БОБАН МИРКОВСКИ ОБЈАВИ “АЛБУМ” СО ИНСТРУМЕНТАЛКИ: Правам нешто ново, нешто што ќе остане!

191
На 7 април 2023 година, официјално се појави албум на младиот виртуоз  Бобан Мирковски, со инструментални изведби на познати поп мелодии, промовиран во скопскиот клуб “Аудиокултура”, во присуство на бројни музичари, меѓу кои и Влатко Стефановски, Валентино Скендеровски, гитаристот Мухамед Ибрахими ..
*Ви честитам за прекрасниот албум!
-Благодарам многу за убавите зборови.
*Можете ли да ми објасните подетално што содржи ова издание?
-Албумот го крстив едноставно “Албум”, само поради тоа што албум како поим претставува не само музички албум, туку и албум на сеќавања, албум на фотографии, токму затоа е и такво и пакувањето, невообичаено. Многу ми е драго дека на тој албум се најдоа 12 композиции од периодот од шеесеттите години па сѐ до раните 2000-ти, од нашите најистакнати композитори на македонска забавна музика. И многу сум среќен што сите  автори без збор дадоа поддршка за овој албум.
*Тоа беше комплетно Ваш избор или можеби заедно со издавачот “Баги комуникации”?
-Изборот беше заеднички, беше многу тежок поради тоа што навистина имаме многу широк опус со македонски квалитетни забавни композиции. Заедно со мојот тим, мојот менаџер Владимир Мандичевски Манде и со мојот татко Љупчо Мирковски, заеднички го создаваме, и се разбира со музичкиот продуцент Дамир Имери на кој што сум му посебно благодарен, сите заедно учествувавме во сѐ.
*Љупчо Мирковски, Вашиот татко, е многу големо име во светот на забавната музика кај нас, а Вие одите по неговите стапки.
-Па да, можеби влијанието од него беше некаков мотив да направам нешто вакво. Растен сум со забавната музика, но јас сум сосема друг тип на музичар, јас сум класичен пијанист, меѓутоа веројатно влијанието си го прави своето. Се надевам дека правам нешто ново, нешто што ќе остане.
*Која е Ваша најомилена песна што ја компонирал господинот Љупчо Мирковски?
-Има многу. Можеби би одвои три за мене посебно драги, едната од нив е токму тука на цедето, тоа е “Морска ѕвездо” која што ја отпеа  нашиот Тоше Проески , “Го лажам секој нов рефрен” исто, и можеби една од најголемите најубавите негови теми за мене лично тоа е  неговата “Сон”, напишана за Биг Бенд, така што тие три би ги одвоил. Но има и многу други.
*Еве овде ќе ги споменеме песните кои се ставени на албумот: “Чија си”, “Лиди Лидуду”, “Летај галебе”, “Морска ѕвездо”, “О езеро мое”, “Нека биде што биде”, “Остани мој”, “Џипси сонг”,  “Дали ме сакаш”, “Коњи брзајте”, “Латино цеде”, “О љубов неверна”. И обвивката е многу убава.
– “Бато и Дивајн” направија навистина фантастична обвивка, бескрајно сум благодарен. Тие и спонзорски застанаа зад целиот овој проект, без нив навистина немаше да добиеме ваков квалитет.
*Дали можеби сте некако интимно врзан за некоја од овие песни, Ве погодила во одреден момент, или содржи некоја Ваша лична приказна, бидејќи секоја песна понекогаш крие поголема тајна отколку луѓето што ја знаат за нас.
-Точно. Не би можел да издвојам некоја посебно, можеби затоа падна изборот токму на овие 12 песни,  и сите тие имале некаков импакт без мене и моето детство, врз мојот професионален развој, така што секоја од овие композиции имала на некој начин одредено влијание врз мене.
* Вие сте пијанист кој го освојува и концертните сали и имате многу настапи. Јас сум проследила Ваш прекрасен настап. Но паралелно еве снимивте и нешто поинакво. Што е поблиско до Вашиот сентимент?
-Да бидам искрен, јас сум човек кој што сака да истражува нешто ново, кога е музиката во прашање, не сакам да се ориентирам исклучиво на одреден жанр. Меѓутоа како период, некако посебно го чувствувам 20. век, во сериозната музика дури и почетоците на рокенролот и забавната музика и така натаму, и некако тој период бидејќи е можеби најблиску до мојата возраст. Но, сакам да истражувам повеќе периоди, сакам да истражувам  и различни жанрови…
*Колку години професионално се занимавате со музика?
-Почнав од мојата петта или шеста година, така што пред околу 25 години веќе.
*Во Ваши раце е музичкото богатство од Вашиот татко за кое секако имате дозвола и во иднина да правите нови преработки и да правите секакви варијации, но и на господинот Дамир Имери кој е Ваш тетин. Навистина имате среќа со двајца врвни маестра околу Вас. 
-Да бидам искрен, оваа идеја за ваков албум ја имав многу порано уште кога бев ученик и студент на факултет, некако имав желба токму поради тоа влијание кое што го имам од нив двајца. Беше моја лична желба, меѓутоа апсолутно нивното присуство си го прави своето и многу ми помагаат цело време и се надевам дека направивме квалитетен производ. Јас сметам дека без нив двајцата не можев да направам ваков албум, за кој сум ѝм безрезервно благодарен. Ме израснаа, буквално не само во оној семејниот дел, зборувам и за професионалниот дел од мојата кариера.
*Во кој тираж е издаден “Албум”?
-Во илјада примероци.
*Би забележала сѐ е напишано кирилично и е наменето строго за македонски пазар, а ова се инструментални дела, кои, вака изведени се универзални и секаде би можеле да поминат.
-Овде бидејќи е македонска промоција ги имаме само македонските изданија, меѓутоа половина од тиражот е напишан на латиница, на англиски јазик.
*Имате цеде и со класична музика.
-Така е. Ова е мој втор албум. Првиот албум  “Facing the Sun” е од областа на класичната музика,  каде што изведувам сонатата на Арам Хачатурјан и четири Скерца на Фредерик Шопен.
 
Валентина Ѓоргиевска Парго 
Фото: Аудиокултура 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.