ИНТЕРВЈУ СО РИСТО АПОСТОЛОВ: Панкерот Џони Ротен сака да пее на Евровизија, одлична му е идејата!

325

Ристо Апостолов, предводникот на групата “Водолија” на македонската сцена е од 1989 година, а официјално од првиот настап на “Поп рок фест 1991” , година кога е создадена и првата нивна официјална снимка.
Неговото искуство на сцена, трите албуми “Љубов или Страсти” (1996), “Хазард” (1997) и “Сѐ што е свето” (2009/2010), 15-те синглови, многу авторство и студиска работа, ми даде за право да го поканам на муабет без конкретна тема, а на повеќе лични и општи теми.
И, мислам дека успеавме преку прилично разиграна разговорна динамика да извлечеме податливо интервју, кое од повеќе агли нѝ дава увид во една поширока слика за тоа: како функционира процесот на снимање, снаоѓањето на музичарите на и зад сцена, да направиме временски паралели, навраќања, да поразговараме и за трендовите и за ред други работи, кои го прават сето тоа една целина.
*Помина речиси една година од објавувањето на Вашата последна песна “Страст”…
– “Страст” е објавена на 17 март 2022 година, тоа е песна во поп, рок, алтернатива со “радио- френдли” елементи и не знам точно стилски како да ја дефинираме, слушателите нека проценат, бидејќи јас музиката не ја делам на стилови, едноставно творам тоа што во моментот ми е инспирација. Откако ја снимав кај мене во студио ја објавив, и можам да ѝ заблагодарам на ликовната уметница Натали Николовска што таа го прави “арт лириксот” за видеото, ми помогна, многу ѝ благодарам. Потоа целосно се предадов на студиска работа за себе. Изработив доста нови песни, ми се насобра материјал, па малку е тешко да се одлучам што попрво да објавам.

*Добро штом продуктивно го искористивте тој период- снимавте за себе, и сега прашање на време е кога ќе ги доработите, стегнете и финализирате и објавите едно по едно ...
-Во последно време можеби имате забележано одиме само на синглови. Сингл, сингл, сингл… Една таква стратегија е покорисна затоа што ако се сними цел албум, да кажеме со десет песни и се пушта одеднаш, песните се преклопуваат едни со други и повеќето може и да не бидат забележани. Вака се удира акцент на песна по песна.
*Сингл по сингл е навидум поспоро темпо, меѓутоа е посигурен пат до слушателите, со внимание ќе го преслуша како ќе излезе. И кај нас станува актуелна таа практика која на времето во светот беше еден тренд со кој се лансираа тие светски ѕвезди. Забележувам промена, а порано вас музичарите поголема желба ви беше албум. Дали тоа значи кога работиш на сингл многу потемелно сработуваш. Во што е предноста?
-Ќе се навратам назад, кога почнуваме во деведесеттите, тогаш снимавме во Студиото М2, за продукција на МРТВ. Таму снимавме песна за 4 часа, на знакот “јен, два, три…” снимаш наеднаш и потоа само ќе се доснима гитара, бас гитара и вокал… и сѐ одеше брзо. Тоа беше таа аналогна технологија. Со појавата на дигиталната технологија и компјутерите, процесот стана некако и поедноставен но и посложен. Зошто? Затоа што новата технологија дозволува некои опции за кои тогаш, во деведесеттите, не сме знаеле. Не сме знаеле за поквалитетен звук, а сега веќе знаме и настојуваме што повеќе да се доработи, па ако треба и да се пресвири. Предноста тогаш била што немаш свое студио, а кога немаш свое студио одиш снимаш и тоа што е снимено, го добиваш на рака и тоа е. Од друга страна пак тогаш побрзо одеа работите, но кога гледам сега таа младешка енергија препознавам дека тоа давало некој шмек дури и кај некои делови што не се најдобро снимени. Отпосле ќе кажеш “е овде требаше вака”, а сега на пример песната ќе одлежи две, три недели па пак ќе ја слушнам и ако треба ќе се направи некоја измена. Така што, самата технологија си го прави своето, а и тоа што имам свое студио и ми дозволува слободно да си работам. Ако не ми се допаѓа ќе си пресвирам.

*Од една страна одлична е таа континуирана комуникација со публика постојано ја одржувате и подгревате на “тивок оган” со некое свое темпо, но од друга страна за музичари кој постои три децении во музиката е некој начин извесен хендикеп што не се повлекол па да направи бомбастичен камбек на големи ѕвона.
-Имаше еден период, по вториот албум, кога се имав повлечено. Првиот го снимив во 1996 година и знам на настапи луѓето ги пееја тие песни. За вториот албум некако сам сум виновен, се сними, беше супер, и јас се зафатив со некои други работи и остана тоа така, неколку години имав пауза. Меѓутоа не ја запоставив музиката, свирев во други бендови, како инструменталист и аранжер на некои песни. Во почетокот на двеилјадата година повторно решив да ја соберам мојата група, со сосема други членови. Но, потоа не правевме големи паузи и почнав да издавам синглови, спотови, па потоа си реков ајде да се пробам во тие мејнстрим води и три пати настапував на Скопски фестивал за Евровизија. Добро искуство беше тоа.
* Сега сакав да Ви речам дека еден Ваш слободно ќе речам колега од светската сцена …
-…инаку разбрав дека Џони Ротен од “Секс пистолс” годинава ќе се натпреварува и сака да ја претставува Ирска.
*Тоа сакав да кажам, може да биде претставник на Евровизија, ако победи во март.
– Па и треба да биде.
*Можеби и Вие еден ден, зошто да не, рокерите немаа рок на траење. Рокер е рокер до крај.
-Јас многу сакам, имам желба. Некој ќе рече ајде тоа не нѐ интересира, но кога може Џони Ротен зошто да не можам јас? А можам да кажам и дека со “Рок Агресори” свирев панк едно време, таму свирев бас гитара во живо, а соло гитарски делници во студио.
*Со Зоки Трпков од “Рок агресори” дури имавте заеднички настап за на Евровизија, со песната “Динг Донг”…
-Јас истата година настапив со “Водолија”. А за Зоки отсвирев бас гитара, гитара и тапани и го направив аранжманот, меѓутоа таа енергија што ја има тој кога ќе се појави на сцената, таа негова инвентивност, кога се спои со моето музичко и свирачко искуство, со еден збор направи “бум”… На тој избор, во година 2009, јас со “Водолија” настапив со “Мојот ТВ”.

*Да, една од вашите најпознати песни. Тогаш излезе и албум “Сѐ што е свето”, оттогаш си работите сингл по сингл.
-Јас и во 2009, 2010 и 2011 година се обидував за Евровизија. Настапуваме во Универзална сала. Добро искуство ми беше.
*Морам да потенцирам во корист на следното прашање дека Вие сте голем индивидуалец без оглед што свирите во бенд. Се држите точно на своето место, ни чекор наваму, ни чекор натаму. Тоа Ви овозможува тоа што сте сестран во овој процес на создавање на музика инструменталист, изведувач, композитор, текстописец, аранжер и снимате во свое студио. Една алка да недостасуваше, кругот немаше да биде споен.
-Јас направив студио и почнав да се занимавам и да учам продукција надвор од државава од мака што немав доволно финансии за да ги плаќам студијата за снимање. Маката ме натера. Инаку, мојот прв инструмент е тапанот, јас сум самоук тапанар. Си тропав дома, а некои музичари од постарата генерација ми покажуваа. А потоа почнав да свирам на гитара и бас гитара. И квавијатури. И сега во последно време малку се скарав со клавијатурите. Ретко користам клавијатури во песната, ги ставам онаму само каде што треба да се пополни. Меѓутоа себе си се сметам како инструменталист во функција. Не како некој виртуоз кој ќе земе инструмент во рака за да импресионира, туку професионално да отсвири нешто што е во функција на песната. Не мора да биде нешто виртуозно, иако сум учел од најголемите професионалци од светската сцена, а со тие од домашната сцена директно сум дружел.
*Од алтернативата?
-Не, јас музиката не ја делам на жанрови. Слушам и класична музика, од Дворжак, сум слушал опери “Риголето”, “Аида”, како дете сум слушал Френк Синатра, сум слушал “Јазу”,тоа е електро поп, потоа “Дуран, Дуран”, “Симпл мајндс”, поп рок…
*Но како милувате да Ве дефинираме жанровски?
-Не знам. Затоа што музиката која што ја творам со бендот, а на како сум автор, има сегменти од разни правци, има поп, рок, алтернатива, дури сум забележал има и некои хардрок елементи, сѐ е тоа она што го примам во потсвеста.
*Ќе ми забележите ли дека ако речам дека не сте доволно упорен во медиумска и концертна промоција?
-Нема да забележам, зошто би?! Точно е дека издавам песна, што се вели еднаш во годината, за разлика од другите кои што го прават тоа почесто. Настапуваме еднаш, два пати во годината,некои тоа го прават нон- стоп така што тука нема за што да забележам.
*Тоа е Вашиот принцип или тоа е Вашиот карактер или околностите на нашата сцена?
-Повеќе се околностите, значи јас би сакал да имаме што повеќе синглови, што повеќе спотови, меѓутоа тие се околностите. Знаете, некогаш некои работи не ги креираме ние луѓето не можеме да добиеме сѐ што сакаме и есапот дома на пазар не испаѓа. Сега, на пример, имам план “да јас сакам да го направам тоа, тоа и тоа”, меѓутоа може да не биде така или да биде подобро од она што сум го планирал. Некогаш работите излегувале подобро, а некогаш испаѓале на пониско ниво, зависно од околностите.

*Ми се допаѓа Вашиот принцип што Вие сакате кога сте некаде поканети да свирите исклучиво своја авторска музика, многу познати музичари кои се со свој репертоар свират и туѓа, репродукција на светски хитови, секако можеби и од егзистенцијални причини. Но Вие стоите на ставот за своето, макар и со минус на Вашето конто. Што кај нас па тоа е неисплатливо за сопствениците на клубовите, тие главно ја отфрлаат таква идеја велат- сакаме да свирите странско, за да печалиме повеќе.
-Ова ќе го одговорам многу едноставно- секој човек има таленти и секој човек знае за што го бидува и за што не го бидува. Ако земеме некој бенд или изведувач, којшто пее кавер верзии,тој се насочил на тоа и тоа го прави добро. И сега јас сега да земам да влезам во трка со кавер изведувачи кои со години тоа го прават, едноставно тие ќе се подобри. Зборуваме објективно, никогаш не сум го правел тоа. Меѓутоа, ако пак тие земат да прават авторска музика, пак тука тие ќе крахираат. Значи секој има способност…

*Ќе бидам упорна сум- зошто сметате дека мора да Ве поканат исклучиво со авторска музика, ме интересира основата на тоа Ваше размислување.
-Затоа што не сум се насочил на тоа, тоа го реков, а и бидејќи сметам дека ако некој сака да слуша песна од некого ќе си го пушти оригиналот, ако сакам да си го слушам Стинг ќе си го пуштам. Ако некој сака да ме слуша мене со мојата авторска музика, нека повели. Иако последниве години сме немале нешто многу настапи, но кога сме свиреле во живо се случувало да дојде публика специјално за нас. Меѓутоа, сепак имало и од онаа публика која дошла онака. Не можеш да очекуваш на некој настап да дојде цела публика баш специјално, секој што ќе каже поинаку мислам дека нема да ја каже вистината, но би бил среќен ако условно речено 50 отсто од публиката дошла само за нас, а 50 отсто ете така. Да си помине убаво време, да се журка…Како што и јас некаде што сум отишол некого да го слушам, а некаде сум отишол ете така.
*Како автор задоволен ли сте колку медиумите емитуваат македонска музика, секако и Вашата, впрочем сѐ што се прави, се прави за да допре до публика, но секој нема шанси да Ве слуша на настапи, некои ќе Ве слушаат преку радио и телевизија..
-Медиумот е многу битен. Радиото, телевизијата… Ама сега постојат и социјални мрежи Интернет, Јутјуб, Спотифај… Интернетот е бомбардиран, има и многу музика ама има и многу информации, и сѐ тоа се губи некаде во таа масовност, затоа сепак ќе ставам акцент на електронските медиуми. Битно ми е да ми се слушат песните, на секој музичар му е битно да му се слуша делото. Си праќам до секој медиум па кој пушта пушта, кој не не. Многу сум благодарен на тие што ја пуштаат мојата музика.

*Оваа новата музика која е готова и чека да тргне во поход кон слушателите, ќе биде препознатлива, или нешто поинакво?
-Сега одиме на варијанта на звук, на саунд. Како се менува технологијата така и звукот. Тоа не е случај само со нас, тоа е случај и со многу светски изведувачи. И тие песни од 70, 80 -тите кога би биле снимени сега би звучеле поинаку со новите технологии. Јас во компјутер ги имам снимено темите во повеќе различни варијанти. Кога ќе почнам да одбирам што да пуштам во етер, да ги пласирам во јавност, ќе ги средувам според инспирација.
*Текстовите ги пишувате по една вообичаена практика прво мелодиската линија, потоа другото. Но, никогаш не сум Ве прашала, дали се инспирирани од Вашиот живот и луѓето во Вашиот круг или се плод на имагинација и фантазија?
-Никогаш не фантазирам и не импровизиран. Имам една песна се вика “Радост и бол”, и вели вака “Замижи и заплови во своите сни. Само за миг на сета реалност заборави. Ќе видиш свет без суета, и како заспиваш во нежна прегратка”, и сега што може да се заклучи од овој текст, па само во сонот ќе видиш нешто идеално, во реален свет тоа го нема. Мислам дека е доволно јасен и од текстот да се сфати што сакам да кажам.

Мене ми е фаворит, меѓу другите песни, Вашата претпоследна песна “Полна со магија”. Кој е моментот…
-За музиката или за текстот ?
*За текстот, како да е строго посветена ми се чини.
-Музиката е на порив кој доаѓа во момент, отсвирив еден риф на гитара “там таам ратата” и мелодијата сама почна да тече. А текстот, текстот ми дојде, ајде да не кажам во 7 минути. Дури не го имав ни запишано на лист, вклучив микрофон и почнав да пеам. Едноставно ми дојде потсвесно.
*Секоја девојка би се нашла во таа песна.
-Не можам да кажам дека седнувам и со намера правам текст. Едноставно доаѓа, како вонземјанин да дошле во мојата глава и сами ја направиле песната. Потоа кога ја слушам се чудам – чекај јас ова го направив? (Се смее)

*Дел од Вашите песни ги следат спотови направени од видео професионалци, но некои си ги имате сам направено и тие задоволуваат едно добро ниво. Но последниве години не снимате воопшто спотови, па дури ни сам, иако умеете.
-Јас не можам да кажам дека сум режисер на спотови, најмалку сум тоа. Меѓутоа сум монтирал, да, но не е тоа моја работа не е моја професија. Некогаш тоа сум го направил од мака, затоа што се немало финансии. Морам да кажам дека доста спотови сум работел со Александар Ристовски – Принц и Владимир Петровски- Картер. Не да не можам и сега да направам, но не сакам да се мешам во работа која друг подобро ја знае. Ако јас за музиката си се почитувам себе си и други ме почитуваат и ми велат “Супер си!”, едноставно нема што да барам во нешто во кое некој друг каде- каде е подобар од мене. И тогаш се добива производ. Сега јас се фокусирам само на музика, решив да не правам спотови само колку да имам, а кога ќе снимам ќе биде со врвни видео креатори.



*Планирате свирка оваа година со “Водолија”, концерт, настап?

-Ние ќе објавиме песна, а каде ќе ја емитуваат тоа е друга работа. А за жив настап зошто да не, може слободно да седнеме да вежбаме и ќе свириме. Има добри клубови во Скопје.
*Последно прашање за оваа средба е соработката со музичарка од Америка со која пред 13 години снимивте англиска песна, и беше емитувана на едно радио во Њу Џерси. Подготвувате некоја таква комбинација со странски артист или можеби и Вие, како доста други во последно време, би снимиле англиска песна, за поширока публика?
-Тоа беше одамна, во 2008, 2009 година, со Соња Саурук од Америка снимивме песна, а таа пејачка веќе не се ни занимава со музика. Јас имам еден став кога се прави нешто за овде го правам на мајчин јазик, а кога го правам нештото за надвор го правам на англиски. Затоа што, едноставно така сум навикнат.
*А кога би настапувале на Евровизија на кој јазик тоа би го извеле?
-Половина, половина…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.