Интервју со Теа Беговска: Го избрав потешкиот пат, но задоволството е поголемо   

2141

“Јас сум актер човек” е претстава која го открива талентот на младата режисерка Теа Беговска. Во неа играат младите и талентирани актери Надица Петрова, Дарјан Петров и Никола Кузелов, а музиката е на Енес Беговски. Дејството е сместено на разни простори и привлекува внимание кај јавноста.

Разговорот со Теа Беговска го водеше Валентина Ѓоргиевска Парго

Теа, јавноста веќе Ве запознава како едно ново и перспективно режисерско име на македонската театарска сцена. Па на почеток, можеби би било најсоодветно доколку Вие нѝ кажете нешто, за досегашните Ваши остварувања на сцената и што всушност досега имате режирано и остварено во театарската уметност?

–  Не сум сигурна колку ме познаваат вистински, бидејќи мене како млад режисер не ми се дадени многу шанси да се докажам, за разлика од некои мои колеги. Малку шанси сум имала да работам во институција. Мене повеќе ме знаат преку алтернативните проекти, кои почнав да ги работам веднаш по моето дипломирање. Го избрав потешкиот пат, без ништо да ми биде дадено на послужавник. Кога го бираш овој пат, соочен си со проблеми кои треба сам да ги решаваш, сам да се бориш. Да, задоволството е поголемо, затоа што знаеш дека на крај никому не му должиш ништо, но, од друга страна, кога ќе видам дека некој лежерно си ја работи професијата, во смисла не се грижи дали ќе добие или нема да добие проект, тогаш мојата работа во ова општество какво што е поставено,  станува бесмислена. Можеби на друго место ќе има смисла.  Но, сепак, тоа е избор!

Веќе во реприза ја видовме Вашата неодамнешна претстава “Јас, сум актер- човек” во “Јавна соба”, во која што млади актери изведуваат една навистина интересна возбудлива интерактивна претстава, во која се вклучени сите други на некој начин и самите посетители. Како дојдовте на таа идеја? Која е пораката што ја пренесува актерот- човек?

– Како и секој проект до сега и овој тргнав да го работам од внатрешен порив, потреба да се каже нешто важно. Нешто што во тој момент мене ми било важно. Ние направивме претстава без сценографија, без костим, ја сработивме за две недели. Така можеш да работиш само ако вистински знаеш што сакаш да кажеш, а мислам дека и друг начин не постои. И не мислам дека по секоја цена треба да се работи. Јас бев свесна со какви проблеми ќе се соочам кога тргнав да го работам овој проект, повикувајќи се на моето претходно искуство со алтернативни проекти. И малку сум уморна да зборувам за алтернативната сцена. Мислам дека многупати до сега сум го кажала мојот став и мислење. Ништо не се променило и не верувам во промена. Верувам во работа. Целта на оваа алтернативна претстава не е да пренесе некаква порака, туку едноставно да постои, да постои во едно време кога полека сите се откажуваат од алтернативата. Причините се јасни.

Актерите припаѓаат на онаа млада актерска  постава од кои допрва се очекува да блеснат  на македонското театарско глумиште, тоа го прават со многу леснотија и нивната глума и на еден интересен интерактивен и спонтан пристап со публика.

-А како допрва да блеснат? Па во државава има стотина млади невработени актери. Како да блеснеме? Во сите проекти сум практикувала да работам со невработени актери, од проста и едноставна причина – давање шанса на тие што ја немаат. Режисерот би требало да знае кога прави поделба на улогите, дека тие се исправни, вистинските луѓе, во тој момент да го кажат тоа што е важно. Можеби во некои други околности тоа ќе бидат некои други актери- луѓе. Претставата зборува за актерот, за човекот, за сѐ она што се плашиме да го кажеме на глас, да се соочиме со самите себе си. Оваа екипа имаше потреба на глас да ги каже сите овие работи, исто како што имав и јас. Затоа и  процесот на работа беше многу искрен, отворен. Затоа сметам дека на сите нѝ стана јасно уште во првиот миг што е она што треба да го пренесеме на публиката.

Младите режисери, актери, креативци, творци се повеќе се осмелуваат да направат нешто на таканаречената алтернативна сцена, односно  и на некои интересни простори на некои места каде што повеќе би се доживеало како експеримент отколку како класична претстава, меѓутоа тоа е посимпатично и прифатено од публиката. Дали Ваш интерес се токму такви места, кои нудат неконвенционалност?

– Кај нас алтернатива се прави од мака, за жал. Алтернативата е можност да се докажеш, да се покажеш, да не чекаш некој да ти даде шанса, туку ти сам да си ја дадеш. Јас многу ја сакам алтернативата, по природа сум таква, сакам да истражувам нови места, нови простори, сакам да ѝ се доближам на публиката. Тука се чувствувам сигурна, тука сум гласна. Само имам еден проблем, многу ми се скапи идеите што ми доаѓаат, па немам можност да ги реализирам. Барем таков одговор сме добивале, многу пари чини ова. А кога ќе ми текне дека милиони се фрлаат на огромни продукции, а она што го бараме ние е смешно за дискусија. Така што смислуваме некои “поефтини” идеи. Замислете само да не знаете што да гледате вечерва, да имате толку избор што нема да можете да постигнете да видите сѐ. Не сум ни прва ни последна што се борела за алтернативната сцена. Многумина се откажуваат кога ќе се најдат во удобна позиција да добиваат секоја година проекти со огромни хонорари. Е тогаш ги нема, тогаш алтернативата станува неважна. Па така овој мој муабет исто така станува неважен. Има колеги, работат, ги гледам, ги следам, но дали тоа е доволно? Верувам дека се соочуваат со истите проблеми.

Претставата ќе гостува и на други меридијани, а ќе биде и дел од официјална програма на една мошне значајна манифестација која годинава прославува дури 40 годишнина, познатото “Скопско лето”, на 15 јули.

– “Скопско лето” се наши блиски пријатели и подржувачи. Јас сум учествувала до сега неколкупати и соработката со нив е значајна за нас. “Скопско лето” е важен простор за промоција на млади кадри, тие тоа го овозможувале отсекогаш. За квалитетот во нивната работа говори и самиот јубилеј годинава. Нивната упорност и голема волја само говори за тоа дека одржливоста на овој фестивал, без разлика колку била тешка во изминатите години, сепак е возможна и нуди слоевита и квалитетна програма. Претставата е примена и на еден важен фестивал во Зимбабве каде се случува промоција на млади уметници од цел свет. Ние имавме среќа, не примија (без врски). Се надеваме на обврската на надлежните дека треба да нѐ подржат за да ја претставиме Државата и да се промовираме како млади уметници. Искрено се надеваме на слух и остварување на должноста. Сработивме проект без никаква поддршка, би требало сега да добиеме подршка.

Би забележала дека за нашите млади креативци веќе нема бариери,  земаат учество  на светски фестивали, и за наша и пред се и нивна среќа се враќаат со грст мошне значајни светски признанија и награди. Еве искрено ќе нѝ кажете, како претставничка на младата генерација, за Вас е позначајно да се добие признание и награда надвор или да се добие афирмација во матичната земја. Што повеќе би го исполнило Вашиот креативен сон?

– Убави се сите признанија и награди. Не е проблемот во тоа. Проблемот е што кога ќе почне некој фестивал во круговите на нашата фела веднаш се разговара за наградите, кој ќе добие, зошто ќе добие. Актерите уште не стапнале на сцена, знаат кој ќе ги добие наградите. Ова не го зборувам напамет, ова го знам уште од дете кога моите родители (Ријуш и Суад Беговски н. з.) ме носеа на фестивалите кај нас, каде учествувале. Сакам да кажам, не е ова нешто ново, ова ќе ви го каже секој што се бави со оваа професија. Не сакам да коментирам за заслужени и незаслужени награди, тоа е индивидуален став, ги има и такви и такви. Фестивалите се една голема игра, за која не сме до крај свесни. И кај нас, па и надвор. Не би можела да правам споредби, немам искуство. Сум ги следела фестивалите надвор, но, само како гледач. Во однос на филмот и успесите што ги имавме тоа е за огромна почит и навистина немам зборови со кои можам да кажам колку сето тоа е големо. Прашањето е дали достојно се цени и почитува кај нас. Викнетете ги актерите, режисерите, направете ѝм и на нив пречек, дајте ѝм го достоинството што го заслужуваат. Доста веќе од формалности, дајте вистински третман на она што е заслужено. Се однесуваме како да не знаеме што значи Берлин, Кан, Санденс… Немам коментар.

Многу од режисерите  сонуваат да снимат филм со којшто ќе допрат со една поширока  публика, до еден поширок аудиториум низ светот. Дали можеби и режија на филмското платно е дел од Вашите натамошни планови и амбиции?

-Па, искрено повеќе го следам филмот, отколку театарот во последно време. А мислам дека и отсекогаш сум размислувала филмски, иако работам во театар. Јас учев паралелно и филм и театар, но дипломирав театарска режија. Во постојана работа сум во областа на филмот, пишувам, често пишувам. Едноставно не му дошло времето, односно не сум се почувствувала спремно. Како што реков, не треба да се работи по секоја цена. Моментално се занимавам со една документарна тематика која бара огромен истражувачки процес, па не би можела сега конкретно да говорам за тоа. Инаку сум огромен фан на иранската кинематографија, на темите кои ги обработуваат и начинот и пристапот кој го имаат. Верувам дека филмот кај нас ќе расте, ќе се развива. Во тоа верувам. Се појави една одлична генерација на режисери работници кои гледам дека се борат и активно работат.

Каков е во суштина Вашиот генерален режисерски концепт што сакате да го остварите и веќе почнавте делче по делче да го составување својот мозаик. Некои режисери во своите дела повеќе ја застапуваат темата љубов, други се осврнуваат на темата човекољубие,  некои режисери можеби во своите дела сакаат повеќе за прикажат контроверзии и така натаму…

-Не верувам во генерален режисерски концепт или генерална порака која сака да ја пренесе режисерот. Да, често знаат да кажат за некој режисер дека цел живот ја режира истата претстава, се разбира не е тоа истата претстава, во смисла има различен начин и пристап, меѓутоа ја задржува својата, сопствената суштина, естетика, порив и.т.н. Не може како режисер да те интересира само темата на љубовта или темата на парите или било која друга тема. Цел живот ќе се занимаваш со темата на љубовта? Ти си режисер, истражувач, човек кој треба да прими и да дава. Работата е вистински да почувствуваш што тебе во тој момент ти е важно, те возбудува или пак ти прави проблем или пак те фрустрира, те прави среќен и.т.н. Тоа кога ќе го откриеш вистински, тогаш ќе решиш со која тема треба да се занимаваш. А не оти сега на театарот му требала претстава со тематика љубов, па ајде сега зашто пошто ќе најдеме некој режисер да нѝ направи љубовна претстава. Сте го прашале ли тој режисер дали има воопшто што да каже на таа тема, односто дали во тој момент ја чувствува темата важна. Да се вратам на генералниот концепт. Не е толку важен за мене генералниот концепт, туку важно е да сфатиш зошто го правиш ова, кога и каде. Затоа што тоа што ќе го направиш во тој миг, ќе постои само тогаш, само таму и само со тие луѓе. Верувам дека низ годините моите внатрешни пориви ќе се менуваат, ќе растат.

Во последново прашања би било добро да нѝ кажете за Вашите очекувања од државата во однос на создавање на еден покреативен амбиент. Што треба таа да направи за младите уметници и на кој начин да ѝм овозможи подобри услови за работа и за креативност?

– За очекувањата од државата мислам дека роман можам да напишам, само не знам кој ќе го прочита. Тоа ќе биде најнепродаваниот роман, ќе биде прогласен за најнепродуктивното дело некогаш направено. Доста веќе политика во културата. На што личи ова? Па јас стварно не се чувствувам паметна да коментирам било што. Што е ова се однесуваме како од дома да сме си го донеле театарот и културата општо. Има ли крај? Постои ли крај? Ќе си играме играчки цело време, и цело време од почеток ќе почнуваме. Оставете нѐ да си работиме. Ќе проба некој директор конечно да направи нешто здраво и добро, пак некој ќе се вмеша. Па јас сум едниствениот режисер во државата кој нема режирано претстава во својата матична куќа. Треба признание да ми доделат. Иако одам на работа, и она што ми е дадено го сработувам.  Верувам и се надевам дека сега ќе имам можност да работам. И дека ќе има услови за тоа. Го следам репертоарот на сите театри, колку што можам да си дозволам. Сакам да работам, јас сум работник, така сум воспитана и секогаш кога ќе тропнам на вратата на некоја институција знам точно зошто одам таму. Но, што и да се случува јас цело време работам, создавам, не седам дома и да чекам. Исто така би сакала конструктивно образложение од комисиите зошто е одбиен нечиј проект. Еден куп филтри поминува еден проект. Уметнички совет, управен одбор, и никој никаде го нема да каже нешто, да појасни што е грешката, што е проблемот. Нека разговараат, должни се да разговараат. Па ако сме згрешиле нешто, ако не сме добри, да се поправиме следната година. Да си ги научиме грешките веќе ако ги имаме. Спремна сум да разговарам и да одговорам на секое прашање кое не е јасно образложено во проектите со кои сум аплицирала низ годините, спремна сум да примам и забелешки. А не да бегаат од мене кога ќе ме сретнат.  И не е ова нешто многу што го барам, не треба воопшто ни да го барам, туку треба да му следува на секој. Еден куп проекти со кои сум аплицирала стојат таму некаде по фиоки, и не само мои. Не зборувам само за себе. Не е чудо ако си ги пронајдам сработени со друг режисер, зашто се случува и тоа. На мои колеги ѝм се има случено.  Детално спремаме апликации до шајки и конци, скици, што ли уште не. Има ли критериум прашувам? Кои се комисиите? Нели сѐ треба да биде отворено и транспарентно.  Копираат таму некое образложение и го испраќаат на сите. Исто е, затоа што сме си ги споредиле со колегите. Па дали навистина мислите дека сме наивни? И како треба јас да се борам? На кого треба да се обратам? Ме прашале многу пати, каде си Теа? Како каде сум? Тука сум, каде можам да бидам, размислувам што да сработам следно и работам. Аплицирам, ако не добијам продолжувам да работам, во тоа апсолутно никој не може да ме спречи. Најтешко е да станеш кога ќе паднеш, а јас сум навикната да станувам многу често. Верувам дека преку дела се покажува. На фб треба да пишувам статуси и да собирам лајкови? Добро, ако е тоа начинот можам и тоа. Што е следниот чекор, да излеземе со имиња и презимиња. Нема проблем. И еден куп предрасуди. Имам уште многу што да кажам, но, во некоја следна прилика. И ќе продолжам да бидам гласна таму каде што треба, а не по секоја цена. Еве сега работам на една концепција која говори за тоа како младите на сила се прават неспособни. Доведени сме во ситуација ние младите да се правиме тотално неспособни намерно, да бидеме глуви, слепи, ненормални, неписмени- на сила, само за да си го спасиме сопствениот живот и да одбиеме да бидеме дел од големите сили и нивната цел за тотална доминација. Каков апсурд- ненамерно да се правиш неспособен.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.