МАРИН БАБИЌ: Вистински човек меѓу погрешни луѓе (репринт)

270

(Интервју, објавено во списанието ” Шило,” април 2011)

***

-По секоја завршена манифестација „Глуците пеат“, се начукувавме од задоволство од
преполнетата сала. Бевме среќни и горди, бевме ѕвезди на вечерта со денови потоа
весниците пишуваа за тој настан. Сакавме да биде сѐ  гламурозно и затоа концертот
скапо чинеше, вели Марин Бабиќ, таткото на манифестацијата.

-Мојот дедо прилепско- мариовски војвода Крсто Гермов- Чакир беше една маркантна личност од кого многу научив, а според него и моето вистинско име е Марин Крсто Гермов Бабиќ

***
Во неговата биографија има запишано вредни нешта, успеси од кои имал полза тој самиот, истовремено и неговите колеги. Човек кој важи за голем мераклија со позитивни боемски манири, актер кој важи за еден од најдобрите во Македонија, радиоводител со магичен глас, организатор кој ќе остане запаметен како идеен творец на прекрасната забава „Глумците пеат“, и личност чии ставови секогаш се
поткрепени со силни аргументи. Независен интелекуалец со граѓански погледи.
роден во Белград (1947), живеел во Прилеп, работниот век го поминува во Драмскиот театар во Скопје. Татко на две ќерки Маја и Ирина, инаку, со два брака зад себе. Секогаш расположен за отворена дискусија. Накусо- квалитетен човек.
Господин Бабиќ, помина 27 март Светскиот ден на театарот, а публиката го исчекуваше она што некогаш и беше десерт во менито на националните културни настани- „Глумците пеат“. Нема што, оригинална идеја и концепт, можеби единствен во светот, кој еднаш годишно правеше да се чувствуваме како да сме на Бродвеј. Годинава ја немаше, повторно разочарување!
-За моја голема жал, а и на публиката, и оваа година немаше „Глумците пеат“, барем не во терминот на кој сите бевме свикнале. Знам дека публиката тоа секоја година го очекува, добивам бројни писма со идентично прашање и многу ми е тешко кога на сите морам да ѝм одговорам дека Манифестација нема. Уште потешко ми паѓа кога колегите глумци, а и музичарите, секој декември и понатаму истото ме прашуваат. Мравам максимални напори оваа година да се одржат, но не во традиционалниот термин и не на традиционалното место, Универзалната сала.
Во што е проблемот- актерите ја изгустираа манифестацијата, бараа големи хонорари, немаше доволно време за подготовки, спонзорите завртеа грб или државата смета дека таква културно- забавна приредба не е неоходна?
-Не станува збор за никакви хонорари на глумците. Поголемиот дел се подготвени тоа да го направат и без хонорар. Ретки се тие кој поставуваа услови и заради тоа и некои години ги немаше. Всушност тие никогаш и не примаа хонорари, тоа повеќе може да се нарече трошарина. Покривање на бензинот, сендвичот на долгите проби и по некое „крпче“, особено за колешките, кое се купуваше за таа вечер. Големиот трошок се
озвучувањето, осветлувањето, сценографијата, иако и тоа беше наплатувано по дампинг цена. Тука е оркестарот „Лима бенд“ кој работеше за симболични хонорари. Арно ама, кога ќе се собере сето тоа станува голема цена затоа што на сето тоа следи персонален данок, ддв. Добро насетувате спонзорите не се заинтерсирани за таа манифестација, а државата ја третира како приватна забава.

Престиж беше да се седне макар на последното седиште во салата, да се гледа сѐ она што се случуваше на сцена, каде глумцитее пееа светски хитови. Се сеќавам на Весна Петрушевска Бејби ја испеа „Среќен роденден“ во стилот на Мерилин Монро и Кенеди, и предизвика лавина од коментари. Всушност, сѐ  што се случуваше таму во само една вечер, се прераскажуваше цела година потоа- актерите покажаа дека се мултиталентирани, како да беа и далеку подобри од пејачите, имагинацијата со која беше правено сценариото беше феноменално, драматуршки мошне возбудливо, изведбите со „холивудски“ актерски гламур. „Италијанската вечер“ беше последна- останаа нерезализирани француската, македонската…
-Јас постојано во интервјуата кои ги давав во тоа време потсетував дека после секоја завршена „Глуците пеат“, се начукувавме од задоволство од преполнетата сала. Бевме среќни и горди дека бевме единствениот концерт кој се продаваше исклучиво на каса, значи немаше синдикални варијанти, дека бевме ѕвезди на вечерта и дека со денови потоа весниците пишуваа за тој настан. Меѓутоа, само после неколку дена одмор јас го собирав тимот и ѝм ја соопштував темата за наредната година. Значи, ние речиси цела година го подготвувме концертот. Познавајќи ги гласовните можности на колегите им се одбираше песна, иако успеваа тие да протуркаат и некој нивни предлог. Сакавме да биде сѐ гламурозно и затоа концертот скапо чинеше. За жал економската немоќ на нашите конзументи не нѝ дозволува да го исплатиме концертот од влезници, зашто во таков случај би требало да чини една влезница најмалку 30 евра. Да, има и таква публика која ќе може тоа да го плати, ама ние не сакаме баш само за нив да го правиме тоа.

Вашиот неодолив машки глас стана трејдмарк за радиоводителство. Повеќе од две децении, но со одредени прекини и временски интервали, опстојува Вашата ноќна емисија на Македонското радио, која во неделите вечерта оставаше многу слушатели без сон, меѓу кои сум и јас. По подолга пауза се вративте минатата година на радиобрановите, за да повторно прекинете со емисијата. Што се случи?
-Радиоводителство?! Да, ме имаше во два наврата на брановите на Македонското радио- радио Скопје. Ми причинуваше големо задоволство ноќно време да се дружам со осамени душички, да разговарам со нив за сѐ, само за политика не. имам многу драги пријателства, меѓу кои сте и Вие, од тие ноќни програми. Не правев ништо посебно, не бев премногу мудар и досаден, едноставно луѓето ме прифаќаа како
да сум им дошол на гости дома. Тоа беше мојот голем успех. Е, сега, зошто ме нема? Првиот пат ме избркаа моите другари од детствотои младешките денови кои беа во тоа време директори и тоа без никакво образложение. Овие новокомпонираниве директори што повторно ме избркаа немаа храброст лично да ми соопштат дека ме бркаат туку пуштија некои уредничиња и тоа телефонски да ми го соопштат за да не ме гледаат в очи и тоа со образложение дека сум неквалитетен, неслушани
економски неисплатлив. Не знам за третово што очекуваа тие? Јас да им бидам маркетинг служба!? А вистината е многу едноставна бев елиминиран заради мојата соработка со ТВ А1. Претпоставувам дека вашите читатели се запознаени со
случајот „Пајажина“, кој нема врска со програмата и екипата на ТВ А1. Меѓутоа ѓаволска телевизија, што ќе рече јас сум бил дете на ѓаволот.
Ги анимиравте слушателите со разни теми, зачинето со прекрасна музика. Ви се јавуваа жени, мажи од различни возрасти, од различни краишта, се чувствуваше таа пријатна синергија меѓу Вас и нив. По потреба и за атер на слушателките кои го бараа тоа од Вас им зборувавте и на француски јазик. Во тие ноќни муабетења ми остана во сеќавање еден податок, ексклузивно откриен во доцните часови, дека Вашиот прадедо, бил војвода во прилепско. Може да ни откриете нешто повеќе за тоа?
-Да им ја исполнував желбата на слушателите и понекогаш разговарав со нив и на француски.  во тоа беше и убавината на таа ноќна програма и за мене и за слушателите, во едноставноста, во заедничката доверба. Еве еден мал куриозитет
благодарение на таа ноќна се склучија и два брака, се спасија неколку самоубиства. Во тие ноќни програми често го спомнував мојот дедо прилепско- Мариовски Војвода Крсто Гермов- Чакир. Една маркантна личност од кого што многу, ама многу научив и еве сега ќе Ви откријам една мала тајна. Моето вистинско име е Марин Крсто Гермов Бабиќ.

Политиката како да ги дистанцира од јавната сцена луѓето со интелектуален габарит. Сѐ  помалку во медиумите ги има нивните мисли, размислувања, критики, побуни, сфаќања, гледишта, аспекти. Како да затапи острилото на интелектуалците. До кога ќе се чека оние кои се вистински личности да го кажат својот збор?
-Кога сме кај политиката која е неизбежна во секој разговор. Кога постоеше СФРЈ сите бевме фудбалски селектори, а сега сите сме политичариисите сме подготвени да ја спасиме оваа наша, за жал, јадна Македонија. Не бива така. Тоа нѝ го
покажаа сите овиепогрешни луѓе кои досега беа и се вополитиката. Од сиромав човек политичар не бива. Ако тој не бил кадар за себе да создаде благосостојба како ќе го направи тоа за мене? Што не бива, не бива. А кај нас е токму така. Доаѓаат
на власт голтари, анонимуси. Доаѓаат голи боси, а си заминуваат во намала рака со БМВ, со раскошна куќа некаде и тоа сѐ со една плата. А кога ќе ѝм заврши мандатот се пријавуваат во бирото за работа. Да, да сме имале и такви случаи. Еден состав од парламентот по завршување на мандатот 60% останале без работа бидејќи и пред тоа ништо не работеле. Биле голтари. Велите каде се интелектуалците. Прво малку сме независни (политики неангажирани) интелектуалци, нескромно и себе си се ставам во интелектуалци, а другите се разни директори, академци без педигре, водат разни управни одбори. Со еден збор купени се дали од едните, дали од другите, сеедно. Веќе подолго време заговарам Граѓанска партија меѓутоа тешко оди. Тоа ни е единствениот спас. Сакале ние или не сакале живееме заедно и ако ја сакаме МАКЕДОНИЈА треба да живееме заедно и да се занимаваме со заеднички проблеми, а тоа е економијата и напредокот на земјата. Македонија е една од ретките земји која има четири годишни времиња, неотруена почва. Богати сме со еден, во блиска иднина, дефицитарен ресурс водата, имаме руда, има уран, има злато. Нема само едно- слога.
И за крај, како изгледа еден обичен работен ден на господинот Бабиќ, во која насока одат неговите професионални надежи и планови?
-Различно. Јас сум човек кој има желба да седи во кафеана со добро друштво. Два до три дена работам синхронизација во А1. Играм две- три претстави месечно во театар и уште од сега го подготвувам мојот проштален концерт кој многу често го правев на Први декември- денот на борба против сида, аидс. Тоа е оној мој поетско музички коцерт насловен како „Бебули“. Подготвувам и проштална претстава бидејќи следната година заминувам во пензија. Ова сето не го организира театарот, тоа ѝм текна на неколку колеги на кои сум ѝм крајно благодарен. За крај, поздрав до сите наши иселеници, посебно до една убава дама.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.