Во НУБ дигитална изложба по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

212

Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ – Скопје, денеска во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески ќе ја постави дигитална изложба со мултимедијални содржини, насловена „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“ на  нејзината и на веб-страницата на Дигиталната библиотека на Р. Македонија – www.nubsk.edu.mk и www.dlib.mk.

Изложбата содржи селектиран материјал од општиот фонд и од специјалните збирки на НУБ „Св. Климент Охридски“: објавени дела од Блаже Конески и од други автори за Конески, преводи на негови дела на други јазици и негови преводи од други автори, оригинални ракописи од авторот, фотографии, музички ракописи и печатени партитури од реномирани македонски композитори инспирирани од богатиот книжевен опус на Конески, снимки од негови искажувања, стихови и др.

-Целта на дигиталната изложба е поширока презентација на Конески и приближување на неговата поезија, проза, стручните дела и ликот во целина до јавноста, како и поттикнување на нови идеи за истражување на неговиот богат и разновиден опус. Со претставените содржини се истакнува неговата значајна основоположничка улога за современиот македонски јазик, како и неговите креативни достигнувања и остварувања, велат од НУБ.

Претходно, НУБ „Св. Климент Охридски“ подготви и патувачка изложба на плакати, односно на паноа, со истиот наслов „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“, која веќе беше поставена низ нашата држава во рамки на неколку настани што се одржаа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово, Манифестацијата „Рацинови средби“ во Велес, Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје и во Институтот за македонска литература, а следниот месец ќе биде поставена и во рамки на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.

Исто така, во чест 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески е планирано во декември 2021 година да се постави и физичка изложба на библиотечни материјали од фондот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во витрини, која ќе биде придружена со аудио и видео материјали. 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.