Филмови на Вајда во Кинотека

17

Од 16 декември (петок) до 22 декември (четврток) – во Кинотеката ќе имаме можност да видиме избор од шест филма од (пре)богатата филмографија на Анджеј Вајда (1926-2016).
Шесте наслови од филмската недела посветена на Вајда хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament / The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly / The Ashes) од 1965 (епска сага за полските легии во наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век), како и двата иконични наслови од зрелото доба на авторот: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru / Man of Marble) од 1977 и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza / Man of Iron) од 1981.

Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу останатите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесната награда „Златна мечка“ на Берлинале.

Роден нa 6 март 1926 година во Сувалки (Suwalki), Полска, починал на 9 октомври 2016 година во Варшава. Мајка му Анјела била учителка во украинско училиште, татко му Јакуб бил капетан во полската армија (пешадија), а настрадал во масакрот во Катинската шума во 1940 година, извршен од советската војска по поделбата на Полска во 1939 година од страна на нацистичка Германија и СССР.

По војната се сели во Краков и студира сликарство на Академијата за применети уметности. Во периодот од 1950 до 1954 студира филмска режија на Филмската академија во Лоѓ, а веднаш потоа го снима и споменатиот дебитантски филм ПОКОЛЕНИЕ, воена драма која со КАНАЛ и ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ ја сочинуваат неговата трилогија за Полска за време на Втората светска војна. Со КАНАЛ започнува и долгата низа награди од најзначајните филмски фестивали во Европа и светот: „Специјална награда на жирито“ во Кан за КАНАЛ, ФИПРЕСЦИ во Венеција за ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ, итн…

Вајда, низ неколкуте фази во неговото филмско творештво, ја дели судбината на неговите колеги и коавтори – од политичките пресии до признанијата на престижни филмски фестивали во светот. Во седумдесеттите години на минатиот век, историјата на филмот ја сведочи зрелата фаза во творештвото на Вајда, кога се нижат филмовите БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА (Bez znieczulenia, 1978) со „Награда на екуменското жири“ во Кан; ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (награда ФИПРЕСЦИ во Кан); ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО ја доби „Златната палма“ и „Наградата на екуменското жири“ на Канскиот фестивал во 1981 и номинација за „Оскар“, но тогашните комунистички власти во Полска го повлекле филмот.

Во осумдесеттите години Вајда повторно снима европски копродукции. Со ДАНТОН (Danton 1983), со Жерар Депардје во главната улога, ја освојува националната филмска награда на Франција „Цезар“ за режија; во Германија го снима ЉУБОВ ВО ГЕРМАНИЈА (Eine Liebe in Deutschland, 1983), во Полска го реализира ХРОНИКА НА ЉУБОВНИТЕ НАСТАНИ (Kronika wypadków milosnych, 1986), а во Франција го снима БЕСОВИ (1988).

И покрај годините, Вајда и на преминот на двата века снима филмови, речиси до самиот крај на животот. Неговата филмографија е збогатена со биографската драма КОРЧАК (Korczak, 1990), па следуваат НАСТАСЈА ФИЛИПОВНА, според „Идиот“ на Достоевски (1994), воената драма ГОСПОДИН ТАДЕУШ (Pan Tadeusz, 1999), и ОДМАЗДА (Zemsta, 2002), според неговата театарска претстава, во која повторно соработува со Роман Полански

Во 2007 година го реализира КАТИН (Katyn), историската драма за масакрот на полските офицери во Катинската шума во 1940, кога настрадал и татко му, и филм кој бил прогласен за филм на годината во Полска, а добил и номинација за „Оскар за најдобар странски филм“. Меѓу последните реализирани филмски наслови му се СЛАТКО ЗНАМЕ (Tatarak, 2009) со Кристина Јанда; потоа, биографската драма ВАЛЕНСА: ЧОВЕК НА НАДЕЖТА (Walensa. Czlowiek z nadziei, 2013) за водачот на полското движење Солидарност, и повторно биографската драма ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ СЛИКИ (Powidoki / Afterimage, 2016) за животот и творештвото на полскиот сликар Владислав Стржемински (Wladyslaw Strzeminski).

Вајда секогаш го истакнувал компактниот тим со кој работел филмови во одредени периоди – од кинематографери, монтажери, сценографи и костимографи, меѓу другите – а секако и актери со кои имал честа соработка. Најмалку тројца актери ги одбележаа неговите филмови, или, обратно, може слободно да се каже дека Вајда низ неговите филмови создаде неколку извонредни актери: Збигњев Цибулски, Даниел Олбрицки, Јежи Радзивилович, итн. Во тој авторски „хабитус“ на Вајда има и една исклучителна актерка, Кристина Јанда.

Паралелно со филмот, Вајда поставува и успешни претстави во полските театри, често користејќи го методот да ја „провери“ темата на театарските штици, а потоа пред филмските камери. Таков е случајот со ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА, СВАДБА (Wesele, 1973) и ГОСПОЃИЦИТЕ ОД ВИЛКИ (Panny z Wilka, 1979), а подоцна и БЕСОВИ (Les possédés, 1988) според Достоевски и ДАНТОН (Danton, 1983) – и двата во француска продукција.

16 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 ч.

ЧОВЕК ОД МЕРМЕР

(Czlowiek z marmuru / Man of Marble)

Игран филм, Полска

1977, 165 мин., црно-бел/колор, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Александер Шчибор-Рилски (Aleksander Ścibor-Rylski)

Улоги: Јержи Радзивилович, Кристина Јанда, Тадеуш Ломницки, Михал Тарковски (Jerzy Radziwilowicz, Krystyna Janda, Tadeusz Lomnicki, Jacek Lomnicki, Michal Tarkowski )

Ањешка (Јанда) е млада студентка по филмска режија и за нејзиниот дипломски испит подготвува документарен филм за ѕидарот Матеуш Биркут (Радзивилович), ударник и херој на работничката класа од педесеттите години на минатиот век. Биркут бил славен од политичката елита во идеолошки цели, но потоа му се губи трагата. Ањешка е темелна во нејзиното истражување, разговара со неговите познаници, сопругата, режисерот што во тој период снимил документарен филм за работничкиот херој, го пронаоѓа и неговиот син Мачеј Томчик (го игра повторно Радзивилович)… На површина излегуваат податоците за реалниот живот на херојот-ударник кој постојано ги надминувал нормите во градењето станови за сите работници. Биркут верувал во револуцијата на пролетаријатот, а во јавноста бил третиран речиси како филмска ѕвезда. Но, под превезот на пропагандата излегува вистинската слика за Биркут, па Ањешка ќе мора да се соочи со политичката цензура: супервизорот на нејзиниот дипломски испит ѝ го прекинува проектот бидејќи го надминала планираниот буџет. Ќе успее ли Ањешка да го доврши филмот, а да остане своја?

ЧОВЕК ОД МЕРМЕР ја освоил наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Кан (рамноправно со МИРИСОТ НА ПОЛСКОТО ЦВЕЌЕ на Срѓан Карановиќ!), како и наградата на полските филмски критичари.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

17 ДЕКЕМВРИ (САБОТА) 18:00 ч.

ПЕПЕЛТА

(Popioly / The Ashes)

Игран филм, Полска

1965, 235 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Александер Шчибор-Рилски, Стефан Жеромски (Aleksander Scibor-Rylski, Stefan Żeromski)

Улоги: Даниел Олбрицки, Богуслав Керц, Пјотр Висоцки (Daniel Olbrychski, Boguslaw Kierc, Piotr Wysocki)

Сторијата на ПЕПЕЛТА (насловот на овој филм се среќава и во преводот ПЕПЕЛ И ПРАВ) говори за полските легии под заповедништво на генералот Домбровски кои во војните и воените походи низ Европа во почетокот на 19-ти век се бореле на страната на Наполеон Бонапарта, со надеж дека ќе ја возобноват полската држава. Филмот на Вајда е екранизација на истоимениот роман на Стефан Жеромски. Олбромски (Олбрицки) е млад благородник кој, воден од идејата за слобода и обединување на поделената Полска, ќе ѝ се придружи на легијата на полските доброволци во војните што ги води Наполеон ширум Европа. ПЕПЕЛТА е голем и скап епски спектакл за периодот во кој е снимен (Бугарија, на пример, ги „глумела“ пејзажите на Шпанија) – и во него војната е прикажана во сурова димензија, без вообичаеното романтизирање. Впечатливи се сцените во кои полските легионери ги масакрираат воените заробеници и ги силуваат жените во освоените градови. Реконструкцијата на битката за Сомосиера крај Мадрид во 1808 година – во која учествувале француско-шпанско-полските војски од една страна и шпанските герилци од друга – предизвикала бројни контроверзи. Јуришот на коњаницата на полската легија кон шпанските топови, во историјата обично бил опишуван како херојски чин, а во ПЕПЕЛТА на Вајда е прикажан како тотално бесмислен чин во кој војниците гинат беспотребно. Националистите и десничарите во Полска подоцна ќе му замерат на Вајда дека бил послушник на комунистичките власти во Полска, па затоа го протежирал стереотипот наречен „kozietulszczyzne“ („кожетулшчезне“), кој ги прикажувал полските патриоти во крајно негативна конотација…

ПЕПЕЛТА беше во официјалната натпреварувачка конкуренција на Филсмскиот фестивал во Кан 1966 година, а Вајда беше номиниран за „Златна палма“ за најдобра режија.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

19 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

КАНАЛ

(Kanal)

Игран филм, Полска

1957, 95 мин,. црно-бел, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Јержи Стефан Ставински (Jerzy Stefan Stawinski)

Улоги: Тереза Ижевска, Тадеуш Јанчар, Венчислав Глински, Тадеуш Гваздовски, Станислав Микулски (Teresa Izewska, Tadeusz Janczar, Wienczyslaw Glinski, Tadeusz Gwiazdowski, Stanislaw Mikulski)

Приказната на филмот, кого историчарите на филмот и филмските критичари го сметаат за алегорична слика на пеколот, е сместена во Полска за време на Варшавското востание во Втората светска војна. Еден од најгрозоморните настани во трагичната војна се случува кон крајот на летото 1944 година. Вооруженото востание е кренато од страна на полското движење на отпорот или Татковинската (Земска) војска (на полски Armia Krajowa) за време на повлекувањето на германската армија под налетот на советската Црвена армија, која ги потиснува нацистите од територијата на СССР и напредува кон Берлин. По почетните успеси на полските борци, отсуствува помошта за востанието од страна на Црвената армија, па Германците го задушуваат во крв и го разурнуваат градот до темел, слично како и Варшавското еврејско гето при очајничкото востание во 1943 година. Поручникот Задра добива наредба да ги скрие неговите борци во градската канализација, но, нивниот очајнички обид да го избегнат најлошото ќе резултира со многу жртви и страдања. Во клаустрофобичниот простор во кој Вајда го сместува мизансценот на воената драма, се преплетуваат личните драми со општата агонија на градот. Поручникот Задра е командант на одред кој брои 43 борци, опколени од нацистите во една населба. Иако знаат дека немаат шанси за успех, тие храбро се борат против Германците. Меѓу борците се наоѓа и војникот Јацек, со партизанко име Кораб: во моментот кога во четата пристигнува неговата девојка Стокротка, Кораб е ранет. Штабот им наредува на борците да се повлечат и да се пробијат до центарот на градот низ градската канализација. Иако Задра и борците не сакаат, мора да ја послушаат наредбата. Низ цевките на канализацијата, освен одредот се крие и бројно цивилно население кое сака да ја избегне одмаздата на германските војници. Борците од одредот имаат проблеми со нив, со гасовите кои се ослободуваат и ги зашеметуваат, како и со лавиринтот од канали кои се податни за криење, но и тешки за наоѓање излез од целата таа ситуација. Ранетиот Јацек со помош на Стокротка некако се пробиваат низ канализацијата, а Задра и соборците се мачат да го најдат излезот. И кога некако ќе успеат да стигнат до излезот, таму ги чека непријатно изненадување…

КАНАЛ, со претходниот филм на Вајда, дебитантскиот ПОКОЛЕНИЕ (Pokolenie, 1954), како и со наредниот наслов ПЕПЕЛ И ДАЈАМАНТИ (Popiól i diament, 1958) – ја сочинуваат неговата воена трилогија од Втората светска војна. Вајда за КАНАЛ ја доби „Специјалната награда на жирито“ во Кан – наградата ја подели со Ингмар Бергман за СЕДМИОТ ПЕЧАТ (The Seventh Seal) – а филмот беше номиниран и за канската „Златна палма“, наградата БАФТА, итн…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

20 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ

(Popiól i diament / The Ashes and Diamonds)

Игран филм, Полска

1958, 105 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Јержи Анджејевски (Jerzy Andrzejewski)

Улоги: Збигњев Цибулски, Ева Кжижевска, Валцлав Застжежински, Адам Павликовски, Богумил Кобјела (Zbigniew Cybulski, Ewa Krzyzewska, Waclaw Zastrzezynski, Adam Pawlikowski, Bogumil Kobiela)

Мачеј Хелмицки е млад борец на полската (земската) татковинска војска и последниот ден од Втората светска војна добива наредба да го убие секретарот на Комунистичката партија – Шчука. За време на војната, Мачеј и Шчука биле во две идеолошки спротивставени групи борци – демократското крило верувало во Западот, комунистичкото во СССР – но целта им била заедничка: борба против нацистите. Шчука претходно го избегнал атентатот, бидејќи, наместо него, по грешка се убиени двајца невини работници. Мачеј има морални сомнежи дали да ја изврши наредбата, но зема соба во хотелот веднаш до онаа на Шчука. Во хотелот треба да се одржи прослава во чест на победата над Германија. Мачеј ја запознава келнерката Кристина и меѓу нив веднаш се случува „хемија“, па завршуваат во собата на Мачеј, каде што водат љубов, но и во тие моменти тој размислува за ликвидацијата на Шчука. Шчука се враќа во собата, но Мачеј и Кристина излегуваат на прошетка. Стигнуваат до местото каде што се телата на несреќните работници и колебањето на Мачеј станува сè поголемо. Неговиот соборец Анджеј му се заканува дека ќе биде прогласен за предавник ако не ја изврши наредбата. Комунистичката војска заробува група борци на Татковинската (Земска) војска, меѓу кои и синот на Шчука. Во хотелот доаѓа офицер, кој го известува Шчука за неговиот син. Кога Шчука излегува од хотелот, Мачеј го следи и го убива, а потоа бега, но наидува на група војници кои го рануваат…

Критичарите ја истакнуваат исклучителната визуелна и монтажна димензија на ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ, полн со симболични елементи, и влијанието што во тој период од творештвото на Вајда го имал филмот ГРАЃАНИНОТ КЕЈН (Citizen Kane, 1941) на Орсон Велс (Orson Welles), а посебно неговиот кинематографер Грег Толанд (Gregg Toland ). Филмот ја добива наградата на критиката ФИПРЕСЦИ на фестивалите во Венеција и на островот Фаро. На фестивалот во Фаро – Вајда ја освојува и „Големата награда на жирито“, а беше номиниран и за наградата БАФТА, како што беше и главниот актер – Збигњев Цибулски.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

21 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА) 20:00 ч.

НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ

(Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres)

Игран филм, Полска

1960, 87 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Јержи Анджејевски, Јержи Сколимовски (Jerzy Andrzejewski, Jerzy Skolimowski)

Улоги: Тадеуш Ломницки, Кристина Стипулковска, Ванда Коческа, Роман Полански, Згигњев Цибулски (Tadeusz Lomnicki, Krystyna Stypulkowska, Wanda Koczeska, Roman Polanski, Zbigniew Cybulski)

НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ е на некој начин автобиографски филм на Вајда и прв негов наслов со современа тематика, а во една од главните улоги настапува и Роман Полански, а косценарист на веќе потврдениот Јержи Анджејевски, е Јержи Сколимовски, подоцна еден од водечките автори во полската кинематографија.

Млад и згоден доктор постојано е цел на додворување од страна на жените. Слободните вечери ги минува во боксерски клуб, свирејќи во џез оркестар. По еден таков настап, докторот и неговиот пријател заминуваат во кафуле, каде што неговиот пријател сака да ја запознае непознатата девојка што му се допаѓа. Сакајќи да му помогне на пријателот, докторот прв ѝ приоѓа на девојката и се запознава со неа. Докторот се претставува под лажното име Василие, а девојката, исто така лажно, како Пелагија. Потоа ќе завршат во неговиот дом, разговарајќи за моралот и љубовта. Според договорот, нивната намера е вечерта да ја минат со малку алкохол, прв бакнеж, интелектуален разговор и легнување в кревет. Но, циничната игра што заеднички ја започнале постепено се исполнува со искрени романтични чувства… НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ е лирска сторија на Вајда за генерацијата млади Полјаци од раните шеесетти години на минатиот век, кои за себе велат дека во дамнешните времиња мудреците трагале по богатство и лекови, а тие се невини волшебници што итаат да ги убијат сопствените надежи…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

22 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО

(Czlowiek z zelaza / Man of Iron)

Игран филм, Полска

1981, 153 мин., црно-бел/боја, ДЦП

Режија: Анджеј Вајда (Andrzej Wajda)

Сценарио: Александер Шчибор-Рилски (Aleksander Ścibor-Rylski)

Улоги: Јержи Радзивилович, Кристина Јанда, Маријан Опанија, Ирена Бирска, Вислава Космалска (Jerzy Radziwilowicz, Krystyna Janda, Marian Opania, Irena Byrska, Wieslawa Kosmalska)

ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО е продолжение на ЧОВЕК ОД МЕРМЕР, во кој ги следиме истите ликови, Мачеј Томчик, синот на работничкиот херој Тадеуш Биркут (Радзивилович во двете улоги). Винкел (Опанија) е новинар од националното радио, склон кон алкохолизам, и добива задача да го истражува минатото и поведението на Томчик во бродоградилиштето во Гдањск, каде што започнува полската демократска револуција. Винкел треба да го дискредитира Мачеј Томчик бидејќи е член на движењето Солидарност, кое на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век организира штрајкови на работниците, па државата мора да воведе вонредна воена состојба. Приликата за дискредитација на Томчик е податокот дека е син на Тадеуш, кој организирал работнички штрајкови отккао сфатил дека е злоупотребен од комунистичките политичари. Тука е и ликот на Ањешка (Јанда) од претходниот филм ЧОВЕК ОД МЕРМЕР, во ликот на сопругата на Мачеј, притворена од властите. Медиумите под политичка контрола на комунистичката власт ќе имаат пресудна улога во судирот на синдикалните водачи на работниците со владејачката елита. Интересно е што во филмот мала епизодна улога има и Лех Валенса (Lech Wałęsa), вистинскиот претседател на синдикатите Солидарност во премрежијата на полското општество во осумдесеттите, кој се игра себеси. Филмот ја има документаристичката фактура со цел да ги прикаже економско-политичките прилики во тој период во Полска, па добар дел од филмот е снимен на локациите во Гдањск и бродоградилиштето.

ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО му донесе „Златна палма“ и „Награда на екуменското жири“ на фестивалот во Кан, како и наградите на здруженијата на лондонските и њујоршките филмски критичари. Филмот освои и номинација за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм, но Полска го повлече филмот од конкуренцијата.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.