САШО РИСТОВСКИ, АКТЕР: Театарот и сцената се моето место!

209

По две години пауза со нова премиера актерот Сашо Ристовски, актер во НУ Театар Комедија Скопје повторно на театарската сцена. На алтернативна театарска сцена, со нов проект и со нов лик со кој тој покажа еден поинаково актерско изразување во кои не сме го виделе до сега. Со Ристовски, од “Вие” преминуваме на “Ти”.

Како дојде до одлука да го создадете театарскиот проект ,,Сам против сите”?
– Долго време размислувам што е најдоброто со кое ќе се вратам повторно на театарската сцена после долгата тешка и мачна пауза.После сите двегодишни премрежија и искушенија се обидов прво сам да пишувам, но за мене лично беше неуспешен обид. Остварив средба со драматургот Огнен Неделковски и му ја кажав целата идеја. По неколку дена добив предлог на текст кој морам да признаам дека ми се допадна. Тој го направи целосно драмскиот текст.

Тоа значи дека драмскиот текст ,,Сам против сите” е по Твоја идеја?
– Да, идејата за тој текст е моја. Се гордеа со тоа и навистина се радувам што имам соработка со Огнен, кој е исклучително голем професионалец.

Сашо за прв пат ли потпишуваш “режија”?
– Да за прв пат. Навистина сакав да се обидам во тоа иако знаете кога работите две работи паралено во еден проект е малку тешко, но мислам дека успешно беше завршен и тој пред извик. Јас ги сакам предизвиците во мојата професија, општо во животов. Некако имав поинаков став кога се однесува до режија, но започна да ме мами. Јас пак сум радознал по природа и би се обидел и повторно. Ова првенче немаше да биде секако ако не беше тука до мене мојата долгогодишна пријателка и колешка Магдалена Ризова- Черних. Нејзините сугестии и насоки, како и нејзиното големо искуство многу ми помогнаа.

Го играш ликот на Борко. Колку Борко како лик е тежок?
– Фактот дека ова е сериозен текст и претстава, ликот на Борко кој го толкувам јас носи многу тежина. Тежина која треба пред се длабоко во себе да ја почувствуваш за да можеш да ја пласираш на публиката. Комплексноста на Борко кој останува со празниот куфер на мечти ме испровоцира длабоко да го анализирам и долго размислувам за секој негов поглед кон општеството, сопствениот живот, среќата, анксиозноста, стигмите во општеството… Борко се бори со сите, но неговата најтешка борба е со самиот себе. Самиот лик е комплексен за работа, бидејќи станува збор за лик кој е во анксиозна состостојба, а таа како таква е многу комлексна. Многумина ја нарекуваат болест на 21 век, но јас не се сложувам со тоа. Тоа е состојба на личноста. Длабоко нурнав во секој негов збор, барајќи начини како да бидеме поблиску за да заедно излеземе и гласно во еден крик упатиме јасна и гласна порака.

Дали се пронајде во ликот Борко?
– Треба да сум не искрен ако кажам не. Некогаш дури во одредени ситуации сум реагирал и јас исто така. Многумина кои беа на премиерата самите ми кажаа дека се пронашле во тој лик, но и во ликот на Ксенија и Ведран. Знаете јас во принцип не играм ликови каде барем мал дел ме нема мене. Овде во Борко ме има мене. Многу се сложувам со неговиот став, односно прашање: Зошто не учат уште од мали дека среќата зависи од нашата кариера? Од тука морам да признаам и да се сложам со Борко дека кариерата зависи од чичковци, стрини, мама, тато, партија…Tоа е суровата вистина за жал.
Но за разлика од Борко во овој дел јас не дозволувам мојата среќа да зависи од тоа. Среќата мораме сами да си ја создаваме. Тоа се учи уште од мали нозе. За жал во ова општество, во ова време невреме се е наопаку, но сум оптимист дека ќе дојде ден кога работите ќе се наместат на свое место.

*Колку Tи беше страв да запловиш заедно со Борко пред публиката?
– Јас никогаш не пловам сам. Никој никогаш не плови сам. Можеби ќе ви звучи чудно, но тоа е така. Секогаш некој живеел делови од животот на мојот лик Борко. Убаво е и тоа, да си за миг Борко.

*Зошто?
– Затоа што треба да видиме што на секому може да му се случува во одреден дел од животот. Кога би го почуствувале тоа на сопствената кожа, тогаш ќе знаеме како да се справиме со таа состојба која ја живееме во моментот лично ние или некој друг. Тогаш ќе сФатиме за жал и само така, дека не треба да ги занемаруваме сите индикатори од некои личности кои не насочуваат дека тоа лице е во анксиозна состојба.

Колку време беше потребно со оглед на психолошката поставеност на ликот, да се подготви ликот на Борко?
– За овој лик ми требаше време. Оддамна немам работено лик со комплексна емотивна психолошка состојба. Ми се случуваше во текот на подготвителниот процес неколку пати да се откажам, но решив дека ќе го завршам, односно ќе му се спротиставам на тоа не во мене. Таа борба е всушност клучот на самиот лик. Ако зборувам временски, работев континуирано два месеци, но не сам туку со целата екипа. Нивните ликови, ликот на Ксенија особено, помогна да мојот Борко е тоа што е во емотивна психолошка состојба во самата претстава.

Се врати и официјално на сцена како што велиш во Tвоето море и дека назад нема. Многу е интригантно сето тоа, што е тоа назад?
– Да имав таков статус на социјалните мрежи пред самата премиера. За мене бил и ќе остане единствен пат, животен пат, море на живот и среќа само театарот и сцената.Тоа сум јас. Донесов одлука зад која цврсто стојам, а тоа е моето место, работа во театарот на сцена. Јас сум научен да сум на сцена со ликовите, со претставите, со театарските проекти….Да патувам, да играм, да творам…

*Те гледаме и на сцена на театарски проект во кој играш заедно со големата актера од бившите ју простори Лидија Вукичевиќ. Како е да си на сцена со неа?
– Прекрасно , чест е и привилегија. Лидија е голем професионалец и одлична партнерка на сцена. Со неа актерската игра и толку лесна и пријатна што секој актер би уживал додека работи со неа. Чест е навистина со такви театарски, телевизиски легенди да се работи. Во комедијата во која играме Лидија, јас и Семир се чувствувам одлично, тројцата играме како едно со голема почит еден кон друг.

* Научени сме да не изненадуваш. Што следува следно? Ќе имаме ли можност да ве видиме наскоро и на сцената на вашиот матичен театар Театар Комедија?
– Во моментот сум фокусиран како што кажав на театарот и проектите врзани со театар. Сега следуваат изведби на претставата “Сам против сите” и “Чекајќи го министерот”. До следната година не планирам нов проект. Што се однесува до мојата матична сцена, се надевам дека во 2023 ќе ми се допадне некој од новите проекти кои ќе бидат во програмата и дека ќе бидам во некои од нив. Тоа што сега ме немаше на сцената, односно претставите во кои играм јас е политиката на новата управа која ја почитувам. Добро да се одмориме еден од друг.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.