Град Скопје расправа за стратегија на културата за периодот 2021 – 2030 година

45

22 септември 2021

На својата фб страница објавено е дека се одржува последна седница во овој состав на Советот на Град Скопје.
Воедно се расправа за стратегија со акциски план за развој на културата на Град Скопје за периодот 2021-2030 година.
Граѓаните ги информираа со соопштение :
-Советот на Град Скопје на денешната 74-та седница ќе расправа за Стратегијата со акциски план за развој на културата на Град Скопје за периодот 2021 – 2030 година.
Изработката на стратегијата е правена во соработка со тимот на „Скопје Европска Престолнина на Културата 2028“, а во процесот се вклучени и голем број независни соработници и експерти.
Предлог-стратегијата со акциски план за развој на културата на Град Скопје за периодот 2021 – 2030 година во себе го содржи концептот на „солидарен децентрализиран развој“ кој е идејна основа на развој на оваа стратегија. Концептот на „солидарен децентрализиран развој“ во, и преку културата се темели на основните принципи на оваа стратегија: солидарност, еднаквост, инклузивност, партиципативност, демократизација, пристап, слобода на изразување, унапредување на професионалните услови за работа и развој на креативните и социо-економски потенцијали преку културата.
– Солидарноста во себе го содржи наративот на грижа, а таа нам, на граѓаните на Скопје ни помогна да го изградиме овој град. Солидарноста го дефинираше новиот идентитет на градот како дел од еден поширок меѓународен контекст, со што денес во услови на глобална пандемска криза ја зајакна определбата да биде главниот принцип на кој ќе се основа оваа стратегија. Исто така, солидарноста е еден од основните принципи на кои се гради и кандидатурата на Скопје за титулата Европска престолнина на културата 2028 година (во натамошниот текст: EПК 2028) а е една од целите на оваа стратегија – стои во воведот на Стратегијата.
Голем дел од Стратегијата е посветена на следењето на степенот на реализација на активностите, како и нивна адаптација и менување со промената на условите на терен.
– „Отворениот крај“ на оваа Стратегија дава можност да се ревидираат целите, мерките и активностите на секои три години, затоа што, според нашите анализи, кризите, како и децентрализацијата ќе донесат непредвидени промени кои ќе ги редефинираат потребите во секторот, па така ревидирањето на стратешките цели и мерки на секои три години ќе одговори на промените и потребите кои ќе се јават како резултат на тие промени. Ова е препорака на тимот на стратегијата, кој е цврсто убеден дека ваквиот пристап ќе ја направи оваа стратегија „жива“, односно таа нема да биде само уште еден документ, туку ќе биде основа и водич во работата во културниот сектор при креирањето на содржини за граѓаните и посетителите во градот. Со ваков пристап, преку можност за нејзино адаптирање, стратегијата се стреми да направи промени во секторот култура во градот, во институциите, но и во Културно Креативниот Сектор (ККС), како и во општините и во секој дел од градот, преку вклучување и соработка со сите засегнати страни, не само преку изработката на оваа стратегија, но и во нејзино имплементирање, следење и оценување. Тимот на изработка на стратегијата предлага надворешен експертски тим да биде ангажиран од градот за следење и оценување на стратегијата, но и за нејзино адаптирање како што е предложено – стои во Стратегијата.
На денешната седница Советот на град Скопје ќе расправа и за плановите за вработување на јавните претпријатија и јавните установи за 2022 година, извештаите за работа на средните училишта на Град Скопје за 2021 година, информација за уписите во средните училишта на Град Скопје за 2021 година, како и програмите за работа на средните училишта на Град Скопје за 2022 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.