ЗДЕНКО ПЕТРОВСКИ, ФОТОГРАФ: Книгата “Момент документ” сведочи за урбаното живеење во Скопје!

365

 

Колекционерите поитаа на промоцијата, поитав и јас, од желба да ја видам книгата која штом ја видов како најава ме привлече, делуваше моќно. Се уверив. Моќна е.
Импресивно издание неодамна е објавено под етикетата на Младински културен центар, Вашата книга, прва по ред, ” Момент Документ” . Книга без текстуален дел, но со фотографии кои зборуваат, а со тоа е и универзална, на сите јазици. Станува збор за навистина уметничка арт публикација, на преку 300 страници, во која се сместени црно бели арт фотографии. “Сцената во сенка” на некој начин би гласел “насловот од сенка” на ова издание. Честитки. Колку долго чекавте на Вашата фото-монографија?

Идејата за оваа книга потекнува од едно хрватско списание наловено “Питања” во кое беа објавени само новински фотографии, објавено 1980 година. Чувството кога го прелистувам списанието побудува кај мене возбуда и ме враќа во минатото, оживувајќи ми спомени, време, луѓе и настани кои ја обележале мојата младост. Во оваа книга сите настани и ликови од изминативе 13 години ги поставив на едно место за да посведочат за едно време, за едно урбано живеење во Скопје. Целта ми беше да го документирам овој период од животот, алтернативната културна сцена, во иднина да пробудам нечии спомени прелистувајќи ја книгава.


Во книгата има само фотографии без текстуален дел. Така одлучивте Вие? Сметавте дека фотографиите сами објаснуваат се што треба?
-Да, мислам дека фотографиите зборуваат сами за себе. Под фотографиите има основни податоци кој, каде и кога е фотографиран.

Љубителите на сценскиот музички живот во Скопје, сигурна сум веќе ја набавија или ќе ја набават. За овие до кои не допрела информацијата, а сега читаат, може да ни кажете колку фотографии се поместени во неа, од кои сцени и направени во кој временски период?
-Книгата има преку 500 фотографии кои се направени во период од 2007 до 2020 година. Опфатени се повеќе фестивали како што се Скопскиот џез фестивал, Оффест, Таксират, свирки во Канал 103 . Дел од фотографиите се направени на неформални места и услови, како што се проби на бендови кои се одржувале во приватни студиа, Арт хаус Карев, во гимназијата Никола Карев…


Значајни светски и домашни имиња се тука. Кои, набројте ни барем некои. Како го направивте изборот, од купот лична фотоархива? Не е лесно, знам.
-Тешко е да се издвојат. За мене побитно е дека сите тие имиња кои биле во Скопје, оставиле трага на музичката сцена, а мојот “Момент документ” ќе помогне да останат запаметени.


Имате ли некоја навистина најдрага фотографија, создадена на најобичен начин и под необични околности, иако, секој миг на фотографот од таа страна на фотообјективот е чинам подеднакво возбудлив и посебен.

-Многу е тешко да одберам, секоја фотографија е дел од мене. Но, ако морам да одберам би ја одбрал фотографијата каде Кокан Димушевски свири во потполно празна сала за маестро Љубомир Бранѓолица и сопругата Вера.

Кокан, Бранѓолица и Вера

Промоцијата на книгата беше во рамките на прославата 30 години Канал 103. Беше ли тоа Ваша желба, како стотројкаш? Задоволен сте како протече самата промоција, да кажеме за читателите-беше само со продажба на штанд, без говорен дел.
-Предлогот беше од МКЦ, а да бидам искрен и мојата идеја и претстава за промоцијата се совпадна. Обично фотографите се „тешки“ на зборови, потешко се справуваат со говори, па таков сум и јас.
Имате уште многу фотографии за објавување. Што планирате со нив, ќе следува ли продолжение?
-Да сме живи и здрави. Ќе видиме.

Оние кои се уште не ја набавиле каде може да го сторат тоа и по која цена? Впрочем, не го спомнавме и тиражот во кој е објавена.
-Објавена е во 300 примероци – 300 страни во А4 формат. Цената е 800 денари и за сега единствено може да се купи во Апотека во Младинскиот Културен Центар.
Се надевам дека нема да Ви пречи ако ве наречам и “фотограф од сенка” , “ала” нечуен, тивок, речиси невидлив, но секогаш агилно со прстот на чкрапалцето на фотобјективнот. Тоа е Вашата тактика со врвна фотографија, или можеби и почит плус кон музиката на сцена, да се следи од “молк” а да се извлече најдоброто од неа?

 Па да, добро рековте поради почит кон музиката и публиката која е дојдена заради музиката, најдобро е да се биде невидлив. Имам една фотографија во книгата каде се фотографирам зад сцената заедно со еден наш уметник и јас сум таму целиот изгорен до непрепознавање. Невидливоста ми беше мислата што сакав да ја кажам во таа фотографија. Ви благодарам за прашањево.


Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.