“Црнила” на фестивал во Ниш

15

Театарски хип-хоп проект на МКЦ Скопје – „Црнила Ремикс“ е дел од официјалната селекција на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, кој од 5 до 9 август ќе се одржи во Ниш, Србија, на сцените во Нишката тврдина

Во рамки на популарниот „Нишвил џез фестивал“ од 2017 година како посебна програмска целина постои Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, на кој оваа година ќе бидат прикажани продукции од Франција, Швајцарија, Србија, САД, Хрватска, Бугарија и Македонија.

Програмската селекција на овој фестивал е базирана на продукции кои ја користат музиката како еден од главните драмски елементи во креирање на самата претства, а целата програма се прикажува исклучиво на отворени сцени низ градот.

„Ќе погледнеме од многу мали трупи како француската Les Nouveaux Ballets du Nord-Pas de Calais од Лил која ги комбинира техниките на театар, кукларство и танц, или пак хрватската трупа CIrk од Загреб која спојува театар, филм, циркус и визуелни уметности, или вашата Црнила Ремикс која ни доаѓа како претстава-концерт. Тука се и најдолговечните Мимарт театар (1984) – танцов и физички театар, и Дах театар (1991) – лабораториски театар поврзан со работата на Јержиј Гротовски и Еуџенио Барба, па се до светски познатата театарска трупа ЛаМама од Њујорк (1961) која ја негува работата на експерименталниот театар“ – потенцираше Маја Митиќ, уметнички директор и селектор на Нишвил меѓународен џез театар фестивал.

Со гостувањата на фестивалот Егзит во Нови Сад и клубот Мочвара во Загреб во 2019 година „Црнила Ремикс“ ги започна своите меѓународни активности, а проектот беше дел и од хибридната меѓунардона програмска соработка реализирана за време на пандемијата во 2020 година меѓу МКЦ Скопје и Кино Шишка од Љубљана – Cross Stream .

За потсетување, „Црнила Ремикс“ е урбано читање на класичното дело на Коле Чашуле, работено по идеја и режија на Јордан Симонов, со оригинален препев и музика на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот Зад Аголот. Членови на Организацијата се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.

Оваа музичко – драмска продукција имаше свои премиери во 2019 година на меѓународниот театарскиот фестивал МОТ и музичкиот фестивал Здраво млади, а покрај театарска и концертна верзија, овој проект во 2020 го доби и својот трет формат – аудио запис на винил.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.