Писателот и зборовите – Одблиску со Божана Тренческа

716

Романот „Бојана на Тодор „ ми дојде во рака не случајно и веднаш после 10-тина страници ме освои и ми го задржа вниманието. Во него се плете традиционалната семејна приказна сместена пред неколку децении во Мариово, во семејство што наликува на секое едно од тој период но и различно по енергијата и душата на нејзините членови водени од главните ликови Тодор, Бојана и Ѓурѓа.

“Бојана на Тодор “ е традиционален  роман  од авторката Божана Тренческа. По својата структура е специфично литературно дело  и во него се преплетени семејните приказни  со среќа, тага, загриженост и вечната борба за подобар живот на потомството, кои на некој начин ја поврзуваат традиционалната нишка и покажуваат дека од селото со годините традицијата се пренесува во градот, беше кажано на промоцијата пред скопската публика во рамки на Манифестацијата „Звуците на чаршијата“

Божана Тренческа е родена во с. Кален, 1954 година а сега  ужива во заслужените пензионерски денови. За себе вели дека пишува од Основно училиште, и објавувала во тогашните весници, Млад Борец, Народен Глас, Тутунски лист, Нова Македонија и др. Има освоено повеќе награди за проза и поезија на државно ниво.

Божана  ја црпи инспирацијата од секојдневниот живот- „Многу сакам да пишувам за убавите случки, за селото за децата како и природата со своите убавини , слободата која ја имаме“-вели таа . Често се навраќам во детството и тогаш се раѓаат најубавите дела како романот „Бојана на Тодор“ за кој зборува со многу нескриени емоции.

Во нејзиниот опус е и Збирката поезија „Поетот и зборовите“ од каде ќе ви претставиме две песни

ДЕНЕС

Отворете ги срцата

денес љубов подаруваме

не треба во редица да стоите

има за сите.

Денеска нека запираат солзите

ноќеска небото плачеше место нас

Денес да им подадеме рака на немоќните,

да им ги ублжаиме болките на болните

да ги поделиме меѓу нас грижите,

насмевки нека цветаат на лицата,

зошто денес

само за убавини да зборуваме.

 

КАЛДРМАТА И ЈАС

Детството и младоста

по улицата со калдрма ги минав,

дрвени мовчиња преминував

и повторно на калдрмата газев

и често како дете низ коцките паѓав,

а сепак радосна станував

полна со надеж

дека утре тука паричка ќе најдам.

Детството за миг мина,

сега чекорев стројно, заљубена

со високи потпетици низ калдрмата,

со поглед во далечината

тебе да те видам

и се така години редум.

Денес калдрмата ја барам

од неа нима никаква трага,

а можеби само спомени барам

од тогаш кога бев млада.

 

Автор на текстот : М-р Татјана Гогоска 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.