Арт-кино на 14 ноември во Кинотека

127

Шестиот по ред Ден на европските киносали кои го негуваат репертоарот со арт (уметнички) филмови ќе биде одбележан на 14 ноември во преку 600 киносали (arthouse cinemas) ширум светот. Секако, и во Кинотеката на Северна Македонија.

Интернационалната конфедерација на арт-киносалите (Confédération internationale des cinémas d’art et d’essai/ International Confederation of Arthouse Cinemas – CICAE) и прикажувачката кино-мрежа Europa Cinemas, чиј член е Кинотеката, повторно се здружуваат за да го прослават ангажманот на киносалите во корист на европската жива културна разновидност преку многу богати и ексклузивни програми. Почнувајќи од 2016 година, во оваа прослава на филмската уметност секоја година учествуваат над 600 кина во повеќе од 40 земји.

https://youtu.be/ldMz5p2oYg4

European Arthouse Cinema Day.png
Кинотеката ќе го прослави Европскиот ден на арт-киното со програма на 13 ноември (сабота), а посетителите ќе добијат бесплатни ДВД изданија на Кинотеката и новиот број на Кинопис. Сите досегашни изданија – книги, монографии – на Кинотеката ќе можат да се купат со попуст од 50 отсто.

За Европскиот ден на арт-киното, учесниците во соработка со CICAE, нејзините национални здруженија и носители на авторски права – вклучувајќи ги дистрибутерите и агентите за продажба – подготвуваат ексклузивни програми со европски филмови, од класици до најнови филмови  преку премиери. Во прославата се планирани и специјални придружни акции, вклучувајќи специјални гости, дискусии, програми за млада публика, изложби, кулинарски специјалитети или разговори со гостите на програмите „стримувани“ на интернет-платформите во живо. Сите киносали имаат пристап до заеднички промотивен материјал создаден специјално за тој ден. На минатогодишната прослава на Европското арт-кино беа регистрирани над 700 киносали во 44 земји.

Како и претходните години, реномирани европски уметници од филмската индустрија се избрани да бидат амбасадори на Денот на европското арт-кино. За изданието за 2021 година, тие се режисерката Илдико Енједи (Ildikó Enyedi), актерката Валерија Голино (Valeria Golino), сценаристот и режисер Јонас Труеба (Jonás Trueba) и актерот и режисер Матје Амалрик (Mathieu Amalric). Амбасадорите активно ќе го промовираат настанот и ќе учествуваат на специјални настани.

Кристијан Брауер (Christian Bräuer), претседател на CICAE, вели дека повеќе од 100 милиони посетители секоја година ја покажуваат клучната улога на европските арт-киносали во промовирањето на културната разновидност и прикажувањето на младите таленти.

-Овие кризни времиња ја покажаа импресивната издржливост на арт-киносалите и ја истакнаа нивната улога како суштински дел од европскиот културен пејзаж. Движењето arthouse успешно ги зближи луѓето, без оглед на возраста, потеклото, образованието или приходите. Со Европскиот ден на арт-киното сакаме да го прикажеме културното збогатување што киносалите им го носат на заедниците. Во исто време, се надеваме дека ќе ја зголемиме видливоста на европскиот филм и арт-киното, особено во оние региони без синдикат и доволна структура за поддршка, истакнува Брауер по повод Европскиот ден на арт-киното.

Амбасадорката на манифестацијата, водечката унгарска и европска режисерка Илдико Енједи, во нејзината порака потенцира дека за неа киното отсекогаш било еден вид хипноза, каде што не само што влегуваш во туѓиот универзум, туку уште поважно, влегуваш во својот свет, но на нов начин.

-Убавината е во тоа што овој крајно интимен чин се случува заедно со непознати луѓе, и групно. Се впуштате во тој вид на скриен универзум на она што Јунг го нарече заедничко несвесно. Значи, длабоко личното и најобичното се случуваат истовремено. Ова е многу редок и скапоцен културен момент. Ни требаат повеќе такви моменти. Тоа ни помага да останеме ментално здрави. Тоа ни помага да останеме свои, вградени во голема заедница. Значи, киносалите се елементарни за нашата ментална хигиена. Нам, на луѓето, ни требаат вакви ритуали, да се собереме некаде да споделиме искуство. Киното е таква локација, киносалите се храм на самооткривањето, вели Енједи во нејзината инспиративна порака.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.