Месец март во Кинотека

26

 

Март – месец кога започнува пролетта. Повеќе светлина, подолг ден, разновидни бои. Во секој случај, месец што се очекува со нетрпение. Со понудата во својата програма Кинотека се определи да соодветствува на месецот на пролетта.

На почетокот и при крајот на понудата Кинотека ќе ги прикаже филмовите кои одбележуваат три децении од премиерата. Првиот јубилеец е ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ креиран од Квентин Тарантино. Оваа филмска класика изврши немерливо влијание врз понатамошниот тек на филмската уметност, и го воскресна тогаш заборавениот Џон Траволта. Лук Бесон, пак, со своето авторско дело ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ ги промовираше актерските таленти на Натали Портман и Гери Олдман.

Големиот јубилеј, 60-годишнина од смртта на пионерот на подвижните слики на Балканот, Милтон Манаки, ќе биде во фокусот во почетниот дел на мартовското издание на филмскиот караван на Кинотека. Ќе биде презентирано ДВД изданието со реставрираните снимки на браќата Манаки од почетокот на 20 век. Во ДВД-то се содржани првите снимки на Манаки – од баба им, 114-годишната Деспина, која преде во родното село Авдела, и снимки на кои нивната камера регистрирала важни историски настани. Делото на браќата Манаки е обработено документаристички во проектот ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, како заедничка творба на режисерот Роберт Јанкуловски и сценаристката Илинденка Петрушева. Пред проекцијата режисерот Јанкуловски ќе има презентацијата за делото на Милтон Манаки.

Сосема следствено на ова, следуваат филмови во циклусот ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ. Ќе се започне со популарниот филм НЕВЕРОЈАТНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИ ПУЛЕН. Ова е можеби најпознатиот филм на големиот француски режисер Жан Пјер Жене. Веднаш по премиерата филмот ги освои симпатиите на публиката, како и на критиката, а две децении подоцна има стекнато култен статус. Ниту еден француски филмски протагонист на овој век не е толку сакан како Амели, за неа е создаден мјузикл и е именуван нов вид жаба. Омилениот филмски класик на Тарантино ДОБРИОТ ЛОШИОТ И ГРДИОТ и познатата биографска драма ЕРИН БРОКОВИЧ, со Џулија Робертс во насловната улога наградена со Оскар, го заокружуваат овој циклус. Филмовите ќе бидат проектирани на оригинална 35 мм лента.

И во месец март нема да изостанат творештвата, овој пат краткометражни, на неколку македонски режисери. Тоа се постарите филмови ЕМБРИО НО М, ЗИМСКИ ИМПРЕСИИ, СПОМЕНИК, како и новите КУТИИ и ДАЛИ СИ МАЖ?

Кинотеката сметаше дека е потребно да бидат видени и двата филма БЕЗ СОНЦЕ и НИВО 5 на култниот експериментален француски автор Крис Маркер. Ова е одличен вовед во централната содржина за месецов. Во цилкусот наречен ДЕНОВИ НА ФРАНКОФОНИЈАТА ќе бидат прикажани остварувања од една од најквалитетните и највлијателни европски кинематографии.

 

Денови ќе има и за словачката кинематографија, интересна дотолку повеќе што овде, кај нас, за неа не се знае многу. РЕТРОСПЕКТИВАТА НА СЛОВАЧКИОТ КЛАСИЧЕН ФИЛМ е навистина ретка можност за македонската филмска публика да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија, како словачката. Како што кажува и името на ретроспективата, тоа е селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка.

Кинотеката во месец март, кој календарски трае 31 ден, очигледно нема да ги изневери филмофилите, туку ќе ги направи побогати со нови сознанија и нови филмски искуства. Ова е доволно седиштата во кинотечната кино сала да бидат исполнети.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.