Даим Лучи од Измир: Ги негуваме културните врски со Турција

25

Заменик-министерот за култура Даим Лучи вчера во Каршијака, Измир, Република Турција, присуствуваше на отворањето на манифестацијата „Каршијака – Чашка – Тургутлу 2023“.
На отворањето на манифестацијата, Лучи истакна дека манифестацијата е уште една потврда за пријателството меѓу Република Северна Македонија и Република Турција.
– Вечерва ја отвораме манифестацијата „Каршијака – Чашка – Тургутлу 2023“, која преку настапот на македонските естрадни уметници и културно-уметничките друштва од општините Чашка, Росоман, Крива Паланка и Градско, гради симболичен мост со македонските иселеници и воопшто со пријателскиот народ од Турција – рече Лучи.
Тој додаде дека е ова одлична можност да се прикаже непроценливото фолклорно и музичко богатство, како и богатата традиција на нашата земја.
– Со настапот на културно-уметничките друштва, ќе пропатувате низ македонската изворна култура, ќе го слушнете македонскиот мелос, ќе ги видите традиционалните народни игри, уникатните носии и живописниот накит кои се дел од нашето богато културно наследство, и сето тоа дополнето со автентичниот звук на народните инструменти – рече заменик-министерот Лучи.
– Ова е уште една потврда – додаде тој – дека заедно можеме да ги негуваме и да ги унапредуваме културните врски и да соработуваме на проекти од заеднички интерес, за доброто на сите.
На крајот, заменик- министерот Лучи изрази благодарност до своите домаќини, градоначалниците на општините Каршијака и Тургутлу, како и до претседателот на Културното и солидарно здружение на македонски иселеници „МАК – ГОЧ“ од Измир, кој во соработка со градоначалникот на Општина Чашка ја организира оваа манифестација.
– Посебно ги поздравувам нашите сонародници во Измир и во Маниса, кои овде ги има во голем број и кои низ годините значајно придонесоа за унапредување на релациите меѓу нашите земји. Со желба за вековитост на нераскинливите врски меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, ви посакувам вечерва да уживате во колоритноста на македонскиот фолклор, во боите на нашата сончева и пријателска земја – порача Лучи.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.