Интервју со Јовче Петковски – Љубовта кон македонскиот фолклор несебично им ја пренесувам на моите ученици!                               

2759

 Интервјуто за www.kulart.mk го водеше Валентина Ѓоргиевска-Парго

Маестро Јовче Петковски, на самиот почеток на нашата средба изразувам  честитки за извонредниот концерт. Неколку години со ред ви е традиција, меѓутоа овој пат поставивте високи критериуми како на концерт на вистински професионалци  на музичката вечер одржана во населба Илинден по повод завршување на школската година.

-Ви благодарам. Овој проект со моите ученици од Средното општинско стручно училиште започна пред некоја година. Најпрво започнавме со двајца членови, а потоа како се зголемуваа паралелките во училиштето  така ни се зголеми и училишниот бенд. Зедовме учество на натпреварите организирани од Здружението на музички педагози на Македонија и на мое големо изненадување, пред две години, во конкуренција со сите градски училишта од Скопје, нашиот бенд оствари највисок пласман, сто бода, а само еден бенд добиваше сто бода. Бевме прогласени за најдобар училишен  бенд на ниво на град Скопје и добивме признание. Бевме и на државниот натпревар што се одржа во Валандово и таму освоивме максимум бодови како најдобар училишен бенд на ниво на Република. И оваа година  зедовме учество на натпреварите каде што настапивме со две композиции, една забавна и една народна, и освоивме титула најдобар бенд. Признанијата од  градските и регионалните натпревари, а потоа и од државениот натпревар  ни беа мотивација да работиме уште повеќе. Го зголемивме и бројот на членовите и сега вкупно имаме седум члена.  Во бендот имаме соло гитара, електрична акустична гитара, тапанар. Идејата ми беше бендот  да го освежиме малку со народни инструменти, да дадеме еден призвук на  фолклорното творештво, така што се насочивме повеќе кон работа на македонски стари песни коишто ги обработуваме во модерен аранжман. Во една прилика зедовме и учество на литературната манифестација во  Општината. Откако ги слушнаа нашите музички изведби, градоначалникот на  Општина Илинден ми пријде и рече: ” Јовче децава одлично ти свират. Јас сум  пријатно изненаден. Би сакал во рамки на Општината да се одржи еден концерт со твои ученици” и тоа ми беше уште една мотивација повеќе. Работевме репертоар за целовечерниот концерт, па така на крајот на учебната година успеваме тоа да го реализираме со помош на Општината и градоначалникот г-дин Жика Стојановски. Пробите ги правевме во Домот на култура каде што ги има сите технички можности и добро озвучување.

Лесно ли е  во средно електро техничко училиште да се најдат  музички   таленти?         

Нашето училиште е средно стручно, електро техничка струка. Јас им предавам на прва година општо музичко образование и во рамки на мојот ангажман во училиштето го водам училишниот бенд. Искрено,за мене е голем предизвик затоа што 8-9 години хонорарно предавав и во  Средното  музичко училиште„ИлијаНиколовски–Луј“, но тука сфатив дека не мора да предаваш само во музичко училиште за да можеш да направиш одличен бенд. И  во стручно училиште каде што учениците имаат одбрано друга струка, електротехничка,  може да се најдат деца кои што ја сакаат музиката, кои свират на инструменти и  можат да направат еден убав музички настан. Децата сакаат да свират, ја сакаат музиката, а во тоа се уверив кога по завршување на учебната година секој ден доаѓаа во училиштето за да вежбаат и по неколку  часа. Ако им се влее љубов кон музиката, верувајте тоа вродува со плод.

 Вие сте редовен наставник и во ООУ БраќаМиладиновци, каде што исто така на пат изведовте музикални ученици и наградувани на натпревари. 

Јас предавам и во основното училиште „БраќаМиладиновци“, тоа ми е матично.Таму исто имаме хор и оркестар. На концертов имаше двајца ученици од основното училиште, Матеј Тушевски кој што е еден извонреден вокал и талентираната Ирина која сега паралелно ја запишавме на соло пеење.  Морам да кажам дека и Вие бевте гостинка  на концертот и се уверивте каква убава манифестација беше и со убав репертоар. Се пееја песни од нашите доајени, но преработени во малку помодерен аранжман. Амфитеатарот беше преполн, дури околу амфитеатарот имаше публика. Имав чест врвни и еминентни музички имиња да бидат мои гости во публиката  и поминавме преубаво. Концертот беше прифатен и од помладата и од повозрасната публика.

Сите тие песни беа поврзани за македонскиот бит, македонското национално постоење. Интересно е што како млад професор одбравте таков репертоар,  а за крај, за освежување, имавте и една забавна песна од групата Меморија. Посебно беше интересно што на самиот концерт  беше отсвирено и оро со ваш авторски потпиское привлече  посебно внимание и беше позитивно оценето.

Јас паралелно со моето студирање студирав  класична музика на Факултетот за музичка уметност кај еден од најдобрите професори од светски ранг професорката, Зорица Каракутовска, кај која ги завршив студиите за хармоника. Отсекогаш сум го сакал фолклорот. Членувам и во ансамблот„Орце Николов“, па имам среќа да бидам таму веќе 20 години, а затоа време и да бидам меѓу последните ученици во класата на  еден од најдобрите познавачи  на македонскиот фолклор, Ѓорги Димчевски, автор на огромен број  македонски народни обработки, кореографии, стилизации, организатор на голем број концерти на пејачки групи како Октет Македонија, Сирма. Од чичко Ѓоко, којшто е многу познат во нашиот музички живот, научив многу за фолклорот, како се аранжира музика, како се прави двогласно пеење, оркестрација. Негова најголема желба беше после него во КУД „ОрцеНиколов“ јас да го наследам оркестарот како  музички раководител. Тоаму беше и аманет оставен на  раководните луѓе на ансамблот. После него продолжив со ансамблот и таму имаме доста успеси, настапи и патувања. „Орце Николов“ е ансамбл кој следната година слави 75 години постоење, ансамбл со историја и многу признанија. Оттаму е љубовта кон фолклорот и неслучајно секогаш гледам во образованието колку можам повеќе да ја застапам македонската музика и фолклорот. Мора учениците да ги научиме  прво да го препознаваат фолклорот, тоа  што ни е  свое, а не дека е лошо да се познава и туѓата и светската музика, но мора да им се  роди љубовта кон  македонската песна. И за среќа гледам дека тоа успешно поминува и децата го засакаа.

И концертот за кој зборуваме беше во таа насока?

Самиот концерт беше така замислен и видовте со колку емоции моите ученици ги пеат тие стари песни коишто не се во општо лесни за пеење, како што се Јано мори, Абер дојде Донке., Зајди зајди, Ја излези Ѓурѓо, Судбомоја….Сè се тоа песни кои навистина бараат доста душа и емоција за да се изведат во едни убави аранжмани соеденет интересен инструментариум. Освен класични инстурменти имавме и мешани традиционален ударен македонски тапан, тарабука, јас  свирев на пијано, имавме и помодерни инструменти, електрични гитари, бас гитара. Влатко Ѓоргиев ни  беше гостин на концертот со кавал, исто така многу талентирано момче. Јас се надевам, а еве и децата веќе имаат желба иако е тоа училишен бенд, како што завршуваат со образованието да продолжиме и понатаму да функционираме како  еден состав бидејќи по објавените снимки и видеа од Забок близу Загреб пројавија интерес за нас, така што веќе нè канат и  ќе правиме заеднички концерт со нивните ученици.

Имате ли доволно поддршка од градоначалникот на Илинден, општина која важи за една од  финансиски посилните. Имате  ли  добиено повратен бенефит, она што треба да го добиете за заслуги или барем услови за работа?

Јас џабе би имал желба ако немаме поддршка од директорот на училиштето и од Општината. За среќа сите алки функционираат за да имаме добар производ. Имаме добри услови и постепено добиваме повеќе. Добивме инструменти, средства за работа.  Веќе оваа година , басгитара, баспојачало, дел од инструментите. Сега ќе добиеме и озвучување од училиштето за да можеме пробите да ги организираме  таму. Градоначалникот ни го отстапи Домот на култура целосно на располагање  кога ќе имаме потреба да може таму да се прават пробите. Значи сево ова  не може да функционира едно без друго.  Видовте дека и Градоначалникот беше пресреќен на концертот. Тоа беше некомерцијален концерт, јас сам не  би можел.Ретки се такви луѓе кои што го ценат трудот и коишто даваат поддршка. Искрено штета е штовоучилиштата  е намаленфондотначасовипомузика.  Имаме само два часа и тоа е многу минимално, а бендот што го работам не ми ни влегува во фонд на часови, го работам од љубов. Го водам како секција. Во средните училишта предметот  музичка култура се става ептен долу на маргините.

Сега сте и член на една друга група?

Од неодамна сум член на група Мега бенд од Тетово. На иста фрекфенција сме со другите членови, исто  размислуваме. И тие сакаат да ја негуваат македонската музика. Во групата е и Саше од пејачката група Кладенец, исто  и Јован Василевски кој е одличен композитор аранжер и инструменталист. Се надевам со оваа група  ќе имаме добри успеси и реузлтати и ќе ја збогатиме  македонската сцена со нови песни.

Да се навратиме на моментот  како ја откривте желбата за музика кај себе. Кога откривте дека ве привлекува   музичкиот инструмент хармоника?

Уф, тоа беше кога бев четврто  одделение. Уште од многу мал ја засакав музиката,а дома почнав да досадувам за хармоника и  плачев по цел ден. Татко ми беше многу добар родител, амбициозен и грижлив, за жал почина прерано. Ми купи едно хармониче  и почнав во пионерски дом Карпош. Прво бев кај професор НиколаВлахов, а потоа  дојде професорката Зорица Каракутовска.Се запишав во музичкото училиште, паралелно и воансамблотОрцеНиколов ,па продолжив студии на факултет  и дипломирав хармоника.

Во Орце Николов имате поминато  најмногу време?                                                       

Со играорната доста патував и тоа ми беше мотивација. Многу фестивали  во Турција, Кипар, Русија, Шпанија, Германија, Словенија, Франција. Односот на сцена, работење со оркестар, сето тоа  е плод на тоа искуство што го стекнав низ годините. Но едно е кога си само член, а друго е кога си раководител, одговараш за целиот оркестар, одговорноста е многу поголема. Искуството е многу битен фактор,созреваш како музичар,а  со тек на време почнав и да компонирам, аранжирање и музички стилизации….

Тоа сакам сега да нагласам, почнавте да се афирмирате со една ваша композиција „Вечерва тој ме запросува“  изведена на Широк сокак, со која дебитиравте на фестивалите како автор. Самиот директор, Борче  ја оцени  како ремек дело  и еден прекрасен валцер. Колку песни имате потпишано?

За тоа беше виновна мојата драга пријателка Вале која ми прати текст од Цане Трајчевски и не знам како, но кога го прочитав текстот  едноставно песната излезе од мене. Ја запишав на ноти, ја снимивме  и навистина има еден убав вариете париски призвук што баш одговараше за фестивалот во Битола, градот на конзулите, каде што има влијание западно европската музика. Имаме  елементи на нашата музика и спој на фолклорот и западното влијание. Имам направено неколку композиции  кои ги изведувам со  мојот оркестар и со мојот ансамбл. Концертното оро е комбинација од чичко Ѓоко, негови се некои фрази, и  додадов свои делови.

Иако медиумите сè  уште не ви го отстапуваат  заслужениот простор, доволно ве препознаваат. Поканет сте да гостувате во Канада меѓу нашите во Торонто?

Тоа е уште во најава, прво овде ќе ја откријам таа новост. Тоа се драги мои пријатели од Здружение на Македонците „Свети Климент“ од Торонто, со кои ете имав среќа да настапувам кога беа тука со нивниот ансамбл, јас ги следев на хармоника. Имавме убави концерти  во Охрид, Битола  и во други градови. На мое големо изненадување, сега  ме поканија да бидам гостин на нивниот  јубилеен концерт во Торонто.  Се надевам  дека во ноември и тоа ќе се реализира. Убави се сите тие  релации со нашите иселеници ширум светот, треба да се има една убава соработка.

Така со насмевка, најава за уште поубави нешта, развој на креативноста кај младите, љубовта кон фолклорот и музиката го завршивме разговорот со Јовче Петковски, до некоја следна средба со или без повод.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.