“Простор и тишина”- изложба преточена и во поезија 

39

На Петти јули 2024 година во Галерија “КО-РА” во во ЈУ Дом на култура “Кочо Рацин” се одржа поетската вечер насловена “Простор и тишина”, во рамките на истоимената самостојна изложба на м-р Билјана Билбилоска.

Повеќе поети изрецитираа свои творби во чест на изложбата на младата уметница, а двајца и лично посветија поеми со истиот наслов, инспирирани од нејзините цртежи, кои пред да бидат прикажани во Скопје беа прикажани на изложба во Париз.

Учесници во вечерта беа професор д-р Ленче Милошевска, м-р Виолета Наумовска, д-р Игор Поп Трајков, м-р Верица Костовска, Александар Таневски, Алмира Папиќ, Валентина Ѓоргиевска Парго, Мирослав Трајковски…

Воведен збор зеде Виолета Калиќ (дипломиран историчар на уметноста, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура) која беше и модератор на оваа извонредна поетската вечер, а вети дека песните кои се прочита ќе се најдат во една публикација.

Калиќ, воедно, прочита и поезија од хрватската поетеса Милка Кнежевиќ, истото го направи и д-р Игор Трајков (на фотосот) кој освен што се претстави со своја песна од седмата збирка со поезија, ја прочита песната од Милка Кнежевиќ “Ќерката на Месечината” во оригинал на хрватски, но и во негов превод на македонски јазик.

 

***

Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, на отсекот графика со графички дизајн. Досега имала десет самостојни изложби во земјава во Скопје, Тетово и Охрид, како и во странство и тоа во Париз (Франција), Сплит (Хрватска), Белград (Србија).

Учествувала и на над 50 групни изложби во земјава, Србија, Турција, Романија, Австрија, Португалија, Франција и САД, како и неколку меѓународни ликовни колонии.

Билбилоска стварила студиски престој во Париз во Cité Internationale des Arts (Франција).

Активно се занимава со графички дизајн и илустрација, а го дизајнираше плакатот со кој се најави овој настан.

Нејзиниот творечки калеидоскоп варира и се премрежува низ различните секојдневија кои ги живее преку разнообразните уметнички пракси. Сака да експериментира зад појавното, зад тривијалното, низ познати и непознати уметнички перспективи, во услови на неприкосновена слобода. Ги истражува хроматските аспекти на визуелната практика, нивната физика на дејствување, нивната интеракција, како и врската помеѓу музиката и боите, на синестетички начин, се вели за неа.

Ва. Ѓ. Парго 

(Фото: Поп Трајков, Калиќ, Парго)

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.