Интервју со Добрила Грашеска, вокал чија мекост вознесува- Убавината  ќе си го најде патот, колку и да изгледа кревка!     

2480

Интервјуто за куларт.мк, со Добрила Гашевска, вокалот на „Чалгија саунд систем“ го водеше нашиот соработник Валентина Ѓоргиевска Парго.

Добрила Грашеска освојува со својот уникатен етно вокал, полн со мекост, топлина, со совршено искомбинирана доза на гласовно и на назално  пеење. Вокал од кој блика македонскиот бит. За среќа, повторно застана зад микрофонот, и како вешта ткајачка на разбој, нежно исткаа нови песни.

Стилски украсени со препознатливи македонски музички орнаменти.

В.Ѓ-Парго – „Чалгија саунд систем” неодамна нѐ изненади со нов албум, полн со концепциски експерименти и уште повеќе полн со креативност и нов звук. Промоцијата во „Јавна соба” помина ненаметливо, а присутните со големи импресии по неа. Честито нов албум, долго го чекавме.

А, во нас албумот долго се создаваше. Го осмислувавме, го конципиравме и кога за тоа дојде времето, седнавме и го материјализиравме сето она кое беше во нас. На „ТОА“ што тлееше во нас извесно време, му дадовме музички облик и ете го пред сите албумот „Тихувај“.

В. Ѓ -Парго -Освен прекрасниот етно мелодичен звук на албумот, песни со прекрасен македонски ритам, отпеани со вашиот вокал кој вознесува чувства и предизвикува восхит, ново изненадување беше сознанието дека Вие сте и авторка на текстовите. Од каде ја црпевте Вашата инспирација и за што раскажуваат тие?

– Она што јас го работев за овој албум не е случајно. Книжевноста отсекогаш била второто пристаниште на кое сум застанувала во текот на моето лично обликување. Поради тоа, стиховите и нивното креирање за “Тихувај” дојде природно. Она што беше предизвик во оваа музичка приказна беше да се покаже концепт којшто го имавме во нашите глави при создавањето: да се претстави дијалогот меѓу Него и Неа, меѓу машкото и женското кои се одделени еден од друг. Така што дел од песните треба да ја носат пораката којашто осамената девојка му ја испраќа на саканиот, а дел се испратени преку далечното море каде што се наоѓа тој. Стиховите во себе ги носат чувствата на двајцата искажани на еден поинаков, метафоричен начин.

В.Ѓ -Парго Во „Чалгија саунд систем“ членуваат познати и признати музичари, маестра на својот занает, но овој пат видовме и придружба од еминентни академски музичари кои ви гостуваа.

-„Чалгија саунд систем“ веќе неколку години има стабилен состав. Освен мене, таму се Дориан Јовановиќ кој освен што свири на ут, ја создаде и целата електроника со кои е обоен овој албум, Александра Кузман која свири на виолина, Бошко Мангаровски на канон и Филип Крстевски на перкусии. На промоцијата со својот чудесен инструмент што претставува микс од контрабас и виолончело свиреше феноменалниот Зоран Павловски, кој сосема поинаку ја обои атмосферата и ѝ даде „тежина“. Е, тоа беше доживување!

В.Ѓ -Парго -Промовиравте и спот. Со кого го изработивте?

– Така е. На промоцијата на албумот го промовиравме и првиот спот од овој албум што го изработивме за песната „Тихувај“. И пред да кажам што било друго, морам да го споделам со вас сознанието дека целокупната креативна работа како музика и спот, не може да се направи со кој било. Тоа мора да е екипа со која стоиш добро посебно по естетика и естетки вредности. А тоа нам со нашата Тања Рибарска која го изработи видеото одлично ни оди за што искрено ѝ благодариме. Меѓутоа, за конечниот изглед потребни се и други соработници. Ние ги имавме најдобрите:  за фотограф го имавме Гоце Наневски, а Ладислав Цветковски го изработи омотот. Сѐ одбрано друштво!

В.Ѓ -Парго -Она што е посебно воочливо е совршениот квалитет на вашето музицирање, музичко постоење и суштина. Но, се прашувам, зошто целата приказна ја терате тивко и ненаметливо? Не заслужува ли сето тоа малку повеќе ехо?

Квалитетот којшто го спомнуваш доаѓа од посветената работа. Ниту еден успех на светот не е случаен, па така ни нашата музика. За да го постигнеме ова ниво вложуваме голем труд. И знаеш што е интересно? Тоа што ниту еден настап не поминува без најмалку неколку проби – без оглед на тоа дали се работи за концерт поред многубројна публика или за настап во клуб. Ако луѓето те препознаваат по квалитетното музицирање, тоа треба и да им го дадеш. А тоа што сме ненаметливи веројатно има неколку причини: најпрво тоа е дел од нашата естетика. Ние сме со ставот дека убавината ќе си го најде патот, колку и да изгледа кревка понекогаш. Затоа секоја музика си има публика. Нашата публика е од оној вид што е суптилен и сака сам да ги „ископува“ парчињата музика со кои ќе се „дружи“.

В.Ѓ -Парго -Повторно сметам во делот на настапите сте, велам незаслужено, умерени и скромни, а треба да бидете се поприсутни, особено на најголемите манифестации, и секако како амбасадори на македонското етно, почесто да патувате и надвор…

-Е, за ова недостасуваат менаџери кои ја препознаваат уникатноста на овој израз. Ако мора на сѐ да мислиме ние, а тоа значи: промоција, преговори, договори, подготовки, кампања, реклама, тогаш значи дека треба да направиме рез во нашата работа и да се занимаваме само со менаџерство. За сметка на музиката, за жал. А ние очигледно сме се определиле за неа. Инаку, да не заборавиме дека сме учествувале на сите големи македонски манифестации како OFFest, Скопје гори, на Д фестивал, и на ред други големи концерти, манифестации, културни лета итн. Се разбира, мора и треба уште. Ние сме пдоготвени.

В.Ѓ -Парго -Педантните хронолози и тоа како го имаат архивирано вашето творештво. За оние другите љубители, може ли накратко да ни наброите што има во својата музичка кутија „Чалгија саунд систем” досега?

” Чалгија саунд систем” како што и нашето име кажува, му се посвети на чалгијата. За првиот албум направивме историски пресек, ислушавме сѐ што беше чалгија што ни падна под рака, и ја исвиривме и отпеавме како што мислевме дека звучела или треба да звучи. Тоа беше нашиот придонес за еден од најубавите македонски музички жанрови. Во меѓувреме имавме безброј свирки и концерти секој различен поради својата ефемерност. Во вториот албум направивме исчекор, но држејќи се цврсто за изворот на нашата работа: ја надградивме чалгијата со тоа што чалгиските инструменти ги ставивме во електронско опркужување. Компониравме нови мелодии, напишавме современа лирика и сѐ аранжиравме на современ начин. Значи, направивме наше гледиште на развојот на чалгијата. Се надеваме дека придонесовме кон развојот и на македонската музика општо. Тоа е единствениот начин на којшто човек може да делува на музичката историја.

В.Ѓ -Парго -Какви ви се плановите во блиска иднина, за ова лето? Ќе ве слушнеме и на концерт?

-Летото е секогаш убаво и исполнeто со живи настапи. Следнава недела ќе настапуваме на фестивал во Виница, па во Струга, па во Скопје, па… Ќе го промовираме новиот албум. Но, она што ни е најголем предизвик е големиот концерт што го планираме на есен којшто ќе биде огледало на Тихувај. Поканата стартува сега!

В.Ѓ -Парго -За вас несомнено владее впечаток дека со вашиот глас на најсуптилен начин ги будите и најзаспаните чувства, најскриените емоции во човек. Се гордеете што сте дарувана со вокал кој возвишено пренесува етно код, етно традиција и етно богатство, на народ кој и во добро и во зло, низ векови пркосел со песна на усните?

-Јас едноставно не можам да ѝ одолеам на музиката. Таа за мене е таков магнет за којшто веднаш се лепам и ми нема бегање. И отсекогаш сум била блиска со неа. Не се сеќавам кога не сум пеела. Веројатно отсекогаш. А кога почнав да ја откривам на поинаков начин, односно поорганизирано, сфатив која е нормата што треба да ја почитувам: чалгиското пеење. Тоа е сосема поинакво од естрадното, изворното или кое и да е друго што го знаеме. Тоа е исполнето со одење по различни скали, со следење на звукот на виолината, со правење четвртинки во пеењето, со вметнување на оригинални украс, односно мелизми. Тоа е тоа што мене ме привлекува. И веројатно во тоа е и тајната на мојот начин на пеење. Се обидувам да учам од моите учители, но и да се отклонам од нив за да бидам своја. Оставањето отпечаток во музиката односно во уметноста е најтешката задача на секој уметник.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.