ЕЛИТА АЛИТИ: Мојот уметнички концепт е со порака за хуманизам и недискриминација!

419
Processed with Rookie Cam
На 21 Март, Денот на поезијата, реномирани поети рецитираа поезија во предворјето на Спомен собата на “Мајка Тереза” и како завршница на целиот тој настан посетија една мошне креативна изложба, насловена “Stimulate your senses”, од Елита Алити.
*Вие сте авторка на изложбата која сѐ уште може да се посети во просториите на Спомен собата, станува збор за интересна, необична и во секој случај поинаква креативна изложба од само неколку дела, а во нив сѐ кажано. Како е создадена таа колекција, која Ви беше водечката идеја?
-Јас таа тема ја почнав размислувајќи за тоа колку сетилата се битни во нашиот живот, а ние за тоа многу ретко размислуваме. И така почнав да размислувам колку видот е важен во нашиот живот, и затоа создадов дела кои се за слушање, за допирање и за мирисање, за да можат и луѓето со пречки во видот да ја посетат изложбата.
*Изложбата се состои од три поврзани циклуси.
-Всушност,  јас изработив 15 дела, но во оваа пригода се изложени 12, по четири во три циклуси.  Секој циклус си има свој наслов. На пример  “Мирисни ме” со четири, “Слушни ме” со четири, и “Допри ме”, исто така со четири дела.  Инаку, имам и повеќе…
*Сѐ е сосема Ваша замисла, сама ја искреиравте целосно?
-Да. Сама ја замислив, тоа е моја оригинална идеја- идејата ја почнав пред три години,  размислував, па работев малку, па паузирав, па потоа пак работев…
*Црпевте идеи плус од некаде и да речете “ах, и ова добро би ми дошло како детал за моите слики!”.
-Да, да. Најмногу дилеми имав за овие дела што се за слушање. Тие се со моторчиња, и бидејќи беа експеримент не знаев дали тоа ќе функционира и често пати пробував. Пробував со рибарски конец, па тоа се виткаше, “чекај, а да смислам нешто друго?!”, па пак пробувај, па ставив жици, и  така го искреирав целиот проект, како еден експеримент…
*Белите слики кои се за допирање всушност се од различни материјали, но асоцираат на убавина, на мир, на радост, на бело, на чисто, на надеж, можеби на невестински сон, на сѐ она што е карактеристика на белото. Зошто ја одбравте белата боја, дали можеби и тука има некаква симболика?
-Да, тоа ми беше дилемата, дали сликите да бидат црни, затоа што ако ти не гледаш мислиш дека сѐ ти е црно. Но, сепак на некој начин решив да употребам бела боја заради тоа што и тие луѓе на некој начин гледаат според другите сетила, па затоа се одлучив за бела боја.
*Ја посетија ли изложбата луѓето на кои ѝм е наместена?
-Да. Тука во Спомен собата на Мајка Тереза каде што се одржа изложбата беше посетена од слепите лица и многу се радуваа, беа среќни што некој мисли на нив. А тоа и ми беше идејата, за тие да не се чувствуваат дискриминирани .
*Какви коментари дадоа?
-Дека се многу среќни што јас направив нешто за нив, ми кажуваа што чувствуваат според материјалите кои ги допираа, дека помеките материјали ѝм даваат поубаво чувство.
*Ова е Ваша прва самостојна изложба?
-Оваа изложба ќе трае месец дена, затоа што ќе биде посетена и од ученици  од повеќе училишта. Ова е моја прва самостојна изложба во Скопје, а истата изложба минатата година беше изложена во КИЦ во Тирана, во Уметничка галерија во Куманово и во Домот на културата во Кичево.
*Вие сте млада креативна личност,  изложбата сега Ве претставува и како уметница со визии, која знае што сака да постигне со својата уметност. А сте и едуцирана на таа област.
-Јас сум дипломиран сликар на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј”, во класата на професорот Јован Шумковски и сега сум на постдипломски студии кај истиот професор, кај кого дипломирав во 2018 година.
*Од каде љубовта кон сликарството? Што Ве вовлече во светот на уметноста?
– Мајка ми е шнајдерка, и кога бев мала цело време од парчиња материјали, ќе направев нешто во вид на колаж. И потоа мојата наставничка по ликовно виде дека има нешто во мене и ме тераше да сликам, а кога некој ќе ти дава комплименти дека си добар одеднаш Тинсњ создава сликата што сакаш да бидеш во иднина. Во основно наставник по ликовно ми беше Имер Зумери, а во средно Аљбина Белиу. Тие ме охрабруваа.
*Претпоставував дека имавте врска со шнајдерството кога ја видов белата слика со тулот. Креативно направена. Дали тоа значи и дека добро шиете и дека добро правите модни креации?
-Знам да шијам. Но не многу. Но, од модни креации правам интересни маички- моите уметнички слики ги пресликувам како принтови со цртежи ги лепам на маички, и тие доста се барани од помладите.
*А во сликарството која е Ваша определба со четка и платно?
-Па, во прва и втора година цртавме актови, мртва природа, портрети, во трета година почнавме со оригинални дела. Во трета година почнавме да цртаме на било што, само да биде оригинална изработка, така инсистираа професорите. Значи, постојано моравме да смислиме нешто да биде оригинално, независно дали е на платно, на хамер, или на било што.
*Имате омилени сликари, некој правец што Ве импресионира?
-Имам да. Ван Гог. Исто така Енди Ворхол. Аниш Капур, скулпторот.
*Посетувате на изложби, што може да нѝ посочите како интересни?
-Одам на изложби. Бев на изложба на Решат Амети. На мои колеги уметници исто така, на Сокол Марковски со лого студиравме заедно,  тој има еден многу оригинален стил на сликање.
*Најчесто како го правите делото- го замислувате ли прво во глава или како ќе излезе, така?
-Не,  јас цело време го размислувам.
 *Значи, не ве води делото Вам, вие него го водите.
-Така е. Прво го мислам, потоа седнувам да го направам. Прво ја смислувам пораката, па потоа се раѓа делото. Така функционирам. Концептот ми е најбитен. Но понекогаш и сликам чисто онака, најчесто портрети. Сакам многу пејзажи со акварел и со акварел работам доста, на мал формат.
*Вашата професија е многу креативна и ослободувачка, меѓутоа многу наши сликари се жалат, според овие услови кои што сега владеат кај нас, дека не се доволно ценети и експонирани на вистински начин, а од друга страна со оглед на малиот пазар и ситуацијата, ретко ги продаваат своите дела. Вие како се чувствувате- може да се рече дека се отвора повеќе шанса за младите со интернетот или со изложби, колонии…?
-Ако нашиот го споредам со статусот на уметниците во странство, и јас ќе размислувам како што вие кажавте, ама сепак и тука има некои конкурси и така и ние можеме нешто да направиме. И тука се одржуваат колонии. Јас учествувам на различни колонии во Струга, во Куманово, во Скопје а тоа за продавање на слики малку потешко оди.
*Работите и во образовниот систем.
-Работам како наставник по ликовно воспитување во основно училиште “Исмаил Џемали” во Топаанско поле (поранешно “Рајко Жинзифов”). Таму почнав пред четири месеци, инаку работев во основно училиште “Цветан Димов”. Исто така како ликовен педагог работев  и во Куманово, пет месеци работев и во Културно информативен центар во продажниот салон. Постојано работам на областа на ликовната уметност.
*Вие сте од Куманово, а живеете во Скопје 
и сте скопска снаа. И Вашиот сопругот има врска со уметност,  да откриеме за јавноста и за него.
-Тој е музичар. Пијанист. Колос Цури. Работи како професор во МБУЦ “Илија Николовски Луј”,  прави  и концерти.
*Како тој прифаќа Вашата уметничка дејност?
-Многу му се  допаѓа и тој цело време ме поттикнува да направам уште изложби.
*Што размислувате за  блиска иднина од областа на вашиот креативен концепт? Дали можеби ќе се насочите на дела кои ќе имаат порака за недискриминација, рамноправно прифаќање на луѓето? Сакате Вашите дела да носат пораки за хуманизам?
– Тоа што оваа изложба беше добро прифатена од сите, ми даде за право да продолжам во тој правец. Моментално сум на постдипломски студии и повеќе сум насочена на тоа, но останива време и за сликање, особено слики  мал формат кои досега не сум ги изложила.
*Може да се случи и изложба на слики мал формат?
-Може да се случи, да. Верувам дека и тоа ќе биде еден ден, јавноста ќе ги види и тие слики.
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.