Премиера на „ПС Бусан“ на Саша Станишиќ, снимен во Јужна Кореја

18
Краткиот филм „ПС Бусан“ (PC Busan) во режија на Саша Станишиќ, ќе има македонска премиера во среда (5 октомври) во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур”. Проекцијата по која ќе следи разговор со режисерот е во рамки на четвртото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ кој ќе се случува од 1 до 10 октомври. Влезот е слободен по претходна резервација во „Кафе и филм Котур”.

Станува збор за филм во јужно-корејска продукција којшто Станишиќ го направи за време на неговиот тринеделен резиденцијален престој во Бусан во 2019 година. Филмот е сниман на корејски јазик со целосно корејска екипа. Директор на фотографија е Чои Вонук, монтажер Ли Дон Мин, музиката е на Васана, а главните улоги ги толкуваат Ким Мин Ву, Парк Хо Чен, Џеонг Џи Јанг.

Главен лик во приказната е Гу, 40 годишен самец кој работи 60 часа неделно. Еднаш во неколку месеци, тој има слободен ден, во кој конечно може да биде она што сака да биде. Во филмот Станишиќ одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо. Во филмот режисерот покажува и уште еден вирутелен Бусан каде неговите жители можат да побегнат од реалниот живот и да бидат тоа што сакаат.

Светската премиера на филмот се случи за време на третото издание на Интерсити фестивалот во Бусан.

„ПС Бусан“ ќе се прикажува и како дел од ноемвриската програма на Кинотека на Севeрна Македонија од 15 ноември. 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.