедно е и член на Организациониот одбор.
На тоа муабетење се надоврзаа и уште неколку теми што се својствени за неа и ја направат посебна во својата пишувачка активност.
*Во пресрет на пролетта, поточно на 21 март, оваа година, вие, како проект менаџер ќе бидете дел од организација  на еден поетски настан би рекла со спектакуларно значење, кој се однесува на творештвото на Петре М. Андреевски, а по повод 90 години од неговото раѓање. Ова манифестација ќе се одржува по прв пат, со нетрпение и ја дочекуваме.
-Проектот е во чест на Светскиот ден на поезијата, 21 Март, а воедно настанот се збогатува со чествување, 90 години од раѓањето на великанот на македонското литературно творештво, Петре М. Андреевски. Самата манифестација ја нарековме “Моќта на поезијата”, затоа што поезијата тоа и е, ако во прозното пишување треба да ја прочиташ барем реченицата за да ја почувствуваш моќта на зборот, во поезијата е доволен понекогаш и еден збор. Објавениот повик за творење на граѓаните пензионери од општина Центар и просветните работници кои живеат или работат на територија на општина Центар, ги насочи творците кон теми поврзани со љубовта кон татковината, кон човештвото…општо кон љубовта. Впрочем Љубовта во делата на Петре М. Андреевски е нитка која постојано се провлекува низ содржините независно како и да ги окарактеризираме, и токму тоа беше и наша водилка во формулирање на насоките за творење. На оваа манифестација ќе биде претставено дел од творештвото на Петре М. Андреевски, како основа, подлога за развивање на самата манифестација, кое ќе ги освежи и потврди нашите врски со него како творец, а веруваме и ќе го зајакне нашето самочувство за припадност, за едност, за целина со татковината, со светот. Програмата ќе биде збогатена и со настап на хорот на пензионерите на општина Центар, а ќе има и индивидуална инструментална изведба на песни од богатиот македонски музички фолклор. Ќе има и неколку интересни аспекти поврзани со писателот, а согледани од негови поранешни соработници и пријатели. Верувам дека настанот ќе биде своевидно освежување на културната сцена на градот Скопје, а е под покровителство на општина Центар.
*Вие сте и познати на јавноста по Вашата литература за деца која брои неколку едиции книги за најмладите, како и неколку книги раскази за основците, но и по вашите нежни стихови упатени на возрасните. Пролетта некако и нѐ асоцира на поезија, а поезијата пак на пролет. Дали е тоа и времето кое најсилно и Ве мотивира…кога сѐ се буди околу нас, па и душата …
-Убаво поврзавте, и Пролетта и Поезијата на некој начин се повторно раѓање, ако во пролет сѐ се променува, се обновува, се раѓа повторно се во природата, Поезијата е на некој начин, обновување на Душата, проветрување на Душата, ослободување нејзино кое е и услов за нејзино растење. Мене ме инспирираат сите годишни времиња, затоа што се различни а јас сум љубител на промени, на движење. Годишните времиња се всушност движење на Природата. Но во пролет тие движења се поврзани со раѓање на нешто ново и можеби затоа таа ме поттикнува на творештво секогаш поразлично од претходното. Зборот е како река, реката е како зборот, нема враќање назад,
* Разбудувањето на духот, кај вас често знаете да кажете, лежи во цвеќињата и мирисот на убавата топла семејна куќа, и пред сѐ топол дом во Чаир, од каде длабоко во себе сте ги понеле и мотивите за непрекинато творење, но и тука секако среќното детство, хармоничното семејство, талентите наследени од вашите родители, посебно Вашиот татко кој творел и си пеел за своја душа…
-Ако треба со една реченица да се осврнам на детството, таа реченица секако би содржела благодарност кон моето семејство, на кое му соодветствува описот во прашањето. Но има и некои не толку видливи работи кои само детското срце ги забележува, а можеби другите и поим немаат што се случува во неговото срце. Јас имам некои такви запазувања или белези кои се само мои и со кои сум се соочувала самата. Последниве години има некое отворање во мене, и сакам да проговорам за секоја моја емоција, понекогаш и не толку позната и за мена. И тука се стиховите. Низ стиховите знам да се навратам во детството и младоста, знам да се соочам со некои мои детски рани. Татко ми е мојата сродна душа, некој со кој се разбирав без многу зборови, чиста љубов. Од него ми е и талентот за пишување а и пеењето. Иако секојдневно беше ангажиран, во неделите знаеше да слуша претежно црковна музика и да пее стари македонски песни. “Трпана” му беше омилена. Во раното детство некое време си мислев дека мора тој мене да ме родил…ха ха…ете таква љубов беше и е тоа. Иако одамна е починат не ми недостига, бидејќи нема празнини во спомените, сѐ е исполнето со убавини. Тука е.
* Тоа генетско богатство во себе, талентот за пеење, го имате “расцветано” во пеењето на убави песни, во хорот “Кочо Рацин”, најстариот скопски хор, каде најверојатно членувал и Вашиот татко. Ќе речете и дека песната ви ги полни батериите до степен да ве мотивира и за пишување на поезија, проза… од мелодија, кај Вас инспирацијата се лее и во убав стих…
-Пеењето е огромна немерлива радост за мене, а членувањето во “Кочо Рацин”, покрај чудесната диригентка Ангелина Спасовска, е и благослов. Иако немам посебно музичко образование, под нејзино водство успешно и со радост се носам со сите предизвици во пеењето. А и напредувам…ха ха…од дете сакав да пеам како си велевме, оперски, а еве сега пеам сопран. Соништата се исполнуваат, особено детските. Јас сум доказ за тоа и со пееето и со пишувањето. Веќе во второ одделение знаев дека еден ден ќе бидам писателка. И тој ден одамна е дојден и уште трае, фала му на БОГА за милоста. И навистина поголем број од моите дела се напишани со “присуство” на соодветна музика. Така, при пишување на детските книги, најчесто е тоа медитативна музика која ме носи директно во Шумата на Сказните, а во Шумата има бројни патеки и…љубопитното дете во мене ги започнува авантурите. За поезијата за возрасни пак, обично ме инспирира музика за душа, а зборовите се сосема небитни, може да се од некој неразбирлив за мене јазик или пак воопшто да ги нема. Навистина музиката е јазик за кој не треба писмо, едноставно, се разбираме себе си, а и меѓусебе преку неа.
*Овде ќе се надоврзам со прашање за она по што Вие впрочем и сте најпозната како “перо” за детската проза, но и “глас” за мелодично читање на истата, кое се најде во медитативни рецитаторски дела, кои на родителите ѝм служат како приспивни песни за своите деца. Како беше тоа инспирирано, како почна сето тоа, нешто што кај нас е еден вид и новитет?
-Пишувам проза за деца, некои мои приказни се во стих, ама главно е проза. Ја направив апликацијата “Добри деца”, прва едукативна интерактивна за човечки вредности, и на македонски јазик. Апликацијата може да се најде на плеј стор, со годишна претплата. Апликацијата која е во продукција на “Добри деца”, содржи подолги и пократки едукативни интерактивни игрици во кои и децата им помагаат на јунаците во носење одлуки, потоа мемориски, логички и математички игрици кои меѓу другото се поврзани и со здрава храна и навики. Воедно содржи и “Сонувалки”, со кои децата заспиваат со добра мисла и добра порака. Материјалот користен за апликацијата, главно  е произлезен од моите приказни. Карактеристично за апликацијата е тоа што таа овозможува враќање на сѐ она што модерните игрици им одземаа на децата, значи преку неа се развива: трпение, фокус, емпатија, самодоверба, самоприфаќање и други хумани вредности. Воедно таа е ограничена на 30 минити користење на ден, со што се потикнуваат повеќе позитивни особини кај децата. Само “Сонувалките” може да се слушаат неограничено.
* “Она што сакам да му го соопштам на светот го правам преку творештвото за деца” ќе речете како објаснување кое ја заокружува Вашата лична создавачка мисија, во која прво ве инспирирал синот па потоа и внукот. Тоа значи дека тие двајца се и првите кои ги слушнале тие детски песни и раскази?
-Да, така беше, јас дарбата си ја носев и излегуваше понекогаш во школските денови, учествував на приредби и натпревари. Но вистинското пишување започна потикнато од мојот син кој додека беше мал, секогаш пред спиење бараше приказна. А јас бидејќи не ги ценев како соодветни тогаш актуелните, Црвенкапа, Снежана,  Седумте јариња…и другите, почнав да измислувам. И од тогаш се на некој запишани “Ежовата мака”, “Зајчица Лапачковска”, “Мечето Чувар”. И потоа имаше пауза во моите осмислувања на нови приказни, сѐ до раѓањето на мојот внук Филип. Пред 14 години. Кога видов дека нема многу промени во понудата на литература за најмладите, си реков “ајде сега бабичке, седни и пишувај, пишувај за твоето и за сите други дечиња”. И така се случи. Издадов три едиции книги за најмладите: “Облачиња”, “Шумски приказни”, и “Чудесни приказни”,  како и збирка раскази за основци “Огне”, а и стихозбирка за возрасни “55 чекори”, чекорење кон себе си. И творењето продолжува, наскоро изненадување и за најмладите и за возрасните.
*Детските сликовници кои се продадени во над 10.000 примероци, за краток рок, се уште еден Ваш рекорд, како и детските игри кои може да се набават онлајн. Лесно или тешко се дојде до истиот?
-Па кога се прави нешто за заедничко добро, подршката стигнува од Универзумот. Така јас 2012 и 2013 испечатив 10.000 книги без денар од семејниот буџет, поддршката дојде најмногу од мојата пријателка Љубица Карева, која ги уреди книгичките и ме однесе во печатницата “Риграфика”, чиј сопственик беше и нејзин пријател и соработник. И така, со добра намера од сите, книгите се печатеа и како се продаваа по скопските градинки а и во некои други градови и книжари, така се отплаќаа. Инаку јас имам подарено повеќе од 3.000 книгички за деца.  Апликацијата пак, освен од семејниот буџет, беше подржана и од ФИТР. Нејзиното време допрва доаѓа. Секое семејство со мали дечиња, би требало да ја има како поддршка во правилно, хумано растење на дечињата.
*Ви го зголемува ли творечкиот импулс медитирањето, нешто преку кое постојано се соочувате со својот внатрешен дух и лична проекција. Се поврзува ли и тоа со Вашите творечки и креативни мисли?
-Медитацијата е присутна во моето секојдневно живеење повеќе од 25 години. За практикување и не ми треба секогаш мирно осамено место, напротив и среде гужва се случува овој процес кој пред сѐ претставува соочување со себе си во мир и со мир. Еднаш се сеќавам при силна главоболка, бев на еден концерт на еден ансамбл само со тапани, од Кореа беше. Главата ми пукаше сѐ до оној момен кога се “повлеков” зад челото. Тогаш сѐ остана надвор од мене, и главоболката и тапаните кои веќе ги слушав како нешто најпријатно. И да, се случува да добијам некои одговори при медитирањето, на прашања кои сум си ги поставувала претходно. Тоа е убавината на медитацијата, ништо не бараш а само ти доаѓа тоа што ти треба.
*Би сакала да Ве прашам, кога е еден автор, или авторка најплоден? Кога минува низ турбулентен период од својот живот или кога животните ситуации се смирени и се на своите места?
-Во однос на турбулентни периоди, инспирацијата ми доаѓа кога исцелувам, кога работите почнуваат да се средуваат, тогаш како набљудувач на процесот, добивам силна инспирација и пишувам затоа што сакам да споделувам и на тој начин да допирам и до другите. Така настана и мојата стихозбирка за возрасни “55 чекори, чекорење кон себе си”.
Стихозбирката носи оптимизам, радост на тој кој ја чита, потсетува дека ако има тунел дека има и светло на крајот на тунелот, затоа треба да се движиш, да не застануваш и светлото ќе се случи. Радоста доаѓа. Пишувам и во периоди на опуштеност и тоа секако се одразува и на пишувањето. Радоста се случува веднаш.
Инспирацијата освен во себе ја наоѓам и во други луѓе или случувања. Особено ме инспирираат уметнички души и нивниот начин на изразување преку своите дела.
* Да не пропуштам да споменам дека Вие имате објавено и прилично обемна стручна литература. Работевте во просвета и образование и на крај завршивте во прегратките на една најсуптилна сфера, нежниот мек убав поетски збор… Работите се случуваа сами по себе или ги водевте на некој начин?
-Па и не е необично, јас секогаш знаев дека мене зборот ми е даден и преку него треба да правам сѐ што правам. И моето професорување прво како средношколски професор по математика а потоа и како универзитетски професор, беше во прилог на користење на зборот. Работата со учениците а и со студентите го одржа детето во мене, мојот млад дух, кој на крајот на патот, колку и да бил тој тежок и напорен, кога ќе се заврти наназад, восхитен е од она што го поминал, без жалење за напорот. Благодарна сум на Бога за мојата професија и за мисијата која ми ја доделил и знам дека секогаш ја имам неговата поддршка. Правење прави работи на вистински начин, работи кои ме радуваат, кои ги работам со радост, со насмевка, а предизвиците секогаш ги надминувм, затоа што знам дека ќе бидат надминати. Јас сум човек кој верува и во себе и во другите. Па со тоа сум потикнала и многу други да почнат да се развиваат себе си од аспект на верба. Можеби понекогаш изгледа наивно, ама не е. Пример, јас секогаш им верував на моите ученици, што и да ми кажеа, верував со вистинско внимание и почитување кон кажаното нивно и секогаш додавав, “добро ти си знаеш како е”, тоа што ми кажуваш за мене е вистината. И верувајте сведочев на многу престројувања кон вистината и искреноста.
* Ново остварување најавувате во април во кое ќе бидат вклучени и децата и едукатори со цел да се спроведе уште една Ваша идеја по скопските градинки. За што станува збор?
-Да, мој долгогодишен сон е систематско работење на развивање на свесно родителство кое ќе донесе добробит за целото општество. Токму тоа е и целта на проектот “Тим билдинг фамилија”. Започнува во една скопска градинка, каде паралелно ќе се работи со родителите и воспитувачите од една страна и со дечињата од друга. Темите меѓу другото,  ќе бидат поврзани со: слободната волја на детето и свесните одлуки на родителите, семејна етика, техники за убедување, следење на родителските резултати и сл. Истите теми преку игра, ќе им бидат доближени и на децата. Верувам овој проект ќе ја оправда довербата на општина Центар која го подржува и дека ќе стане дел од предшколскиот воспитно образовен сегмент.
*Ако, во кратки црти, позборуваме за Вас и Вашите авторски дела, за што треба да се каже и повеќе, во некоја друга прилика, овој пат ќе споменеме дека и Вашиот син е познат на јавноста, исто така по својата необична приказна. Некогаш тој ви беше инспирација за креирање на детски песни, а сега тој е светски патник кој патува и раскажува за светот … Дали и тоа можеби е она делче “позитивен авантуризам” е она што го понел од Вашиот вечно истражувачки дух, кој постојано наоѓа инспирација, во микро и во макро космосот подеднакво?
-Па за тоа би требало да направите интервју со него…ха ха…Јас имам авантуристички дух ама тој е повеќе на хартија, а кај Борко тоа е доста изразено во реалниот живот. ТВ серијалот “Светски патник” се случи токму благодарејќи на неговиот авантуристички дух. И таа серија е негов целосно самофинансиран проект, кој го реализира благодарение на напорна работа на брод, и паралелно снимање материјали за серијалот. Тој е всушност, не три во едно туку,  “сѐ во едно”. Сценарио, авторство на текст, снимање…сѐ е негово дело, па делумно  и монтирањето кое траеше две години. Верувам дека неговите патувања и раскажувања, допрва следуваат. Се надевам дека повторно ќе бидат на радост на гледачите. Мислам дека со својот серијал,тој поттикна многу луѓе да излезат од својата конфорна зона. Тоа можеби е неговиот најголем придонес кон заедницата.
*Со која мисла би ја поздравиле Вашата читателска публика, за крај на ова интервју?
-Па да не мислат многу, ха ха. Умот треба да забележи, да регистрира а Срцето да одбере.
Нека си го слушаат срцето, секогаш и за сѐ и, да, најдобрите одлуки се носат во мир.
Валентина Ѓоргиевска Парго 
metropolis-big