За една „Приказна за човекот што ги прекрши сите ветувања “ од Илија Каров

1809

Пишува М-р Татјана Гогоска – новинар, автор и комуниколог 

Поминаа безмалку три години, откога во рака држев книга која навистiна ми го задржуваше вниманието. Се прашував, зошто веќе не ме привлекуваат книгите? Дали заради стилот пишуван како copy paste, темите кои личат една на друга , (од психолошкиот и личен развој, до фрустрациите наметнати од глобалниот развој и слично ), или пак има нешто трето.

И некако тие денови во рака ми дојде книгата „Приказната за човекот што ги прекрши сите ветувања“ од Илија Каров. На промоцијата авторот кажа дека е негово прво литературно дело, па можеби тоа ме привлече да почнам да ја читам.

Неочекувано романот ме втурна во еден живот, едно видување, едно размислување кое ни најмалку не го очекував. Мудро неоткривајќи ја приказната, до пред самиот крај Каров, ја води низ лавиринт, во кој не  можете да откриете кој од двата главни ликови е „човекот што го прекршил ветувањето“.

-Што е ветување? Дали е високо морална  вербална форма во која тој што го дал ветувањето, го осигурува тој што го примил дека одредено дејство…….. со сигурност ќе се случи?- пишува авторот на првата страница.

Приказната водена од докторот Мегленов преку неговиот “син’ Бојан и соработник во ликот на “електричар“ во лабараторијата  Ѕвонко, предизвикува читачка нетрпеливост, која со излегувањето на Бојан од лабараторијата во реалниот свет, носи еден нов здив во раскажуваната приказна. Средбата во живо со интернет пријателката Марта , која од виртуелниот свет преоѓа во реалниот и настаните кои се редат до неговото враќање во лабараторијата, раскажуваат многу нешта, од кои веќе почнувате  да  претпоставувате кој е „Човекот што ги прекршил своите ветувања?“.

И кога веќе бев сигурна дека го открив кој е тој лик, нештата земаат една нова состојба, пресликана во мозаик од ликови, малку нејасни и недефинирани на почетокот, состојба раскажана на јазик не баш близок на секого, до моментот кога нештата се откриваат и ве оставаат со прашање „Дали е ова вистина “?

А на тоа ве  наведува фактот, дека настаните надвор од лабараторијата се географски определени и се случуваат во Скопје ( Клинички центар, Кале, Градски парк….) и Јасен , па си велите ..Можно ли е ова да е вистина , или е само фикција и илузија на авторот?

Полека се наближував до крајот од приказната, која ако не беше географски сместена можеше да добие поширока, глобална димензија, беспросторна и безвременска и откривате кој е „Човекот што ги прекрши своите ветувања“.

Тогаш светол зрак за крај: уште една потврда дека  хуманоста постои и кај нехуманите, доброто го победува злото, онака  како што е прикажано во најсуровите приказни од детството. И она најважното, дека  многу често луѓето следејќи ја „Идејата за доброто“ не го препознаваат злото во неа.

Секако овој роман, првото литературно дело на Илија Каров, заради многу нешта го препорачувам за читање.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.