ФИЛМСКА ПРОГРАМА ДЕКЕМВРИ 2022 (Кинотека)

22

Декември е последниот месец во годината, месецот пред новогодишните и божиќните празници, месец кога се трошат најмногу пари за убави нешта, се прават ретроспективи на сите активности и случувања од целата година. Во тој вител на сумирање на старото и антиципирање на новото, декември е и одличен месец за посета на кино, задоволство кое наспроти доминантниот вообичаен консумеризам ви нуди еден друг вид доживување. Има нешто убаво во затворениот простор на киносалата, особено заради топлината и удобноста и чувството на безбедност, што ве асоцира на место за опуштање, релаксација и уживање. (Впрочем, општопознато е дека најубаво се спие во киносала )

Овој декември ќе понудиме програма која со сигурност ќе ве натера да излете од дома и да ја посетите нашата кино сала, бидејќи постпандемично, сите сакаме да го смениме секојдневниот домашен амбиент.

На самиот почеток на овој месец Кинотеката, во партнество со Еуропа синемас (Europa Cinemas), киномрежата во која членува и нашата институциа, се придружува кон иницијативата на Eвропската филмска академија наречена (EFA) „Месец на европски филм“ која започна пред три недели. Во тие рамки, сѐ до 10 декември, и локални киносали и големи киномрежи ќе прикажуваат специјални програми, настани и ретроспективи со кои ја промовираат богатата европска кинематогафија.
Ние се приклучуваме кон оваа иницијатива со циклусот филмови на познатиот чешки режисер (а и актер, и автор, и професор..) Јиржи Менцл, кој со својот сензибилитет на филмско раскажување нема да ве остави рамнодушни. Менцл гостуваше во Кинотеката во 2009 година и во Скопје, и на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а на македонскат публика, онаа со изгледана поголема километража на филмски летни – добро ѝ е познат. Неговите класици СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, СТРИЖЕНО-КОСЕНО, ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ, СЕЛО МОЕ МАЛО, КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА, ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА, САМОТИЈА ВО ШУМАТА и НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО, како и филмот-омнибус БИСЕРИ НА ДНОТО составен од кратки филмови на највлијателните чешки режисери во средината на 60-ите години на минатиот век (Вера Читилова, Јаромил Јиреш, Јиржи Менцел, Евалд Шорм и Јан Немец) ќе бидат на програмата од првата третина од месецот.

Со Менцл не завршува „европската“ програма, по него доаѓа циклусот на полјакот Анджеј Вајда.

Уште еден европски и наш балкански режисер ќе добие внимание овој месец – со документарниот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК (и тој беше гостин на Кинотеката во 2008 г.) на Јанко Баљак го заокружуваме овој декемвриски фокус на култни режисерки имиња.

Во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во декември го прикажуваме филмот ПРЕЗИР на Жан-Лук Годар кој неодамна „замина“ на Елисејските полиња, а од современата француска кинематографија, ќе се опуштиме со комедијата РОДЕН ЛАЖГО.

И овој месец на програмата имаме повеќе домашни наслови. Пред се, како национална установа, наша должност е да ја промовираме домашната кинематографија, но и на публиката да ѝ овозможиме да ги види овие остварувања. Играните филмови донекаде можат да се погледнат и во другите киносали, но краткометражните се запоставувани како форма во комерцијалните кинопрограми, оттаму и се радуваме што можеме да ги вклучиме во нашата кинотечна програма. Така, од таа краткометражна „категорија“, на почетокот на месецот ја имаме премиерата на ТАЛЕ И КОРОНА на Томислав Алексов, а подоцна ги прикажуваме и ШЕЌЕРНИ ЛУЃЕ на Сузана Диневски, САМО ЃАВОЛОТ СЕ ПЛАШИ ОД ВОДА на Лидија Мојсовска и ГОСПОДАТА ОД СОВРЕМЕНА на Ана Алексовска.

Со актуелната црна комедија КАЈМАК, последното остварување на Милчо Манчевски, и урбанта психолошка драма МИМИ на Дарјан Пејовски, како и документарниот (со оригинален наслов) HOW DO YOU DEFFINE AROGANCE на Небојша Илијевски, ја комплетираме нашата македонска филмска репрезентација во последниот месец од годинава.

Знаеме дека ќе се овердозирате со филмови за Новогодишните празници, претежно во домашна атмосфера, но ние ќе бидеме тука и следниот месец, односно следната година, да ве сочекаме со нови филмски наслови во нашата киносала, со кои ќе ве отрезниме од 2022, а ќе ви „истуриме вода“ за среќа во 2023. Среќни ви празници кино-холици и филмофили, се гледаме наскоро, догодина . Хо-хо-хо!!!

Целосна ПРОГРАМА

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.