Заврши 13. „МакеДокс“, следува втората етапа на Патувачкото кино

26

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ вообичаено почнува со високо подигнат кромид во рацете на фестивалската екипа и волонтерите, а завршува со голема забава на организаторите и волонтерите, на авторите на документарни филмови и на публиката во Куршумли-ан.

Во своето 13-то издание фестивалот „МакеДокс“ почна на 18 и заврши на 25 август. Во текот на осумдневното „лупење идеи“ беа прикажани 71 документарен филм во сите категории, дојдоа 83 гости од странство, се одржаа неколку сесии „Разговори под смоквата“ и многу Q/A разговори на филмските автори со публиката.

Посебно задоволство беше да се слуша мастеркласот на почесната гостинка Хелена Тшештикова, како и да се види фокусот на чешката документаристика. Данскиот консултант за документарни филмови, Туе Стен Милер, задоволно „триеше раце“ по одржувањето на работилницата за развој на идеи.

Во филмскиот сегмент беа доделени пет награди и четири специјални признанија, додека во индустрискиот дел се одржа четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот. Меѓу 11-те проекти што учествуваа на форумот беа доделени награди на проекти во развој. Проектите „I Have Never Been On An Airplane“ од Косово, „Prespes Symphony“ од Грција и „The 50TH and 1/2 State“ од Косово добија награда од мрежата „Doc Around Europe“, проектот „Hold Still“ (Турција, Франција) доби награда од Документарната асоцијација на Европа, додека наградата „Pitch the Doc“ ја добија проектите „The 50TH and 1/2 State“ (Косово) и „Punk Under Communist Regime“, копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Србија.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Следни активности на „МакеДокс“ се втората етапа на Патувачкото кино, кое ќе се одржи од 12 до 19 септември во Преспанскиот регион, а поддржувачи се Агенцијата за филм на РСМ и Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Во текот на септември екипата на „МакеДокс“ ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне и програмата „Зимски МакеДокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Doc Around Europe“.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.