Интервју со Михаела Алексовска –  Јогата е животна филозофија

1494

 

За kulart.mk разговорот го водеше Елена Максимовска

Заради стресното време во кое живееме, сите бараме некој издувен вентил низ кој ке го канализираме тој стрес и со тоа ке си го подобриме квалитетот на живот. Бидејки велат во здраво тело здрав дух многумина од нас, вентилот го пронаоѓаме во најразлични спортски активности. Сите сме наклонети кон една или друга активност но, за јогата велат дека е активност која треба и може сите да ја практикуваат без разлика на возраста и физичката подготвеност.

Разговаравме со Михаела Алексовска која е сертифициран инструктор по јога.

 Малку историја…

Јогата постои илјадници години. Јогиските учења на почетокот биле пренесувани усно и истите биле од таинствена природа. Најраните јогиски списи биле пишувани на палмини листови кои биле лесно уништиви или пак со времето истите се изгубени. Затоа, за историјата и потеклото на јогата има доста нејаснотии.

Најрани референци за јогата се сметаат скулптури и списи кои датираат од пред повеќе од 5000 години. Овие артефакти се направени од луѓето кои биле дел од Ведската Цивилизација и се напишани на древниот јазик Санскрит. Ведите се можеби најстарите списи пронајдени до сега. Тоа се списи кои се состојат од песни, мантри и текстови во форма на ритуали кои биле користени од Ведските свештеници, Брахманите.  Брахманите и Ришиите (мистиците) нивните видувања и учења ги документирале во Упанишадите. Овој период би бил периодот на предкласична јога, кога јогата била мешавина на разни идеи, верувања и техники.

Кон крајот на 1800-тите и почетокот на 1900-тите, разни јога учители пристигнуваат на Запад со цел да ја пренесат јогискота филозофија и привлекуваат големо внимание и огромен број на следбеници.

-Како наједноставно би ни објасниле што претставува јогата и што ја прави поволна за сите луге, без разлика на возраста и физичката подготвеност?

Јогата претставува животна филозофија која има за цел да ве воздигне кон повиско ниво на перцепција на сопствениот живот. Зборот ЈОГА потекнува од санкритскиот збор “yuj” кој значи соединување или единство. Јогата носи единство помеѓу нашата внатрешна димензија и надвoрешната димензија, ние самите и се останато што постои.

Основната цел на јогата е…

Целта на јогата е SAMADHI односно самореализација.Патанџали во своите сутри ги поставува осумте принципи на јога. Тоа се :

Yama Универзални правила за животот.

Nyama Лична дисциплина, односно начин на живот.

Asana Физички позици .

Pranayama Техники за управување со сопствената енергија преку процесот на дишење. Pratyahara Повлекување на сетилата од надворешниот свет кон внатрешниот ментален, интелектуален и духовен свет

Dharana Техники на концентрација

Dhyana Техники на медитација

Samadhi Крајната цел на јогата, самореализација

Какво е влијанието кое го има на физичкото а какво на духовното во секој оној кој ја практикува?

Јогата е начин на живот кој се заснова на методи за управување со умот, телото и енергетските процеси со кои се ослободуваме од незнаењето, страстите и се стремиме кон ослободување.

Причина за сите психосоматски заболувања, непријатни психички состојби и непријатни умствени состојби и е во непосредна врска со распрсканата состојба на умот. Дисбалансот на ментално ниво најпрво се манифестира на енергетско ниво односно се пореметува токот на енергијата за на крај да се манифестира како болест.

Осумте принципи на Патанџали се основа на јогискиот начин на живот. Со практикување на јама и нјама се ослободуваме од конфликтите на ментален и емоционален план и се постигнува прочистување на телото и умот.

Асаните или физичките позиции допринесуваат до рамнотежа на автономниот нервен систем, се поттикнува работата на внатрешните органи, се постигнува усогласена работа на ендокриниот систем, се подобрува циркулацијата, се одржува приридна еластичност на рбетниот столб и се одржува природната енергетска пулсација во сите делови на телото

Дишењето во јога се смета не само како процес кој е од витално значење за организмот, туку се смета дека при дишењето истовремено во нашето тело внесуваме животна енергија која во јога се нарекува прана. Затоа, техниките на ПРАНАЈАМА со кои се контролира процесот на дишење се од особена важност. Со техниките на Пранајама се смирува умот, се опушта телото, се усмерува токот на енергијата во телото, се одржува здравјето, се внесува доволна количина на кислород во телото, се исфрла вишокот на јаглероден диоксид , се обновува централниот нервен сиситем и се балансира работата на автономниот нервен систем.

Со Пратјахара се постигнува состојба на селективност при примањето на надворешните  искуства, се исклучуваат влијанијата на дразбите од надворешната средина.

 Која е основната/првичната форма на јогата?

Постојат повеќе видови на јога.

Jnana Yoga или патот на мудроста, Bhakti Yoga или процесот на посветено служење на Севишната Божја Личност, Карма Yoga или патот на несебично делување, Raja Yoga или уште познта како Кралска Јога што е всушност осумкратниот процес на Патанџали и Hatha Yoga или патот на физичка контрола кој претходи на Raja Yoga.

Бидејки Патанџали се смета за татко на класичната јога може да кажеме дека основната форма на јога е јогата на Патанџали односно Raja Yoga.

– Какви форми на јога се практикуваат денес?

Она под кое што денес се подразбира јога е најчесто Хата Јога. Во Хата Јога работиме со телото преку асаните или јога позициите кои се физичка форма за достигнување на повисока свесност.Во Хата Јога телото се користи како алатка во еволутивен процес, па преку асаните практикантот се отвора кон повисоки можности.

Популарни типови на Хата Јога кои денес најчесто се практикуваат се Винјаса, Кундалини, Аштанга, Ијенгар, Бикрам и се разбира класична Хата Јога.

Какви поволности имаат практикантите на јога кога гледаме на долг рок?

Првото нешто што секој јога практикант ќе го забележи е удобноста во сопственото тело, повеќе енергија и поголема насмевка на лицето. Но, тоа се само почетоците на делувањето на јогата. Ако јогата ја практикуваме како животна филозофија, онака како што ја објаснил Патанџали тогаш нашата перцепција за сопственото постоење ќе добие сосема нова смисла. Ќе добиеме реализација дека ние не сме ова тело, не сме овој ум, не сме нашата интелигенција. Ние сме Sat Cit Ananda вечна духовна душа, полна со знаење и блаженство.

 Дали може да ја практикуваат лица со физички проблеми, дали правилните вежби може да донесат олеснување?

Јогата може да ја практикува секој. Правилните вежби можат многу да помогнат за разни физички заболувања и ментални состојби. Од исклучителна важност е јогата која се практикува во такви случаи да е од терапевтска природа.

Често јогата ја поврзуваат со вегетаријански или вегански начин на живот. Зошто е создадено ова мислење и дали начинот на исхрана има било какво влијание врз ефектите од практикувањето јога?

Да, јогата се поврзува со вегетаријнството.Една од причините е ахимса или принципот на ненасилство кој е всушност и првата инструкција која ја дава Патанџали. Но, ако подлабоко размислиме храната што ја внесуваме е тоа што ни дава живот и колку и неубаво да звучи доколку внесуваме месо во нашето тело ние за жал не внесуваме живот, внесуваме исклучително ниска и мртва енергија. За да се подигнеме на повисока вибрација и храната која ја внесуваме треба да биде со повисока вибрација. Со тек на времето без форсирање и со внатрешни реализации јога практикантите посегнуваат по она што допринесува за издигнување на нивната свесност. Јогата не бара од никој да стане вегетаријанец, но искуството покажува дека колку посериозни сме во нашата јога пракса толку посвесни сме за секој аспект на нашиот живот и најчесто вегетаријанството станува природен процес на развој на свесноста.

 Како долгогодишен учител по јога што би им препорачале на нашите читатели?

Она на кое што не учи јогата ни е потребно во нашиот живот сега повеќе од било кога. Овој динамичен и технолошки напреден свет преполн со лесно достапни одвлекувачи на вниманието не оттргнува од присутноста во мигот кој го живееме и доживувањето на нашата вистинска природа. Јогата е метода за подобрување на квалитетот на секојдневниот живот. Практикувајки јога ќе се ослободите од напнатоста, ќе добиете енергија, ќе се зголеми флексибилноста на вашето тело и ум, ќе се зголеми вашата концентрација, ќе стекнете самодоверба, самопочит и самоконтрола.

Јогата е можност да уживате во сегашниот миг, да се запознаете себеси и да станате свесни за посебните дарови кои ги носите во себе.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.