Андреа Силвестри: На „Џифони Македонија“ младите ја развиваат својата личност

6

6 октомври, Скопје:

Ви благодарам за вашето големо присуство на отворањето на 10. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Македонија е дел од големото семејство на „Џифони“. „Џифони Македонија“ е важно поглавје во културната соработка помеѓу двете земји. Младите што учествуваат на фестивалот не само што гледаат филмови, туку на „Џифони“ ја градат и својата личност, а тоа е многу важно – рече Н.Е Андреа Силвестри, амбасадорот на Италија во земјава, синоќа на отворањето на јубилејното издание на фестивалот. Киното „Милениум“ во Скопје беше полно со видливата моќ на младите, гости од седум земји, како и од поддржувачи на фестивалот кој 10 години гради успешна приказна.
Од денеска околу 500 учесници од седум држави ги започнуваат своите работилници, ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе креираат.
Денес славиме победа важна за младите, истакна Јакопо Губитози, директор на „Џифони Експериенс“.
-„Џифони Македонија“ стана еден од најважните настани во земјава и на тоа сме посебно горди. Македонија ни е важен дел од светското семејство на „Џифони Експериенс“. Им благодариме на сите што помагаат ова да се случи, посебно на нашиот амбасадор во Скопје, г. Силвестри за целосната поддршка на фестивалот – истакна Губитози.
Директорот на фестивалот, Дарко Башески, повикувајќи се на мотото на фестивалот годинва „Невидлива моќ“ (Invisible Power), ги повика џифонците да ја направат видлива таа моќ понатаму во нивниот живот.
– Имаме многу нови млади лица во публиката. Сакам да се заблагодарам на Клаудио Губитози, кој секогаш ме поттикнува да правиме повеќе и повеќе, да се движиме чекор понапред. Благодарение на „Џифони Македонија“, многу млади во нашата земја почнаа да учат италијански јазик и да ја шират таа култура – истакна Башески.
Фестивалот „Џифони Македонија“ постои заради децата и се гордее со споделувањето и пријателствата што тие ги создаваат овде, додаде Деа Крстевска, програмски директор на фестивалот.
-Многу сме им благодарни на семејствата што ги отвораат вратите за нашите меѓународни гости од повеќе земји. Ова е многу важен дел од фестивалот, зашто така се запознаваат подобро меѓу себе, учат за своите култури и создаваат пријателства за цел живот. Некои од вас веќе ги запознаа своите гости, денепниот ден го поминавте заедно, а пред вас шест дена исполнети со дружба, во кои ќе доживете незаборавни искуства.
Пред проекцијата на филмот „Итало“ беше прикажан 10-минутен филм за магијата и значењето на Филмскиот фестивал во Џифони.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.