САШО РИСТОВСКИ: Тројца актери обединуваме две држави во “Чекајќи го министерот”, претстава која направи бум!

137

Актерот Сашо Ристовски, актер во НУ Театар Комедија Скопје, секојдневно присутен на телевизија како еден од носителите на серијалот “Народни приказни”, во ексклузивно празнично интервју.
*Би сакале да Ви ги честитаме новогодишните и божиќните празници. Како за почеток на ова наше прво интервју, како ја оценувате измината 2022 година?
– Ви благодарам. Ви ги честитам од срце и јас. Ви посакувам сѐ што сте замислиле да Ви се оствари. За мене 2022 година беше година која можам да ја оценам како добра на секое поле. Успеав да си се вратам на сцената и пред мојата публика како што ја сакав и мислев дека е најдобро. Бидејќи после принудна пауза и тенденциозното тргање на сите претстави во кој играм во мојот матичен театар, јас пак бев на сцена, пак бев со мојата публика и тоа со многу публика. Успеав да ги победам “големите познавачи” на креирање на театарската политика и не им дозволив да си ја остварат својата замисла за да ме лишат од сцената и публика. Така се роди нешто за кои многу сонуваат да им се случи во кариерата, а мене тоа ми се случи. Имав голем број на изведби на хит комедијата “Чекајќи го министерот” која е српско- македонска продукција во која играм заедно со големата актерка од бившите југословенски простори Лидија Вукиќевиќ, учествуваме и на фестивал, потоа го создадов театарскиот проект “Сам против сите”, кој е посветен за лицата со анксиозност и панични напади. Тоа што мене многу ми значеше на работно поле е новогодишната претстава за деца “Музејот на Дедо Мраз” која имаше преку дваесетина изведби во многу градови кај нас и имаше преполни сали и плоштади. Долго време заедно со мојата долгогодишна партнерка на сцената Магдалена Ризова Черних немавме играно за деца и решивме да направиме еден голем камбек кој навистина беше многу успешен. Тоа што морам да истакнам е дека 2022 ми донесе многу голема мудрост и крупни и храбри чекори на приватно после. За мене беше година која долго ќе остане во сеќавање.

* Како ја дочекавте Новата 2023 година? Имавте многу убави и емотивни честитки на социјалните мрежи.
– Јас по обичај гледам секогаш да бидам дома за дочекот. Некако ми е поубаво и комотно. Знам дека едно помислив кога стрелките се полопија, а тоа е Боже само здравје дај. Што се однесува до честитките на социјалните мрежи, јас бидејќи сум доста активен на истите, нормално е да упатам честитка која навистина беше напишана од сѐ срце и искрено. Јас навистина сакам сите да сме здрави и живи и колку можеме да правиме добри дела и на тие кои се исполнети со гнев и омраза ѝм посакувам да се извлечат од таа душевна состојба, бидејќи тоа нѐ води кон добро ниту за нив, ниту за околината.
*Добро сум запознаена со Вашата кариера, тоа е одлика за Вас е дека сте голем верник. Во овие големи празнични денови Бадник и Божиќ што правите и како ги минувате?
-Да јас многу си ја сакам верата, но ги почитувам и другите вери. Среќен сум што кога се нашите големи празници, православни, мене ми ги честитаат и мои пријатели и познаници кои припаѓаат на друга вера. Но и јас возвраќам на истиот начин.Тоа особено ме радува. Јас многу се радувам на празниците. Многу повеќе се радувам на Бадник и Божик отколку на Нова година. Секогаш ден пред Бадник се подготвувам за пречек на коледарчињата кои ги терам гласно да пеајат и многу ми ја полнат душата.Потоа заминувам во црква и вечерта на домашната посна софра, колку бог дал толку. На ден Божик заедно со моите родители си го минуваме празничниот ден и секако така минуваат деновите. Инаку јас покрај чествувањето на празниците, веќе подолг период секоја среда и петок сум на пост. Многу често одам во посета на нашите манастири и тоа ме прави посреќен и исполнет за новите предизвици во секој нов ден.

*Дали Ви се појавила некогаш желба да одиграте некоја театарска претстава со религиозна содржина, филм или улога?
– Тоа е сериозна задача. Јас така го гледам тоа. Оддамна ми е тоа желба, но јас секогаш велам дека се доаѓа во свое време и со причина. Длабоко во себе чувствувам дека тоа ќе се случи, но да оставиме да дојде тој ден и таа задача сама по себе.
*Тоа што можам да го видам на социјалните мрежи, повеќе не сте толку активен во политичкиот живот како еден извесен период. Повеќе споделувате приватни и работни содржини. Донесовте нова одлука?
– Видете, јас се повлеков бидејќи така сметав дека треба. Се повлеков, но никогаш не се откажав како што некои личности и структури сакаат да го сервираат тоа. Сакам да бидам јасен дека моето место, моите заложби за подобро утре продолжуваат и понатаму. Секогаш сум бил и ќе бидам поддршка на вистинските чекори. Сепак треба понекогаш да си донесете разумни одлуки и да бидете поддршка иако не сте толку активен. Сметам дека донесов правилна одлука што се посветив целосно на мојата професија. Нашата професија обединува и таа е можност за репрезентативност на нашата држава и преку неа може да се помогне за напредок и просперитет. Таков пример е и претставата во која играв, а тоа е “Чекајќи го министерот”. Тројца актери обединети од две држави играат и во заедно. Од таму произлегува уште една таква нова соработка, нов проект кој ќе биде промотор на заедништво на културни работници од две соседни држави.
*Имате изјавено донесени се одлуките за 2023, започнуваме наскоро. Тоа значи ли дека ќе бидете активни во актерските води цела 2023 година?
– Да. Веќе се договорени повеќе работи и мислам дека ќе бидат успешни и дека оваа 2023 година ќе има свој печат како што доликува. Несакам да ги најавувам работите пред времето, бидејќи така ме научи времето. Ќе ме има, јас никогаш не се откажувам.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.