ОБЈАВЕН ЗБОРНИКОТ- „ЛИТЕРАТУРНО ШАРЕНИЛО НА БАЛКАНОТ“

407

Минатава седмица од печат излезе зборникот насловен „Литературно шаренило на Балканот“ чии уреднички се  Марина Мијаковска и Алмира Папиќ. Станува збор за мултикултурен, повеќејазичен зборник кој е синтеза на поетските рефлексивни творби на поетите што живеат и творат во Македонија.

Овој зборник со поезија е резултат на шестгодишниот фестивал на поезијата насловен „Balkansko veče poezije”,  што секоја година се одржува на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ( 21 февруари) во Скопје, а во организација на Младинската културна асоцијација на Бошњаците -„Шадрван“.

 Во „Литературно шаренило на Балканот“ со по една песна на мајчин јазик и со нејзин препев на македонски јазик, застапени се авторитe:Ферид Мухиќ, Борче Панов, Ерол Туфан, Марина Мијаковска, Делвина Крлуку, Љерка Тот Наумова, Алмира Папиќ, Рабије Рашид, Ирена Јурчева, Пунторие Муча-Зиба, Славица Дабевска-Ќировска,  Димо Н. Димчев, Ленче Милошевска, Лира Бојку, Оливера Доцевска, Адем Абдулаху, Стојан Арсиќ, Берзат Садики, Славчо Ковилоски, Сеида Бегановиќ, Александра Велинова, Севдија Абдулова Демирова, Авдулах Рамчиловиќ, Филип Димкоски, Дајана Демири, Даниела Андоновска-Трајковска, Лејла Шериф Емин, Ванѓа Михајлова Штерјова, Аго Хаурдиќ, Сезен Сејфула, Биљана Кукунешоска, Десанка Цамиќ, Мехмед Ариф, Каљош Челику, Џемаил Ибраим и Далибор Плечиќ.

Во рецензијата кон овој зборник сочинет од песни на триесет и шест автори, д-р Марина Мијаковска пишува:

Во нашата држава покрај македонските поети постојат и поети кои успешно и активно творат на македонски јазик и на нивните мајчини јазици. Затоа дојдовме до идеја да направиме селекција на дел од попознатите поетски имиња од следниве националности: Македонци; Бошњаци; Срби; Хрвати; Роми; Власи; Турци и Албанци. Творештвото на различните националности во државава претставува културно богатство. Политиката ги создава ѕидовите од граници помеѓу нациите, а културата е сфера во која се создава дијалог од културни вредности и различности во различни бои, а секоја боја е подеднакво убава и важна-подвлекува Мијаковска.

Предговорот пак кон овој зборник напишан од м-р Алмира Папиќ, завршува со порака за зајакнување на меѓучовечките односи, а клучен елемент за постигнување на таква цел е спознавањето на различните културни вредностi:

Затоа, нека ова „Литературно шаренило на Балканот“ биде поттик и за понатаму да се осознаеме едни со други, да ја почувствуваме љубовта и тагата на нашиот ближен, да ја споделуваме радоста и среќата и да се подготвиме за творечката сеидба на следните изданија- порачува Папиќ.

Промоцијата на зборникот е предвидена за 2021 година, а датумот и начинот на одржување ќе бидат одредени во зависност од развојот на состојбата пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.