Кинотеката: Програма за месец август

13

Август, осмиот месец во годината, важи за еден од еден од најтоплите месеци. Во ерата на Римската империја август „не постоел“, т.е. името на месецот било Sextilis, што значи „шести месец“ и имал 29 дена. Историските хроники велат дека во осмата година пред Христа (8г. п.н.е.), Римскиот сенат донесува одлука овој месец да се преименува во август (Augustus) во чест на императорот Октавијан Август, посвоениот син на Јулије Цезар и прв Римски цар. За време на реформата од страна на Цезар, на месецот Август му е додаден уште еден ден, а по преименувањето од Sextilis во Augustus месецот добива уште еден ден (кој е одземен од февруари), па овој месец добил 31 ден.

Август, пак, во нашиот народен говор има и други имиња: жетвар/житар – месец на житото; прабражденски/преображденски (христијанскиот празник Преображение); гумнар (од гумно, каде што се врши житото)… И ако, на некој начин, бил измислен со текот на времето, денес ни се чини дека е како создаден за кино-проекции под отворено небо. Кинотеката со нејзиното летно кино „Мирно лето“ ја има вистинската забава во вечерните часови во (нај)топлиот месец. Да одиме по ред.

Августовската програма ја започнуваме со неколку актуелни француски филмови.
Играниот ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА (Les Olympiades, Paris 13e / Paris, 13th District) на Жак Одијар (Jacques Audiard) е забавна колекција на испреплетени приказни за ликовите што се спојуваат во 13-тиот арондисман на француската престолнина, а документарниот КАДИФЕНА КРАЛИЦА (La panthère des neiges / Velvet Queen) на авторите Мари Амиге, Венсан Миние (Marie Amiguet, Vincent Munier), ни раскажува сторија за потрагата по снежниот пантер. Следува СÈ ПОМИНА ДОБРО (Tout s’est bien passé / Everything Went Fine), суптилна драма со добро познатиот ракопис на Франсоа Озон (François Ozon), овој пат на секогаш контроверзната тема за евтаназија – убиство од милосрдие.

ВСЕЛЕНСКО МОМЧЕ (SpaceBoy) на Оливие Перу (Olivier Pairoux), филм за најмладата публика со приказна за 11-годишно момче кое има голема љубов кон вселената и науката. Јапонскиот филм ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА ( Gûzen to sôzô / Wheel of Fortune and Fantasy) на Рајусуке Хамагучи (Ryûsuke Hamaguchi) раскажува три приказни за три женски ликови и ги следи односите меѓу нивните избори и каењето: неочекуван љубовен триаголник, неуспешна замка за заведување и средба која произлегува од едно недоразбирање.

Во августовската програма повторно имаме проекции на исклучителниот француски филм ТИТАН (Titane) на Жулија Дукурно (Julia Ducournau), филмска бајка за возрасни исполнета со гнев, љубов и осаменост, која ја освои „Златната палма“ во Кан 2021, а Дукурно ја подели јавноста со оваа контроверзна филмска сторија. Филмот забележа над 110 номинации на филмските фестивали, освои 28 награди, а со него свечено беше затворено минатогодишното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Германскиот филм ФАБИЈАН (Fabian oder Der Gang vor die Hunde / Fabian: Going to the Dogs) на Доминик Граф (Dominik Graf) со приказна сместена меѓу подстанарите на Берлин и неговото подземје во 30-те години од минатиот век, каде што борделите се уметнички атељеа, а на улиците се нацистите со нивните гласни и навредливи пароли, освои петнаесетина номинации и шест награди на германските филмски фестивали.

Чилеанскиот наслов ЕМА (Ema) на Пабло Лараин (Pablo LarraÍn) е филм со неверојатна енергија, добра музика и фантастична кореографија, а за ролјата на Маријана Ди Хироламо (Mariana Di Girólamo) велат дека е една од најдобрите креации во светскиот филм во 2019. Авантуристичката акција ПЛАНИНА НА СМРТТА (Feng bao / Cloudy Mountain) на Ли Џун (Li Jun) е еден од најгледаните кинески филмови годинава во светот, со приказна фокусирана на скромноста и личната заложба на главните јунаци, бидејќи дејството не се занимава со спасување на целиот свет, туку на својот град, својот микроуниверзум во кој непријателот не е некој странец со супермоќи туку природна катастрофа.

ЈАЛДА, НОЌ ЗА ПРОШКА (Yalda, a Night for Forgiveness) во француско-белгиско-иранска копродукција, во режија на Масуд Бакши (Massoud Bakhchi), го поставува прашањето дали телевизиските реални шоуа можат да бидат замена за правдата? Во Иран може, ако даде Господ!

Францускиот наслов СВЕТОТ ПОСЛЕ НАС ( Le monde après nous / The World After Us) на Лода Бен Салах (Loda Ben Salah) е приказна за шесте месеци во животот на сиромашниот Лабиди, омеѓени со рокот од издавачката куќа и романсата со една убава студентка. Германскиот ГОЛЕМА СЛОБОДА (Große Freiheit / Great Freedom) на Себастијан Мајзе (Sebastian Meise) говори за машката хомосексуалност третирана како кривично дело во Германија низ два века и неколку тотално различни општествено-државни уредувања.

Полскиот филм ПОТ (Sweat) на Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn) е филм за инфлуенсерите на социјалните мрежи прикажан низ призмамата на една згодна, популарна и обожувана фитнес инструкторката. НОЌ НА КРАЛЕВИТЕ (La nuit des rois / Night of the Kings) на Филип Лакот (Philippe Lacôte) е филм снимен во џунглата на Брегот на слоновата коска, каде што затворот под отворено небо е арена во која животот се спасува или губи со раскажување приказни. Хрватскиот филм МАЈКА (Mater / Matriarch) на дебитантот Јуре Павловиќ (Jure Pavlović) е сторија за трауматизирана жена злоставувана од страна на мајка си.

Во август имаме и две проекции на филмови на 35 мм лента. Се работи за веќе класичните дела ЅВЕЗДЕН ЧОВЕК (Starman) на Џон Карпентер (John Carpenter) и ДЕЦА (Kids) на Лери Кларк (Larry Clark). А августовската програма ја затвораме со ФЕСТИВАЛ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ и проекција на НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray) на класикот Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau), кој заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност бил сметан за исчекор за стандардите на германскиот експресионизам…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.